Има дислексија, велат дека нема среќа во љубовта – Каде е денес и што прави Асли Енвер од „Истанбулската невеста“?
- Детали
- недела, 23 октомври 2022
Со сопругот се развела по само 3 години брак, а оттогаш имала неколку посериозни врски, кои завршиле со скандали. За бившиот дечко дознала дека ја изневерува откако неговите приватни разговори беа објавени во сите турски медиуми - факти за Асли Енвер, актерката позната по турска серија која се емитуваше и кај нас.
На македонската публика ѝ стана позната по улогата во серијата „Истанбулската невеста“, а во родната Турција важи за една од најубавите млади актерки.
Која е Асли Енвер и што знаеме за неа?
Асли е родена во 1984-та година во Лондон, а има еден постар брат и една помала сестра. Нејзиниот татко бил текстилен работник и има кипарско-турско потекло, а мајка ѝ Дилек заминала на факултет во Англија и таму се запознала со таткото на Асли.
Младата актерка учела основно образование во Лондон, а во 1996-та година, кога имала 12 години, нејзиното семејство одлучило да се пресели во Истанбул, каде Асли ќе заврши средно образование и ќе дипломира на факултет за драмски уметности.
Филмската кариера ја почнува уште во 2003-та година, а оттогаш па досега се појавува во повеќе проекти, каде остава силен впечаток со својот талент за глума и со убавината. Сепак, серијата „Истанбулската невеста“, каде ја игра улогата на Суреја ќе ѝ донесе слава во повеќе земји.
Освен на Балканот, Асли е мошне популарна и во Јужна Америка, каде од минатата година почна да се емитува споменатата хит серија.
Во една прилика Асли призна дека страда од дислексија и отворено говореше за тоа како кај неа се одразила состојбата. Таа рече дека како дете имала голем проблем со читањето и дека со текот на годините научила дека тоа не е недостаток, туку нашла тактики како да се снајде.
„Читам така што ги подвлекувам сценаријата и се обидувам веднаш да ги запомнам. Колку повеќе вежбаш толку полесно наоѓаш начин“ – рече таа.