Падот на хрватската музичка ѕвезда Тајчи – не можела да ја поднесе славата, била во депресија и жртва на силување
- Детали
- четврток, 30 септември 2021
Тајчи беше мошне популарна во поранешна Југославија. Си замина кога беше на врвот на славата. Сега првпат јавно проговори за борбата со депресијата, траумите од силувањето, смртта на сопругот и зошто одлучила да ја напушти славата...
Татјана Камерон на балканските простори попозната како Тајчи (51) денес отворено разговара за тешката болка и искуствата од животот.
Таа и до ден денес е една од најпознатите пејачки на овие простори благодарение на тоа што со песната „Hajde da ludujemo“ ја претставуваше тогашна Југославија на Евровизија во 1990-тата година што беше воедно и последен настап на Федерацијата.
Тајчи е родена како Татјана Матејаш, а денес го носи презимето на сопругот Метју Камерон. Сега живее во САД, а работи како музичар и животен тренер.
Таа неодамна беше гостинка во ток-шоуто „U svom filmu“ кај Тончица Челјуска каде отворено говореше за сопствениот живот, смртта на сопругот Метју, но и за славата што ја стекнала на само 19 години.
Како што вели, со музика почнала да се занимава уште од нејзината 4-та година. На 17 години со песната „Noć od kristala“ победила на Фестивалот во Загреб, па така иако многумина сметаат дека таа постигнала слава преку ноќ, сепак тоа се должи на нејзиниот вложен труд.
„Јас бев подготвена на сите музички сценски предизвици, но не и на тоа чувство...
Тоа не беше ниту регуларна слава... Тоа беше мошне интензивно и во тој миг немав алатки, ниту ментална ниту емотивна поддршка од некој што би можел тоа да го препознае и да ми го објасни.
Тоа беше еден сосема поинаков свет, сосема поинаква реалност“ – се присетува Тајчи.
Како што рече, уште пред да стане славна, Тајчи се соочувала со тешки емотивни мигови и се борела со неизлекуваните рани.
Нејзиниот ментор и менаџер Зринко Тутиќ на сите можни начини се обидувал да ја наговори да не се откажува од кариерата и да не замине во САД, но не успеал.
Како што вели, одлуката да си замине не следела затоа што сакала да направи кариера некаде на некое друго место, туку затоа што не гледала друг начин за да излезе од проблемите.
„А тие проблеми, не беа поради кариерата или песните, туку поради мојата неспособност да бидам здрава. Емотивно, ментално, духовно и физички“ – вели таа и додава дека во тој период воопшто не се говорело за булимијата, анксиозноста, депресијата, туку најчесто ѝ велеле дека е „мрзелива“ и „неблагодарна“.
По ова, одлучува да ѝ каже „Збогум“ на славата и да си замине, прво во Њујорк на пет години, а потоа и во Лос Анџелес каде играла во претстава и го запознала нејзиниот сопруг Метју, кој тогаш бил филмски продуцент и со кого има три деца.
Во период додека се обидувала да се снајде во САД, во првите пет години таму, таа самата признава дека за да си ги плати часовите за танц, со цел да се пробие на Бродвеј морала да го чисти студиото за танцување затоа што немала документи за работа.
Метју и Тајчи соработувале заедно во продуцирање црковна музика и заедно патувале низ САД со караван и со нивните деца.
Сепак, животот не престанал да ѝ задава удари, па во 2017-тата година и нејзиниот сопруг Метју починал во 47-мата година од животот по подолго боледување од рак.
Тајчи отворено проговори и за борбата со депресијата со која се борела од 17-тата година, а водителката ѝ постави прашање дали додека се лекувала од депресијата отворено проговорила за силувањето.
„По смртта на татко ми во 2007-мата година почнав да ја лекувам депресијата, но ми требаа повеќе години терапија за тоа што ми се случи да можам да го извадам од себеси, затоа што тоа е толку многу табу тема и ние жените не сакаме да говориме за тоа, не сакаме да признаеме дека тоа ни се случило. Ние не знаеме дали тоа ни се случило, дали тоа ни се случило или ние сме го барале или било нормално“ – вели Татјана.
Како што вели, одлуката да проговори за тоа што ѝ се случило било дури откако се запознала со една жена што дошла до неа, ја земала за раце и ѝ шепнала: „Бев силувана во 17-тата година. Никогаш никому не сум кажала. Ти си првата личност“.
Во продолжение погледнете го целото гостување на Тајчи:
Б. С. Б. | Црнобело