Салех од Венецуела живее во Куманово: „Чудно ми е што на тротоарите има автомобили, а македонската кујна ми е фантастична“
- Детали
- четврток, 01 декември 2022
„Ајварот со сирење и топол леб е превкусна комбинација, сакам да јадам сарма, подготвена од баба ѝ на мојата партнерка, во Македонија има многу убави места, а посебно ми е чудно што е безбедно да се шета навечер“ - раскажува за CRNOBELO.com Салех Таборда од Венецуела, кој моментално живее во Куманово со својата партнерка која е Македонка.
Салех Таборда (26) е роден и израснат во Венецуела. Емигрирал во Австралија да студира, каде што ја запознал својата партнерка.
Се занимава со програмирање, а сака да игра кошарка и да тренира ниџицу. Веќе неколку месеци живее во Куманово заедно со својата партнерка.
Во продолжение следува разговор со Салех за искуството и месеците поминати во Македонија...
Како се најде во Македонија?
Мојата партнерка е Македонка. Живеевме заедно во Мелбурн, Австралија, а се запознавме во Сиднеј. Во изминатиот период таа имаше да заврши некои обврски во Македонија, па затоа се решивме да се преселивме во Куманово една година.
Што ти беше најнеобично и неприфатливо по пристигнувањето во Куманово?
Најнеобично за мене беше тоа што сите пушат цигари во Македонија. Јас никогаш не сум бил пушач и никогаш не сум имал желба да пушам, но кога излегувам низ град и човек како мене добива желба да почне да пуши цигари.
Друга работа е што луѓето излегуваат многу често во секое време од денот. Во Венецуела обично не е многу безбедно да се излезе на прошетка навечер, но во Македонија, посебно Куманово се чувствувам многу безбедно.
Се навикна ли на локалниот живот?
Мислам дека да, посебно со мојот сиромашен кумановски веќе почнав да се сметам за „локалец“.
Се имаш ли најдено во некоја непријатна ситуацијата поради тоа што си странец?
Не, сè уште не!
Кои се клучните разлики помеѓу луѓето од Венецуела и Австралија со Македонците?
Дефинитивно е многу различно. Никогаш претходно немам живеено во мал град, така што ова ми е убава промена. Луѓето се познаваат, се поздравуваат на улица и сите изгледаат дека се од помош еден на друг.
На почетокот многу ми беше чудно што сите тротоари се полни со автомобили. Луѓето се возат во такси насекаде и не сакаат да пешачат.
И не можете да ги обвинувате, затоа што мора да одат по улица или да се движат помеѓу автомобили за да стигнат каде било.
Што најмногу ти пречи?
Немањето простор за пешачење, загаденоста и ѓубрето. Македонија е толку убава земја со многу потенцијал, тажно е да се види целото ѓубре наоколу.