Дамијан Песек е еден од ретките што бил нападнат од ајкула во Хрватска: „Каде згрешив и на што најмногу внимавам денес?“
- Детали
- недела, 24 јули 2022
„Бев среќен. Тука сум и најважно е што сум жив. Можеше да биде многу полошо“ - изјави во 2008-ма Словенецот Дамијан Песек кој тогаш преживеа напад од бела ајкула во Јадранското Море. Колку се чести нападите од ајкули во близина на Хрватска?
фото: slovenskenovice
Во Јадранското Море според истражувањата живеат 54 видови ајкули.
На социјалните мрежи редовно се појавуваат видеа од ајкули што пливаат во непосредна близина на брегот на Хрватска. Но, тука се поставува прашањето колку тие се опасни?
Од сите видови ајкули што живеат во Јадранското Море се смета дека три вида се најопасни.
Сината ајкула ги сака топлите мориња и најчесто е застапена во јужните делови на Јадранот. Воедно тоа е најраспространет вид на ајкули на Јадранот. Најчесто се храни со риба, но може да биде опасна и за капачите во морето.
Втор опасен вид е долгоносестата ајкула препознатлива по вретенестото тело и шилестата муцка. Телото ѝ е во темносина боја, додека пределот околу стомакот ѝ е бел.
Најопасна од сите е големата бела ајкула, која е една од најагресивните ајкули што честопати ги напаѓа капачите низ светот. Белата ајкула може да нарасне и до пет метри и се смета за ретките видови ајкули во Јадранското Море.
Колку се опасни нападите од ајкули?
Се смета дека шансите за напад од ајкула се минимални, затоа што големите риби во главно се држат на отворено море.
Во балканските води на Јадранското Море во последните 100 години се забележани само 10-тина случаи на напади на ајкули на луѓе.
Последната жртва бил Германецот Ролф Шнајдер кој настрадал во 1974-та година во местото Локва Рогозиница, во близина на градот Омиш во Хрватска.
Ајкулата му ја одгризала ногата, по што тој успеал да стигне до брегот, каде им подлегнал на повредите.
Последниот напад на ајкула што се случил во поново време е во 2008-ма година кога словенскиот нуркач Данијел Песек од Љубљана беше нападнат од бела ајкула во близина на островот Вис.
Воедно тој е единствената жртва што успеала да раскажува за блиската средба со белата ајкула.
Нуркачот на себеси имал уловена риба и се претпоставува дека токму тоа била причината заради која бил нападнат. Се смета дека ајкулата се обидела да ја земе уловената риба што му била обесена на половината и притоа го гризнала.
Според неговото сведоштво, искусниот нуркач во оваа ситуација реагирал инстинктивно. Откако ајкулата го загризала тој се свртел и со целата сила ја оттурнал, по што почнал веднаш да плива кон бродот каде што бил неговиот пријател Богдан Мешко и викал:
„Помош, бела ајкула! Бела ајкула!“
Благодарение на брзата реакција Дамијан успеал да стигне до пријателот кој веднаш со бродот се приближил до местото на нападот, а откако се качил на безбедно, неговиот пријател му ја ставил ногата во импровизиран завој.
Дамијан бил пренесен во болницата во Вис, па со воен хеликоптер веднаш го пренеле во болницата во Сплит, каде лекарите успеале да му го спасат животот и да му ја спасат и ногата.
Во изјава за словенечките медиуми, тој вели дека нападот не го спречува повторно да се нурне во морските длабочини.
Тој ретко говори за немилиот настан во медиумите, а во 2018-та година даде кратка изјава во која рече:
„Понекогаш стравот од ајкули е присутен, но тоа не значи дека треба да престанам да нуркам. Ако стравот се појави додека нуркам, веднаш застанувам и испливувам на површината. Јадранското Море е полно со ајкули. Тие отсекогаш живееле тука и секогаш ќе живеат“ – вели тој.
Дамијан вели дека иако лекарите успеале да му ја спасат ногата, сепак сѐ уште има проблеми со неа. Како што вели болките се полоши секоја наредна година, но потенцира:
„Бев среќен. Тука сум и најважно е што сум жив. Можеше да биде многу полошо“ – вели тој.
Како што вели, ја научил добро лекцијата дека ајкулите секогаш се во потрага по храна, па затоа сега кога лови риба додека нурка, уловот веднаш го носи во бродот.
Б. С. Б. | Црнобело