Кучето-херој што бараше преживеани по земјотресот во Турција се вклучи во потрагата по Данка Илиќ (2) – Како Зиги ги бара луѓето?
- Детали
- петок, 29 март 2024
„Зиги, односно кучето за спасување од рушевини и потрага за луѓе, може да намириса само жива личност“ – вели чуварот на кучето-херој кое се вклучи во потрагата по 2-годишната Данка Илиќ од Србија, која веќе 4-ти ден се води за исчезната.
Четврти ден по ред трае потрагата по исчезното 2-годишно девојче од Србија, Данка Илиќ.
Според информациите, полицијата завршила со вештачењето на телефонот на мајката, таткото го поминал полиграфот, а на терен е донесено и кучето Зиги, службено куче на Министерството за внатрешни работи на Србија, кое е дресиранo за спасување луѓе од рушевини и потрага по луѓе.
Зиги, заедно со пожарникарите од Нови Сад, денес (29.03) се приклучи во потрагата по малата Данка, која исчезна во вторникот (26.03) во приградската населба Бањско поље во Србија.
Познато е дека надлежните работат на расчистување на шутот и отпадот околу куќата, од каде исчезна девојчето, а во потрагата се вклучува и кучето-херој Зиги.
фото: Јутуб - принтскрин
Зиги е белгиски овчар, кој минатата година помагаше во пронаоѓање преживеани под урнатините во разорниот земјотрес што ја погоди Турција.
Негов водич е пожарникарот и спасувач, Мили Радојевиќ, кој истовремено е член на Специјалистичкиот тим за спасување од рушевини.
Тој за српските медиуми појасни дека системот на пронаоѓање на луѓе е мошне специфичен.
„Зиги, односно кучето за спасување од рушевини и потрага за луѓе, може да намириса само жива личност. Струењето на воздухот е специфично кога станува збор за рушевини.
Постојат елементи каде што може да струи некој воздух и кучето тука може да го лоцира мирисот. Кога ќе го почувствува мирисот, тој лае и го покажува изворот на мирисот“ – појасни во една пригода Мили.
фото: Јутуб - принтскрин
Зиги во 2019-та година трагаше и по девојчето кое беше киднапирано од страна на Нинослав Јовановиќ, попознат како малчанскиот бербер кој киднапира девојче од Ниш и 9 дена го држеше во заробеништво, пред да биде уапсен.
фото: Јутуб - принтскрин
Инаку, Зиги беше во пензија по земјотресот во Турција, но сепак се врати на терен за да помогне да се најде девојчето за кое цела Србија се крена на нозе и за кое првпат беше пуштен системот „Пронајди ме“, кој е српска верзија на американскиот систем „Амбер алерт“.
Б. С. Б. | Црнобело