Во Загреб седеше пред хотел како бездомник, во Крагуевац го дочекаа како ѕвезда - Сите детали за престојот на Кијану Ривс во регионот
- Детали
- петок, 28 јуни 2024
Една од најскромните, а најголеми холивудски ѕвезди, Кијану Ривс, изминатите денови ги помина на Балканот. Што правеше во Загреб и Крагуевац, и какви барања имал пред посетата на двата града?
Веќе неколку дена на социјалните мрежи се споделува фотографијата од еден од омилените холивудски актери, Кијану Ривс, како седи на тротоар пред хотел, со ранец и шише Coca-Cola покрај себе, додека во раката држи скоро догорена цигара.
Во описот на фотката, што ја објави Jutarnji.hr стои:
„Не, ова не е бездомник во центарот на Загреб. Ова е една од најголемите холивудски ѕвезди. Легендарниот актер Кијану Ривс вечерва настапува на INmusic, а ние налетавме на него пред еден загрепски хотел, па му посакавме среќа“.
По оваа фотографија, многумина дознаа дека ѕвездата на Matrix е во регионот и дека со својот бенд Dogstar, ќе настапи не на еден, туку на два музички фестивала, во Загреб на INmusic и во Крагуевац на Arsenal Fest.
Бендот е формиран 1991 година, но се распаднале на почетокот на 2000-те. Во 2022 година членовите на Dogstar повторно се споија и оттогаш често имаат настапи и во САД, а сега и на музички фестивали низ светот.
Организаторите на концертот во Загреб не открија многу за барањата на Ривс и неговиот бенд, но затоа, организаторите на фестивалот во Крагуевац не криеја што барал тој пред доаѓањето во нивниот град и за локалните медиуми постојано нагласуваа дека е скромен и не бара многу.
„Мислам дека ова е една од најскромните рајдер-листи што сум ја прочитала јас. Прво и најважно што бара е сè да е чисто, без оглед дали е тоа чист мраз, чисти пешкири, чист тоалет или чиста соба, тоа им е најважно.
Интересно е што тој, за разлика од членовите на некои рок бендови, бара безалкохолно пиво и студено саке, јапонски пијалак кој не е вообичаено на рајдер листите.
Овошјето и сè останато, освен кокосовата вода, која веќе стана стандардно барање во рајдер-листите, може да се најде во продажба и кај нас. Сè останато се скромни барања“, рекла за медиумите една од организаторките на фестивалот.
За Ривс во Крагуевац имало и дополнително обезбедување, а кога се движел кон сцената, но и од почетокот до настапот бил поздравен со силни овации.
Тој, пак, насмеан ја отпоздравувал на публиката додека одел кон бината, а кога излегол на сцената со својот бенд, скоро цел настап го поминал свирејќи на својата бас гитара со затворени очи.
Некои медиуми пишуваа и дека на фестивалот во Крагуевац, Ривс ќе се сретне со своите фанови и ќе ги потпишува своите авторски стрипови, BRZRKR.
Овој стрип, кој ја раскажува крвавата приказна за бесмртниот воин, е најпродаваниот оригинален стрип-серијал во последните 25 години, а Кијану е автор на текстот.
Некои медиуми пренесоа и дека интересот за доаѓањето на Ривс во Србија бил толку голем, што актерот добил понуда и од свештенството на храмот Свети Сава во Белград да ги посети.
Иако организаторите му ја пренеле оваа порака, за сега не е потврдено дали прифатил.
Видеа од посетата на Кијану на Загреб и Крагуевац:
А. Ј. | Црнобело