Српско-црногорски пејач со исповед за животот со биполарно растројство: „Со хипноза ми открија дека како дете сум бил злоставуван“
- Детали
- вторник, 24 септември 2024
„Јас мислам дека сум тажен роден, дека никогаш не знаев како да бидам среќен. На психијатрија со хипноза ми открија дека сум бил злоставуван како дете на 5-6 годишна возраст“, споделува пејачот Бојан Томовиќ, кој смета дека биполарното растројство му се појавило посттрауматски.
Бојан Томовиќ (41) е српскo-црногорски пејач кој во неколку интервјуа за српскиот медиум „Nova“ отворено говори за неговата дијагноза биполарно растројство.
Тој зад себе има низа скандали, кои често ги припишува токму на болеста, а се прослави уште како млад со песната „Plava motorola“, која е стара повеќе од 2 децении.
Вели дека веќе 12 години живее знаејќи за дијагнозата биполарно растројство, а сега најави дека дури ќе се снима и филм за неговиот живот, каде косовскиот актер Денис Муриќ ќе го глуми Бојан во 20-тите, а самиот Бојан ќе се игра себеси во 40-тите.
Биполарното растројство е состојба на менталното здравје дефинирана како повторливи епизоди на значително нарушување на расположението. Овие нарушувања може да се случат во еден спектрум кој се движи од депресија до незауздана манија.
За својата дијагноза тој вели:
„И пејачот Курт Кобејн боледуваше од биполарно растројство, а една негова песна се вика ‘Lithium’ затоа што ние кои боледуваме од оваа болест користиме литиум карбонат, кој е главен психостабилизатор за биполарните личности“, вели Бојан и додава дека овој лек правел да оди како зомби низ животот.
Томовиќ вели дека сам се пријавил да лежи на одделот психијатрија.
„Сам се пријавив затоа што имам биполарно растројство, плус и мајка ми и брат ми ме тераа да се лечам од алкохолизам.
Тоа беше трета среќа, моја трета хоспитализација. Втората ми беше присилна, полицијата насилно ме приведе и ме однесе.
Но, ова третото го направив по своја желба затоа што депресијата ми беше на максимум, ми правеа благи електрошокови на мозокот до 300 волти. Ти ја протресуваат главата, но потоа ти е подобро. Ми проработеа хормоните, но тие денови многу заборавав.“
Инаку Бојан откри дека од музичката продукција Универзал го контактирале откако јавно раскажал за својата дијагноза и му помогнале повторно да ја активира својата музичка кариера, па заедно снимиле 7 спота.
За спотот на песната „Kofer Zeleni“ тој вели дека има сцена која многу го ежи. Актерката Ева Рас, ангажирана за снимање на спотот, скришно му ставала лекарства затоа што одбивал да ги пие, нешто што мајка му навистина му го правела нему во реалниот живот.
Тој вели дека во 20-тите години од животот направил големи музички успеси, дека 30-тите како да ги преспал и сега во 40-тите повторно се враќа.