„Не сум херој, само си ја вршев должноста“: Момче (18) помогнало во спасувањето на 16 патници по трагичниот судир во Грција
- Детали
- петок, 03 март 2023
„Со мојот пријател истрчавме кон вагоните 3 и 4 за да спасиме што е можно повеќе луѓе и, заедно со спасувачите, успеавме да ги извлечеме патниците. Сè што мислев е дека морам да спасам уште една личност. Во вагонот 3 видов многу мртви“, открива 18-годишниот Андреас со чија помош биле спасени 16 лица по судирот на возови во Грција.
По страшниот судир на возови во Грција, јавноста беше трогната од храброста на 20-годишниот Андреас Аликаниотис кој самиот спасил десетина патници.
Но, Андреас не е единствениот кој го ризикувал својот живот за да спаси некого.
18-годишниот Ангелос Циамурас помогнал во спасувањето на 16 патници од судирот во кој загинаа над 50 лица.
„Не мислев на ништо друго освен дека треба да им помогнам на луѓето“, вели тој за грчката телевизија MEGA.
Младиот Ангелос го поминал викендот во грчкиот град Патра со своите пријатели. Но, забавното патување завршило кобно.
„Со мојот пријател истрчавме кон вагоните 3 и 4 за да спасиме што е можно повеќе луѓе и, заедно со спасувачите, успеавме да извлечеме 16 патници. Сè што мислев е дека морам да спасам уште една личност. Ништо повеќе!
Вo вагонот 3 видов многу мртви. За жал, не можев да направам многу. Пожарот се прошири. Вагонот 1 веднаш се распадна, вагонот 2 беше уништен од пожарот“.
И покрај херојскиот подвиг, Ангелос вели дека не сака да биде нарекуван херој.
„Не сум херој, не ме нарекувајте така. Едноставно си ја вршев должноста кон другите. Гo искажувам моето најдлабоко сочувство за семејствата на починатите. Се надевам дека ќе се преземе нешто за во иднина да не се повторат слични трагедии“.
За истата телевизија, Ангелос опиша и како изгледал судирот и како пробувале да ги извлечат патниците пред да пристигнат спасувачките екипи.
„Јас бев во вагонот 6 – таму ударот беше многу мал и никој не беше повреден. Кога сите излеговме од вагонот, тргнав кон вагоните 5 и 4 за да извлечам што е можно повеќе луѓе.
Потоа, заедно со еден маж отидовме во најпогодениот вагон 3. Оттука спасивме барем пет лица кои беа сериозно повредени. Немавме вода и кислород за спасените од третиот вагон. Беше како огнен пекол…
Моравме да ги извлечеме луѓето што е можно побрзо. Се тркавме со времето. Конечно успеавме… Не знам дали некој им се јавил, но потоа спасувачите пристигнаа многу брзо“.
Судирот на товарниот и патничкиот воз се случи во Лариса, на 28-ми февруари, неколку минути пред полноќ.
Во патничкиот воз имало стотици патници, а при судирот неколку вагони се превртиле, а настанал и пожар.
Според BBC, бројот на жртви се искачи до дури 57, а има и многу повредени.
Во Грција имаше и протести со кои граѓаните бараат некој да сноси одговорност за трагедијата.
Прочитајте повеќе: Сведоштво од преживеани за страшниот судир на возови во Лариса, Грција: „Се превртувавме, вагонот гореше“ (фото+видео)
Спирова С. | Црнобело