Позитива на денот: Кафетерија во Тузла во која работат лица со Даунов синдром и други инвалидитети (фото)
- Детали
- сабота, 16 септември 2023
Ако одите во Тузла, вреди да ја посетите кафетеријата Klub Zmajevo Srce – локал каде што ќе бидете услужени од лица со Даунов синдром и други инвалидитети. На почетокот од летото, кафетеријата речиси затворила, но штом локалците дознале за ова, почнале масовно да ја посетуваат и ја спасиле.
Во Тузла, Босна и Херцеговина, се наоѓа Klub Zmajevo Srce, симпатична кафетерија во која персоналот го сочинуваат лица со Даунов синдром и други инвалидитети.
Кафетеријата работи од мај 2022 година, а на отворањето едниот од одговорните за проектот откри дека добиле поддршка од многу здруженија за лица со Даунов синдром.
„Имаме пет платени кирии (за просторот) благодарение на едно здружение. Од владата добивме ветување дека ќе ни помогнат во набавката на мебел.
Ова е навистина прекрасна приказна. Претходно направивме проект за социјализација кој се покажа како многу успешен.
Родителите беа заинтересирани да ја продолжиме приказната, а токму емоциите кои можете да ги видите и почувствувате се најдобриот сведок дека направивме нешто добро“.
Целта на кафетеријата е да им помогне на лицата со Даунов синдром да се социјализираат, да им се даде простор да се дружат со нивните гости, но и да добијат можност самите да заработуваат.
Во јуни годинава, на Фејсбук профилот на кафетеријата споделија дека, за жал, работата не оди добро, поради што кафетеријата најверојатно ќе биде затворена.
Но, штом босанските медиуми ја споделија информацијата, локалците почнале да го посетуваат локалот и го вратиле во живот.
„Ви благодариме за неверојатната поддршка. Би сакале да трае. Нам ни е доволно сосема малку за да бидеме среќни и задоволни.
Повторно нè направите радосни“, споделија на профилот на кафетеријата по позитивниот одзив.
Повеќе фотки од локалот кој вреди да го посетите ако одите во Тузла:
Спирова С. | Црнобело / фото: Фејсбук