Емотивна средба со семејството среде пат, Велигден ќе слават во Македонија - Што знаеме за подвигот на Никола Роквиќ?
- Детали
- понеделник, 29 април 2024
Откако на 22 април тргна пеш на пат долг 1.060km до Грција со хумана цел, Никола Роквиќ веќе собра 1/4 од потребните пари, а имаше и емотивна средба со сопругата и трите деца, со кои ќе слави Велигден во Македонија. Што знаеме досега за потфатот на пејачот?
Српскиот пејач Никола Роквиќ е на осмиот ден од неговиот голем потфат, да помине пеш 1.060km од црквата Св. Сава во Белград до манастирот Нектариј Егински во Егина, Грција.
Неговата цел е да ја зголеми свеста на луѓето за потребите на децата болни од рак и да собере пари со кои би се купил апарат за дијагностицирање рак на мозокот кај децата за Клиниката за детска онкологија во Белград, кој чини околу 200.000 евра.
За да ја реализира својата идеја, Никола, заедно со сопругата Бојана, ја формираше фондацијата „Porodica“ и ова е нивната прва активност.
Никола на 22 април тргна да пешачи кон Грција и во просек минува по околу 30km секој ден.
Тој оди и трча, а според неговите пресметки, целиот подвиг треба да го заврши за околу еден месец.
Неколку дена откако тргна на пат, Никола се сретна со семејството, сопругата Бојана и нивните три деца, кои со автомобил тргнаа кон Грција за пролетниот распуст.
Бојана на својот Инстаграм сподели моменти од нивната емотивна средба на патот.
Неговите постари ќерка и син трчаат да го прегрнат татко си, а Бојана им се придружува додека во раце го носи најмалото дете.
„Кога ќе сретнеш некого по пат“, напиша таа на семејната фотка.