Малата хероина Дариа, која на 3 години ја победи леукемијата, во рачно изработена маска како Венсдеј Адамс (фото)
- Детали
- сабота, 01 април 2023
„Дариа е возбудена и пресреќна. Очекува дека ќе има многу деца маскирани во ликовите на ‘Addams Family’. Тоа ѝ е омилената серија во моментов“ – вели во изјава за CRNOBELO.com Азра Чулевиќ, мајката на малата хероина, Дариа, која на само 3 години успеа да се избори со леукемијата.
На Денот на шегата најмногу се радуваат најмалите, а посебно нè радува кога ќе видиме дека некои дечиња кои уште на многу мали нозе заедно со нивните родители ја воделе најтешката борба за животот, закрепнуваат и успеваат да извојуваат победа.
Преку ексклузивното интервју за CRNOBELO.com, објавено во јули 2022-ра година, македонската јавност имаше можност да се запознае со приказната на малата Дариа Чулевиќ која успеа да ја победи лекуемијата и по 9-месечното лекување заѕвони на ѕвончето на Детската клиника.
На Инстаграм профилот што го води нејзината мајка Азра, се објавени фотографии од првоаприлската маска што малата хероина ја носи денес (01.04) по повод Денот на шегата.
Како и голем број други дечиња, Дариа за првата Априлијада откако се избори со кобната болест, имала желба да се маскира во Венсдеј Адамс.
„Повеќето детали од маската се искористени од нејзината облека. Здолништето е направено од тул, а раката е од медицинска ракавица полнета со лио. Косата е лепена на венче“ – појаснува во изјава за CRNOBELO.com, мајката на Дариа, Азра.
Таа вели дека Дариа во моментов е воодушевена и пресреќна.
„Очекува дека ќе има многу маскирани во ликовите од ‘Addams Family’, бидејќи тоа ѝ е омилената серија во моментов. Сега се подготвуваме да одиме на еден од настаните организирани во Скопје и мислам дека ќе ѝ биде забавно на Дариа“ – вели мајката.
Прочитајте и Мини штрумфови шетаат низ трговски центар во Скопје + првоаприлските маски на децата на Македонците на Инстаграм
Погледнете повеќе фотографии од маската на Дариа во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело