Васил Зафирчев за родниот град: „Спомен куќата на Рацин ми е меѓу омилените места во Велес“
- Детали
- среда, 26 февруари 2025
„Новиот и стариот мост, малото мовче и железен мост се дел од мостовите во Велес, заради кои градот за време на османлиското владеење бил наречен Ќупурли или Град на мостови“ - вели актерот Васил Зафирчев во серијалот „За мојот роден град“ за CRNOBELO.com.
Актерот Васил Зафирчев долги години живее на релација Велес-Скопје.
Работата со театарот и снимањата често го води во неговиот роден град, каде што поминал убаво детство и дел од својата младост.
Фото: Стефан Соколовски
А денес, во разговор за CRNOBELO.com, тој открива кои му се петте омилени места во градот, заради кои го сака Велес:
„Прва на листата е Спомен костурницата - импозантен и монументален споменик, вечно почивалиште на борците од НОБ.
За мене еден од најубавите примери на југословенскиот брутализам.
Прекрасна е симболиката на неговата форма, од една страна расцветан афионов цвет како симбол на слободата, а од друга страна распукан германски шлем, како симбол на победата над фашизмот.
Во неа е сместен и најголемиот мозаичен комплекс во Македонија, дело на академскиот сликар Петар Мазев, во кое преку композиција од пет делови на мозаици е претставена историјата на македонскиот народ.
Одбележување на 40 години од отворањето на Спомен костурницата во Велес
Следни се мостовите на Вардар. Новиот и стариот мост, малото мовче и железен мост се дел од мостовите во Велес, заради кои градот за време на османлиското владеење бил наречен Ќупурли или Град на мостови.
Тие не само што ги поврзуваат левата со десната страна на Вардар, стариот со новиот дел на градот, туку стануваат и некаква симболична поврзница на минатото со сегашноста.
Железен мост во сцена од авторскиот филм на Васил Зафирчев - „Елегија за тебе"
Спомен куќата на Кочо Рацин, сместена во „Сокачето на поезијата“, а изградена во духот на старата велешка архитектура, е потсетник на еден од најголемите македонски поети и основоположник на современата македонска литература, е трета на мојата листа.
Покрај грнчарската работилница во приземјето, неверојатен е чардакот на куќата од кој има прекрасен поглед на градот.
Во куќата е сместена и музејска поставка со оригинални ракописи на Рацин и голем број други спомени за неговиот живот и дело.
Настап на 55. "Рацинови средби" пред Спомен куќата на Рацин
Следна на мојата листа е црквата Св. Пантелејмон - денес соборен храм на Повардарската епархија, извонредно дело на надалеку прочуениот македонски неимар и градител на цркви Андреја Дамјанов.
Црквата, освен по барокните елементи, е позната и по прекрасната акустика добиена со вградување грнчарски производи во ѕидовите и со користење лушпи од јајца во малтерот.
Концерт на црковниот камерен хор "Св. Вмч. Пантелејмон"
Езерото Младост е уште едно место во мојот топ 5 избор.
Иако изградено за наводнување на лозовите насади и земјоделските плантажи во околината, кои често страдале од суши во минатото, денес Велешкото езеро е многу посетувано туристичко место, кое покрај за угостителство е и зона за спорт и рекреација.
Освен за спортски риболов, езерото најчесто е посетувано за традиционалните излети како оние за 1 Мај и Илинден, но и за капење во летните месеци.
ТВ снимање на езерото "Младост"
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





