Д-р Фросина Крстаноска, сексолог: „Македонците најчесто се жалат на еректилна дисфункција и недостаток на желба за секс“
- Детали
- понеделник, 27 февруари 2023
„Вагинизмот е состојба кај жените кога не е можна пенетрација заради болки, се докажува после преглед кај гинеколог, a сексологот може да помогне и да се работи на намалувањето на стравот, опуштање и вежби. Третманот за предвремена ејакулација е со советување, вежби и лекови, но не може на сите да им се помогне“ – вели во интервју за CRNOBELO.com д-р Фросина Крстаноска, сексолог кој во последните неколку години работи на релација Словенија – Македонија, а има долгогодишно искуство во оваа област.
Доктор Фросина Крстаноска е клинички сексолог кој долги години наназад работи во оваа област.
Во последните неколку години докторката живее на релација Словенија – Македонија, а за читателите на CRNOBELO.com открива кои се главните проблеми заради кои пациентите најчесто ја посетуваат нејзината амбуланта, но и за тоа што може да се очекува од третманите кај сексолог.
Д-р Крстаноска е родена во Куманово и работела како специјалист по интерна медицина кога заминала во Словенија во 2002-ра година.
Тaa денес живее и работи во Словењ Градец, Словенија, во општа болница како шеф на одделот хематологија, откако претходно супспецијализирала во областа.
Во Љубљана завршила постдипломски студии од областа на психотерапијата, а потоа продолжила со едукацијата и станала специјалист по полова медицина со европска лиценца FECSM во Мадрид 2016 година.
Во продолжение проследете го интервјуто во целост:
Што значи да се биде клинички сексолог (што опфаќа оваа област во медицината)?
Клинички сексолог или специјалист по полова медицина е област со која се занимаваат доктори од разни специјалности со цел да се подобри половиот живот со превенција, третман и лекување на полови проблеми и дисфункции.
При тоа се применува био/психо/социјален модел со почитување на човековите права без оглед на полова ориентација и преференца.
Овозможува да му се посветиме на човекот како на сексуално битие и ги решиме неговите телесни, психички и комбинирани проблеми.
Кои се најчестите проблеми со кои се среќавате кај пациентите што доаѓаат во вашата амбуланта?
Во амбулантата во Словенија работам од 2016-та година после едукацијата и лиценцирањето од Европската организација за полова медицина ESSM.
Работам со парови и поединци кои се упатени од страна на уролог, гинеколог или психотерапевт за одреден полов проблем.
Најчесто се машки лица, не велам дека се пациенти од различна возраст. Претходно се прегледани од страна на доктор / гинеколог или уролог и заедно правиме план за терапија со употреба на вежби, медицинска терапија и советување на пар.
Некогаш е доволно само едукација и примена на когнитивно бихевиорален пристап да се согледа проблемот и решението за него. Најчесто е недостиг на желба, проблеми со ерекција и ејакулацијата.
Кај жените е недостиг на желба, болки и неможност да имаат оргазам.
Колку се подготвени Македонците да зборуваат отворено за своите сексуални проблеми?
На ова поле во Македонија работам кратко време. Мој прв впечаток е дека Македонците се отворени на ова поле, директно се ориентирани на проблемот и доверливи уште од првата средба, спремни да платат советување со желба да си помогнат.
Идат во парови уште од првата средба.
Мене ми е голем предизвик и се залагам да им помогнам на секој начин, секако на професионално ниво со дискреција. Со оглед на тоа не добиваат напишан наод од лекар, само рецепти за лекови ако е потребно.
Како изгледаат третманите?
Третманите се во форма на структуриран разговор и започнуваме со анонимна анкета по стандардите на ESSM.
Потоа следува преглед на досегашните медицински и други наоди, анамнеза и дефинирање на проблемот односно дијагнозата.
Потоа се прави план за понатамошно психичко советување, можно е да го упатиме на друг специјалист или да се направи план за вежби и по инструкции интервенции за парот во домашни услови.
Не вршам медицински уролошки и гинеколошки прегледи, ме интересира пред сè психичката компонента, траумите и насилства во детството и медицинската историја и лекови што ги имаат.
Дали во третманите се вклучува и партнерот на пациентите?
Вклучувањето на партнерот е препорачливо зошто проблемот е заеднички.
Не постојат норми во сексуалноста и сè она што е прифатливо за човекот или парот, му прави задоволство е нормално.
Пристапот е чувствителен и задолжително постепено да му пристапиме на човекот со отворени прашања од типот: „Дали сте имале партнер во последно време“, „Дали се работи за маж, жена или двете“.
Јас пред себе имам човек на кого му е тешко да се отвори и зборува за своите најдлабоки желби, фантазии и врски.
Никогаш не ги откривам тајните на пациентот и не инсистирам да дојде партнерката ако не сака, особено ако се работи за тајна врска надвор од бракот, а проблемот е со ерекција. Тоа е само за пример.