Најморничавата крвна одмазда во Југославија: За 500.000 динари нарачала убиство на дете, никогаш не се покајала
- Детали
- недела, 18 февруари 2024
Бруталното убиство на 11-годишно момче во '70-те ја потресе Југославија - Црногорката Вишња се преправала дека бара стан за својот син, а во реалноста планирала злосторство. Откако го нашла малиот Бруно, со месеци го следела, а неколкупати била и кај него дома и го запознала целото семејство.
Иако крвната одмазда не е нешто што често се среќава на овие простори, сепак, убиството во Зеница во ’70-тите години, кога жена нарача убиство на 11-годишно дете кое го потресе регионот, и понатаму предизвикува морници.
Повеќе од половина век од убиството на малиот Бруно Чалиќ, ова се смета за најмрачната крвна одмазда во Југославија.
Приказната почнува кон крајот на 1971 година, кога во кањонот Морача се случила тешка сообраќајна несреќа. Стипо Чалиќ од Зеница возел камион чија приколка удрила во возило, а во несреќата загинало момчето Миленко Павловиќ.
Истрагата покажала дека Стипо не е виновен за несреќата и судот го ослободил. Иако таткото на настраданото момче, Рајко Павловиќ, не го обвинувал Чалиќ за смртта на неговиот син, маќеата на детето, Вишња Павловиќ, немала мир, па решила да се одмазди наместо нејзиниот сопруг.
Таа го убедила Драгомор Драган Бајчета, кого го познавала само од видување, за тогашни 500.000 динари да го убие 11-годишниот Бруно, син на Стипо, и така да се одмазди. Но, тие не се задоволиле само со убиство, туку ѕверски го убиле детето.
Вишња од Црна Гора отишла во Зеница и таму се преправала дека бара стан за својот син, а во реалноста го планирала злосторството и го барала момчето што сакала да го убијат.
Откако го пронашла, таа со месеци го следела, а потоа отишла и кај него дома и го запознала целото семејство.
Во интервју во 2011 година, Анка, мајката на Бруно, раскажала за средбата со Вишња.
Таа рекла дека не забележала ништо чудно претходно, но дека многу добро се сеќава на денот кога жената чукнала на нивната врата.
„Дојде жената, селанка, ги соблече опинците и влезе. Рече дека бара стан за нејзиниот син. А потоа мојот Бруно дојде и неколкупати и ми рече: 'Мамо, мамо, јас сум ја видел оваа баба'.
Таа го погали по главата и го праша дали е тој Бруно. Повторно, подоцна, тој ми рече дека ја видел бабата и дека таа му рекла дека ќе дојде за да ѝ плетам“, изјавила Анка.
Момчето често доаѓало кај мајка си со приказна дека ја среќавало селанката, па Анка по некое време му рекла повеќе да не ѝ ја споменува жената.
Анка долго време потоа се обвинувала себеси бидејќи не го послушала синот, затоа што можеби ќе ја спречела Вишња во нејзиниот монструозен чин.
Вишња и Драгомир неколкупати доаѓале на врата кај семејството Чалиќ, па се распрашувале за станот што сакале да го изнајмат. Го гледале Бруно, ги откриле неговите навики, дознале каде и кога оди на училиште...
Вишња одела дотаму што го ставала Бруно в скут, го прашувала за училиштето и го галела по главата. На, Анка, пак, ѝ рекла дека има многу културен син.
„На денот на убиството таа го чекала пред училиштето и го замолила да ја однесе на гробиштата кои се наоѓале во негова близина. Бруно не се посомневал во ништо.
Таму ги пречекал убиецот, и го масакрирал со 9 убоди, по што двајцата побегнале. Кога видов дека не е дома навреме, се упатив кон училиштето и по пат ја сретнав таа жена, но не се посомневав во ништо.
Потоа, со години го молев Бог да ме земе за да не поминувам веќе низ целата болка која е присутна и денес“, додала Анка.
Вишња била уапсена во Пљевиљ, 42 часа по убиството, а брзо потоа Бајчета бил уапсен во кафеана во Никшиќ. Тој пред судот се покајал за убиството - нешто што Вишња не го направила никогаш.
Двајцата убијци биле осудени на смртна казна. Сопругот на Вишња, пак, за кого докажале дека е соучесник, бил осуден на 20 години затвор.
Таткото на Бруно неколкупати доаѓал во затворот и барал да ја види Вишња, но никогаш не му дозволиле.
14 месеци по убиството, во август 1973, Вишња и Драгомир биле стрелани во близина на Сараево. Тоа е и една од последните смртни казни извршени во БиХ.
Закопани се во необележани гробови, според законите, за да се избегне можноста да се создаде „култ на личноста“ на некој убиец.
Рајко Павловиќ, сопругот на Вишња, излегол од затвор по отслужената казна. Неговиот втор син, кој го имал од бракот со Вишња, брзо потоа загинал во сообраќајна несреќа.
А. Ј. | Црнобело / фото: Јутјуб