Jугоносталгија: Натоварен „стокец“ во 2023 вози кон Јадранот и ги враќа најубавите сеќавања на едни дамнешни времиња (фото)
- Детали
- вторник, 22 август 2023
„Чувајте ја оваа легенда“, „Кој не возел „стокец“ не знае што пропуштил“ - фотографија направена во 2023 година предизвика вистинска носталгија. Ви буди ли и вам сеќавања за тоа како изгледаа летувањата во времето на Југославија? Сте виделе ли некој ваков автомобил на улиците во Македонија во последно време?
Босанскиот портал Bjelovar.live објави фотографија која им ја испратил нивен читател, а ја направил на автопат, додека возел кон Јадранското Море.
На фотката е некогаш најпопуларниот автомобил Застава 101, познат како „стокец“, со копривничка регистрација. Натоварен со сè и сешто, автомобилот „крца“, па си мислиш дека нема да издржи да стигне до крајната дестинација.
Ова беше вообичаена сцена пред 40-тина години, кога жителите на сите југословенски републики „се товареа“ и тргнуваа кон Јадранот.
По патиштата се возеше бавно поради тежината на автомобилот, а најмногу можеа да се видат „југовци“, „фиќа“ и „стокецови“, и по некој „голф кец“.
Фотографијата ја разбуди носталгијата по едни убави времиња во целиот регион, а луѓето почнаа да ја споделуваат, сеќавајќи се како се одело на летување во ’80-тите години, кога ќе ставиш сè во автомобилот, па ако не успееш да се спакуваш, ќе наредиш и на надворешниот багажник.
„Ова треба да се заштити со закон“, воодушевено пишуваат во коментарите.
„Убави носталгични времиња, браво за сопственикот на возилото“,
„Чувајте ја оваа легенда“,
„Кој не возел „стокец“ не знае што пропуштил“,
„Ние секогаш носевме и бочва со 50l вино, па се „трескавме“ 8 часа до Задар. Денешните Чеси ни оддалеку не се товарени колку што бевме ние на времето“, пишуваат на објавата на порталот.
Но имаше и такви кои не пропуштија да се пошегуваат на сцената од зелениот ретро автомобил кој во 2023 година вози кон приморјето.
„Можеби уште во 1980-те тргнале да се вратат дома. Уште малку па ќе стигнат. До 2030 ќе дојдат до Копривница“, вели еден коментар.
Автомобилот, кој денес е класика и не се произведува, во далечната 1972 година чинел 2000 долари. Според денешната вредност на парите тоа е околу 11.000 евра, пишува на Фејсбук страницата „Застава 101 форум“.
Последната Застава 101 е произведена во 2008 година.
Дали и вам оваа сцена ви ја разбуди носталгијата?
А. Ј. | Црнобело