Магијата на скопската чаршија во новиот трејлер за турската серија што се снима во Скопје (видео)
- Детали
- вторник, 31 мај 2022
Оние што честопати шетаат низ Старата скопска чаршија лесно ќе ги препознаат местата снимени во новиот трејлер за турската серија Balkan Ninnisi што се снима во Скопје. Можете ли да препознаете каде се наоѓа ќебапчилницата на Сулејман Ќуфтеџи?
За сите оние што со нетрпение го очекуваат емитувањето на новата турска серија што се снима во Скопје, Balkan Ninnisi, турската телевизија TRT 1 на социјалните мрежи објави уште еден трејлер со кој преку прошетката на Сулејман Ќуфтеџи од Камениот Мост до неговиот дуќан ја доловува магијата на старата скопска чаршија.
Од старата воена опрема исправена пред продавницата за сувенири, преку сините чадори за сенка поставени пред еден од објектите до мирисот на вкусните плескавици и ќебапчиња - видеото ја доловува вистинската магија на чаршијата, местото каде што се собираат луѓе од сите националности што живеат во Македонија.
Оние што добро го познаваат овој дел од Скопје сигурно ќе се обидат да одгатнат каде точно се наоѓа ќебапчилницата „Камен Мост“ на Сулејман Ќуфтеџи.
Турската серија Balkan Ninnisi почна да се снима кон средината на мај годинава на повеќе локации во Скопје, а веќе во вториот трејлер може да добиеме увид за животот на едно од двете семејства засегнати во серијата.
Приказната во серијата ја следи приказната за „забранетата“ љубов помеѓу Македонка и Турчин, кои живеат на двете страни на Вардар.
„Приказната за градот Скопје, поделен со реката Вардар и споен со Камениот мост...
Доаѓа серија која ќе ви се допадне со главната актерска екипа и искрена и забавна приказна! Серијата која ги раскажува искрените, веселите и забавните приказни на балканските луѓе, ќе привлече внимание и со својата актерска екипа“ – се вели под видеото.
Новиот трејлер е поздравен со голем број позитивни коментари од љубителите на турските серии кои со нетрпение очекуваат да ги видат првите епизоди од серијата што на турската телевизија ТРТ 1 треба да почне да се емитува од септември.
Режисер на филмот е Доан Умит Караџа, човекот што стоеше и зад режијата на сериите „Долина на Волците - Заседа“ и „Збогум Румелија“, а приказната подеднакво ќе опфаќа сегменти од животот на турските и македонските семејства на двајцата млади протагонисти.
Во главните улоги се појавуваат Ердал Озјагџилар, како Сулејман Ќуфтеџи, кој на македонската публика ѝ е добро познат по улогите во „Збогум Румелија“ и „Зет Домазет“, Мерих Озтурк во улогата на Јованка и Емре Беј во улогата на синот на Сулејман.
Прочитајте и Една од најубавите Турчинки ја глуми Македонката заљубена во „забранет“ дечко – кои се актерите од турската серија што се снима во Скопје?
Погледенете го вториот трејлер:
Б. С. Б. | Црнобело