Живот од соништата: Млад пар од Србија патува низ светот, 2 години биле „заглавени“ во Виетнам – сега тоа е нивниот дом (фото)
- Детали
- сабота, 30 јули 2022
Ирена Петковиќ е родена во Лесковац, а дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Белград. За себе вели дека е некој што го бара непознатото, некој што копнее по нови предизвици, но пред сè по слобода, патувајќи низ светот. И таа не е сама во приказната.
Ирена и Бојан се млад авантуристички пар кој за осум години посетиле над 30 земји на неколку континенти.
Таа вели дека патуваат полека и остануваат долго на едно место, а честопати се враќаат во земји каде што веќе биле.
Се определиле за т.н. „бавно патување“, како „дигитални номади“ кои имаат тенденција да се населат во една земја на подолг временски период, со цел да ја почувствуваат локалната култура, секојдневието и да си го обликуваат животот според местото каде што се наоѓаат во моментот.
Сепак, најинтересната случка која засекогаш му дала поинаков правец на нивниот живот е патувањето од пред 2 години низ Југоисточна Азија.
Нивната идеја била да најдат работа преку Интернет и со ова патување да пронајдат и идеално место за подолго стационирање.
Ирена и Бојан биле убедени дека тоа ќе биде Бали, но никогаш не стигнале до посакуваната дестинација. Неколку дена пред летот за Индонезија, оваа земја ги затворила границите поради корона вирусот, а не премногу долго после ова и Србија го сторила истото.
Парот останал „заробен“ во Виетнам, каде што пристигнале по само еден месец како дел од планираната турнеја низ Азија. Биле убедени дека целата драма со вирусот ќе заврши за неколку месеци, па решиле да останат во градот Да Нанг.
По точно 9 месеци во Виетнам, славејќи ја Новата година со нивните виетнамски пријатели, двајцата знаеле дека „тоа е тоа“. Сфатиле дека не може да чекаат месец по месец да заврши пандемијата за да се вратат во Србија, па цврсто решиле дека Виетнам е нивниот нов дом!
Неколку месеци се претвориле во година, па во две. Две години во рајот, како што кажуваат и двајцата, двете најубави години во нивните животи, само поради една луда одлука – да се остане подолго во Виетнам.
Виетнам цели две години бил затворен за туристи, а тие ја имале можноста да ја доживеат оваа земја каква што е непозната дури и за локалното население.
Без орди на туристи и пренатрупани туристички места, со празни плажи, дружење со Виетнамци, го искусиле автентичниот, лесен, локален живот, кој според нив, има само една цел – да се живее во мир.
Животот во Виетнам го опишуваат како „организиран хаос“, а објаснуваат дека Виетнамците честопати си заминуваат без да се збогуваат ниту објаснуваат зошто мора да си отидат. Тоа за нив било мошне ослободително чувство, особено затоа што доаѓаат од општество каде што постојано се оправдуваме и објаснуваме.
Со нескротливиот истражувачки дух набрзо дознале каде се кријат најдобрите пазари, кој продава добро авокадо, каде се скриените плажи, каде мештаните пијат кафе и како се јадат традиционалните јадења.
Ирена вели дека соништата се остваруваат токму во вистинскиот момент, дека мирот не е само во нас, туку дека оние околу нас многу влијаат на овој однос на благосостојба, и дека СЕГА е вистинскиот момент за авантура.
Судејќи според нејзините фотки на Инстаграм, целосно ѝ веруваме:
(О)Милена | Црнобело