Познати личности од Македонија и регионот кои имаат посвоено деца
- Детали
- сабота, 27 јануари 2024
Некој посвоил едно, некој две, а некој дури 48 деца. Познатите личности од овие простори кои посвоиле деца, се вистински пример дека ДНК-та не е услов за љубов.
Не постои поплеменит чин од посвојување дете - тоа е голема животна одлука, која не е лесна, но е многу убава.
Меѓутоа, посвојувањето деца на овие простори и понатаму е табу-тема и токму затоа познатите личности кои се одлучиле на ваков чекор се вистински пример за сите нас.
Познатите личности на Балканот кои имаат посвоено деца секогаш јавно и отворено зборувале за искуството и процесот на посвојување.
Во продолжение дел од нив:
Есма Реџепова
Кралицата на ромската музика го држи рекордот кога станува збор за посвојување на деца.
Таа и нејзиниот сопруг Стево Теодосиевски во текот на животот посвоиле 48 деца, од кои 47 се момчиња, а само едно е девојче.
Стево и Есма се грижеле за сите тие деца, ги воспитувале и школувале, а повеќето од нив беа дел од оркестарот кој настапуваше заедно со Есма.
Весна Петрушевска
Македонската актерка Весна Петрушевска и нејзиниот поранешен сопруг Јанко Тренкоски ги посвоиле нивните деца Мина и Кирил уште додека биле бебиња.
Мина денес има 19 години, а Кирил 20 и живее и студира во Америка.
https://www.instagram.com/p/CRhWaPTHOJp/
Сергеј Четковиќ
Познатиот црногорски пејач Сергеј Четковиќ и неговата сопруга Кристина ги имаат посвоено двете ќеркички Мила и Лола.
„Се надевам дека мојот пример ќе им служи на другите и ако треба да бидам пример за што било, тогаш ова нека биде причината.
Проблемот и бариерата за сите луѓе е стравот - што ќе се случи кога децата ќе дознаат дека се посвоени? Моите ќерки знаат дека се посвоени “, изјави пејачот во една пригода.
Сергеј повеќепати има изјавено дека никогаш немал дилема дали на своите ќерки да им ја каже вистината.
Владе и Снежана Дивац
Познатиот српски кошаркар Владе Дивац и неговата сопруга Снежана пред 24 години ја посвоиле нивната ќерка Петра, кога имала само 6 месеци.
Покрај неа, тие се биолошки родители на два сина, Лука и Матија.
Владе и Снежана многупати јавно зборувале за целиот процес на посвојување и секогаш истакнуваат дека се благодарни на биолошките родители на Петра што не абортирале, туку дале сѐ од себе да се роди и ја дале на посвојување.
Петра сѐ уште ги нема запознаено своите биолошки родители, ниту пак знае нешто за нив, но се надева дека некогаш ќе ги сретне.
Филип и Мадлена Цептер
Познатиот белградски брачен и бизнис пар, Филип и Мадлена Цептер, ја имаат посвоено ќерката Ема, која е веќе девојка и студира психологија во Лондон.
Наследничката на Цептер, младата Ема, живее во раскош и луксуз, обожава да патува и важи за вљубеник во уметноста.
С. Ш. | Црнобело