Д-р Фросина Крстаноска, сексолог: „Македонците најчесто се жалат на еректилна дисфункција и недостаток на желба за секс“
Можете ли да ни кажете колку траат третманите кај пациентите?
Третманот е советување по 50 минути и е потребно да се повторат неколкупати со цел да се види како напредуваат, дали има подобрување или нов проблем.
Повеќепати е доволен 1 или 2, некогаш и до 6 третмани.
Посебно ме интересира работа на подрачјето на онкосексологијата и имам објавено студија на тема еректилна дисфункција кај хемато-онколошки болни на Европски конгрес за хематологија во 2018 година.
Напишав и објавив книга во мај 2022 на таа тема на словенечки јазик во соработка со друштво на болни со леукемија и лимфом со наслов „Spolnost pri hematoonkoloških bolezni“.
Неможноста за доживување оргазам честопати се поврзува со жените, колку често мажите се соочуваат со ваков проблем?
Неможноста да се доживее оргазам е проблем кај двата пола, често е придружен со болка и кај машките со неможност да ејакулира.
Како сексолог со медицински знаења не разликувам вагинален или клиторичен оргазам.
Се работи за задоволство кон кое се стремиме и различно го доживуваме, можно е да се доживее оргазам и само со мастурбација. Треба да бидеме реални и да имаме „доволно добар секс“ како идеал.
Често на социјалните мрежи постојат жени што се жалат дека се соочуваат со проблемот вагинизам, можете ли да ни објасните за каква состојба се работи и дали се лекува?
Вагинизмот е состојба кај жените кога не е можна пенетрација заради болки и со тоа поврзан хипертонус на мускулите на карличното дно.
Тоа се случува и при ставање на тампон, преглед од страна на гинеколог или при обид за полов однос.
Се докажува после преглед кај гинеколог, сексологот може да помогне и да се работи на намалувањето на стравот, опуштање и вежби.
Дали е вообичаено кај некои пациентки да се намали желбата за секс по породувањето и колку често сексуалните проблеми кај партнерите може да бидат поврзани со бременоста?
Желбата за секс после породување се намалува што е логично со оглед на закрепнувањето на жената, доењето и обврските со бебето.
Во бременоста се зголемува желбата за секс кај жената во второто тримесечје заради физиолошки промени.
После породувањето потребно е време и стрпливост на партнерот за да ѝ пристапи на партнерката која е мајка, да не се чувствува отфрлен и на второ место.
Треба да се внимава и на контрацепцијата и така сексот треба да е планиран со оглед на сè. Така 80% од жените се полово активни 6 месеци по породувањето.
Колку често се случува проблемот со неплодност да биде психолошки и каде можат да се обратат двојките во таков случај?
Проблемот со неплодност не е во домен на сексологијата. Психички е тешко да се има нарачан секс во плодни денови и во одредена поза за да се добие дете.
Сексологот има тука влијание со советување да даде потпора и едукација.
Дали и пребрзо доживување оргазам може да се смета за проблем и постои ли третман за тоа?
Тука е правилен израз пребрз излив или прематурна ејакулација.
Оргазмот најчесто е поврзан со ејакулацијата но не мора секогаш. Се работи за вродена состојба или стекната кај мажот. Може да е телесна, психичка или комбинирана.
Третман е со советување, вежби и лекови, но не може на сите да им се помогне.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело
фото: freepik.com/depositphotos.com