Александар Петровски: „Родителите треба редовно да ги мерат децата за рана детекција на нарушен раст и посета на ендокринолог“
- Детали
- понеделник, 14 ноември 2022
„Првите симптоми најчесто се манифестираат во првите години од детството и затоа е важно родителите да следат дали нивното дете носи ист број на облека или обувки неколку години, потоа дали нивното дете отстапува од висината на неговите врсници... Секое дете кај коешто постои индикација за лекување со хормонот за раст, потребно е што поскоро да почне со терапија…“, споделува Александар Петровски (42) од Скопје за CRNOBELO.com, кој веќе 12 години е Претседател на Здружение РАСТ.
Александар Петровски (42) од Скопје, вработен во ЈЗУ Здравствен Дом Скопје, по професија машински техничар, татко на две малолетни деца, веќе 12 години е Претседател на Здружение РАСТ, а 8 години Претседавач на ICOSEP – International Coalition of Organizations Supporting Endocrine Patients.
Неговото мото е „Грижејќи се за здравјето на нашите деца, се грижиме за нашите поколенија и придонесуваме за нашата иднина.“
За CRNOBELO.com споделува зошто е важно редовното мерење на децата...
Зошто е важно родителите да вршат редовни мерења на своите деца?
За рана детекција на одредено заболување кое го нарушува нормалниот раст, потребно е родителите/старателите редовно да ги мерат своите деца.
Бидејќи растот кај децата завршува кон крајот на пубертетот (со затворањето на епифизите на коските), важна е раната детекција на нарушен раст, како би можело навремено да се делува со хормонска терапија и да се извлечат најдобри резултати за детето.
Колку пати годишно се прави тоа и која е табелата за тоа кои се границите на нормала, за одредена возраст?
Доволно е 2 пати годишно да се прави мерење на децата и доколку тоа се прави кај матичниот педијатар, тогаш резултатот треба да се напише на перцентилна табела или т.н. крива на раст, која ја има кај секој матичен педијатар и е различна за момчиња и девојчиња.
А постои и апликација за мобилни телефони „Карта на растот“, преку која самите родители можат да го следат растот на нивното дете. На самата апликација има предупредување кога висината на детето е под нормалната граница и препорака за посета на лекар-ендокринолог.
Целната висина за детето се пресметува по формулата: (висина на таткото + висина на мајката) ÷2 = целна висина +/-6,5 см.
Какви ендокринолошки заболувања постојат?
Кога станува збор за ендокринолошки заболувања се мисли на заболувања поврзани со целиот ендокринолошки систем, односно системот на жлезди со внатрешно лачење на хормони.
Најчесто при нарушување на растот имаме дефицит на хормонот за раст кој се излачува од хипофизата, која се наоѓа во главата. Меѓутоа освен ендокринолошките заболувања постојат и други состојби и болести кои го нарушуваат растот на децата,како што се хромозомопатиите во кои спаѓаат Тарнер синдромот, Нунан синдром, Прадер-Вили синдром и др., исто така и хронично ренално заболување, деца родени со мала родилна должина итн.
Кои се најчестите нарушувања во Македонија и кога и како се манифестираат првите симптоми?
Кај нас во Македонија, како што споменав и во претходното прашање најчести се хромозомопатиите, понатаму и дефицитот на хормонот за раст, скелетна дисплазија, како и деца родени со многу мала родилна должина.
Првите симптоми најчесто се манифестираат во првите години од детството, и затоа е важно родителите да следат дали нивното дете носи исти број на облека или обувки неколку години, потоа дали нивното дете отстапува од висината на неговите врсници, и најважно редовно мерење на висината на детето.
Фудбалерот Лионел Меси има ваков тип на животна приказна … Колку сметате дека говорењето јавно од страна на познатите личности помага за поткренување на свеста за оваа тема?
Колку повеќе се збори на таа тема од страна на познати личности, толку повеќе се шири пораката до што поголем број на родители, старатели, воспитувачи, баби, дедовци, доктори и сите оние кои би можеле да помогнат при раната детекција за нарушен раст.
Затоа нашето Здружение Раст континуирано работи низ сите наши активности за подигање на свеста за растот кај децата.
Моментално во тек е подготовка на кампања за рана детекција на нарушен раст, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, која ќе ги опфати сите детски градинки низ цела Македонија.