Месојадни огнени црви се појавија на плажите на Јадранско Море: „По допирот како раката да ми гореше“
- Детали
- понеделник, 17 јуни 2024
„Ако огнениот црв ве допре, ќе чувствувате како раката да ви гори“ – вели познат јутјубер кој на своја кожа тестираше како изгледа блиската средба со овие месојадни црви кои во последните месеци беа забележани и во Италија, Црна Гора и Хрватска.
Јадранското Море трпи големи штети заради климатските промени, а доказ за тоа е и појавата на т.н. огнени црви, или месојадни црви кои претходно можеа да се забележат во плитките води на Карибите и во Атлантскиот Океан, околу Црвеното и средоземното Море
Сега овие црви се забележани на повеќе места околу Јадранското Море.
Хрватските биолози напомнуваат дека во минатото ги имало повеќе во јужните делови на Јадранското Море, но во последните неколку години се прошириле на средниот и северниот дел.
Годинава, огнени црви биле забележани во Италија, во регионите на Апулија, Сицилија и Калабрија, во Хрватска биле снимени во близина на островот Корчула, а во Црна Гора во близина на Будва.
Овие црви првпат биле откриени во 1766-та година на подрачјето на Карипското Море. Станува збор за термофилни црви, кои живеат во потопли води, а се со бело-црвена боја, можат да нараснат и до 70cm и да живеат и по 7 години.
Овие црви се месојадни и се хранат со голем број морски видови, од морски ѕвезди до риби. Тие имаат отров кој го ослободуваат на телото.
Најчесто се населуваат на карпестите предели на морињата до 20 метри длабочина, додека во потоплите мориња и на длабочина до 300 метри.
„Во лето се јавуваат во плитките води и може да бидат потенцијално опасни за капачите.
Имено, овој вид на секој дел од своето тело има снопчиња влакна кои во себе имаат невротоксин кој кога ќе стапи во физички контакт со кожата, може да предизвика болка, отекување, печење, црвенило и чешање.
Во плитките води најчесто страдаат капачите или рибарите додека го чистат рибарскиот алат.
Исто така, може да настрадаат и нуркачите кои ќе го допрат или ќе се потпрат на огнениот црв за време на нуркањето“ – вели Анте Жунец од Факултетот за природни науки во Пула за index.hr.
Пред неколку години, јутјуберот Марк Винс објави видео на својот канал во кое тестираше каква е болката откако ќе ве „опече“ огнениот месојаден црв.
Тој во аквариум намерно го допре црвот до раката за да види какво е чувството.
Како што вели на почетокот, кога ја допрел раката до црвот, не почувствувал ништо.
„По една минута ги почувствував првите знаци на интензивно печење и со текот на времето стануваше само полошо. Чувствував како да имам пожар под кожата“ – вели тој.
Според препораките на стручните лица, ако дојдете во близок контакт со огнен црв, местото веднаш треба да го исчистите со алкохол или студена вода.
Дополнително, како што може да се забележи и од видеото објавено од јутјуберот, при допирот на кожата остануваат мали влакненца, кои во никој случај не треба да ги допирате со рака (затоа што тие го шират отровот).
Влакненцата може да се отстранат со помош на леплива лента или селотејп.
Освен силната болка, може да почувствувате и покачена телесна температура, но и главоболка, а симптомите може да траат и до 2 дена.
Доколку се јави алергиска реакција, неопходно е веднаш да се побара лекарска помош.
Со оглед на тоа што овие црви имаат многу силна црвена боја и лесно се воочливи, потребно е да бидете внимателни и ако ги забележите веднаш да бегате подалеку од нив.
Б. С. Б. | Црнобело