Марија Димишкова (33), експерт за јавно говорење: „Луѓето повеќе се плашат од јавен настап отколку од пајаци, тремата значи неподготвеност“
Дали е важен говорот на телото? Како може да се подобри?
55% од една презентација паѓа на говорот на вашето тело (невербална комуникација), 38% на тоналитетот на гласот, а само 7% на изборот на зборови во вашата комуникација.
Голем број од луѓето со кои работам умеат да кажат дека телото ги издава дека имаат трема. Оттука, многу е важно континуирано да работите на усовршување на невербалното комуницирање.
Вежбајте гледање на публиката во очи, преку секојдневно користење на очите во комуникација со најблиските луѓе.
Користете ги умерено рацете кога зборувате, држете го секогаш исправено телото за време на една комуникација. И најважно, додајте насмевка на лице, така имате поголеми шанси да ѝ се допаднете на публиката.
Дали и во кои ситуации е добро да се искористи хумор?
Секогаш кога ви дозволува приликата, служете се со хумор. Публиката сака хумористични говорници, хуморот ги развеселува присутните и ги прави повеќе заинтересирани за вашата содржина.
Добро „спакуваниот“ хумор може да го искористите во некој краток говор на свадбата на вашиот најдобар пријател или можеби на некое неофицијално дружење со колегите од работа.
Колку е важна импровизацијата? Што ако се соочиме со неочекувани прашања?
Импровизацијата многу почесто е резервирана за оние кои имаат малку поголемо говорничко искуство пред публика.
А, искуството се добива со збогатување на говорничкото портфолио или што е можно повеќе јавни настапи.
Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат клиентите со кои работам се неочекуваните прашања. Всушност, овој дел од јавниот настап или таканаречената интеракција со публиката најмногу и ги плаши.
Верувале или не, 14% е помал интересот на публиката да слуша презентација која не вклучува интеракција.
Интеракцијата е здрава и е многу важен елемент за еден јавен настап, затоа што кога постои, всушност добиваме фидбек дека публиката активно слушала додека сме зборувале, се интересира за нашите ставови и идеи.
Затоа, ќе повторам дека подготовката на содржината за јавниот настап е круцијална за успех, затоа што колку повеќе се збогатува „фолдерот“ на информации за темата што ја зборуваме, толку полесно ќе го поминеме делот со неочекувани прашања.
Како да ја „читаме“ публиката? Како да знаеме дали сме го привлекле вниманието со говорот?
Воспоставувањето комуникација со публиката е еден од најважните елементи за успешен јавен настап.
Практично, публиката или ве сака или не ве сака. Затоа е многу голема одговорност да го задржите вниманието на вашата публика.
Еден од најдобрите начини е да ја освоите уште на самиот почеток на вашиот настап, во првите 15-30 секунди од вашето зборување.
Ако успеете да го придобиете вниманието на почеток, со сигурност публиката ќе биде заинтересирана за вашиот комплетен настап.
Стремете се присутните да уживаат во говори што изобилуваат со помалку позната статистика, раскажете интересна приказна поврзана со вашата тема на зборување или можеби анегдота, се разбира во зависност од карактерот на вашето појавување пред таа публика.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Софија Спирова | Црнобело