Критики по новиот трејлер за турската серија што се снима во Скопје: „Зошто македонското семејство зборува на турски јазик?“ (видео)
- Детали
- вторник, 14 јуни 2022
Од следната недела во Турција ќе почне да се емитува новата турска серија што во изминатиот период се снимаше на повеќе локации во Скопје, Balkan Ninnisi. Дел од публиката по објавениот трејлер замеруваат на тоа што македонското семејство во серијата зборува на турски јазик.
Публиката во Турција со нетрпение го очекува емитувањето на првата епизода на новата серија што во изминатиот период се снима во Скопје, а раскажува за забранетата љубов меѓу момче и девојка од двете страни на Вардар.
Продуцентите вчера го објавија промотивниот трејлер за првата епизода од турската серија Balkan Ninnisi што во изминатиот период се снимаше на повеќе локации во Скопје, а најавено е првата епизода да почне да се емитува на турската телевизија TRT1 од 21-ви јуни (вторник) во 20.00 часот.
До трејлерот е ставен краток опис на видеото:
„Можеби со текот на времето нашите семејства ќе се навикнат едни на други и ќе научат да ја почитуваат нашата љубов“.
Во трејлерот може да се види бурната реакција на таткото на момчето кога дознава дека неговиот син е вљубен во Македонка, но се добива и увид во животот на семејството на убавата Јованка.
Во главните улоги се појавуваат Ердал Озјагџилар, како Сулејман Ќуфтеџи, кој на македонската публика ѝ е добро познат по улогите во „Збогум Румелија“ и „Зет Домазет“, Мерих Озтурк во улогата на Јованка и Емре Беј во улогата на синот на Сулејман.
Реакциите на социјалните мрежи се поделени. Додека едни со нетпрение ја очекуваат првата епизода, други замеруваат дека серијата не е веродостојна затоа што семејството на девојката Јованка, во серијата не зборува на македонски, туку на турски јазик.
https://twitter.com/1dizihayrani/status/1536455025043640325
Прочитајте и Магијата на скопската чаршија во новиот трејлер за турската серија што се снима во Скопје (видео)
Погледнете го трејлерот во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело