Мартина Димовска е првиот македонски аналоген астронаут: „Оделото тежи околу 35 kg, потребни се 30 минути за да се облечеш“
- Детали
- вторник, 01 ноември 2022
„Оделата тежат околу 34-35 килограми. Почетник којшто добро го има совладано протоколот теоретски и е со добар тим, влегува за 25 до 30 минути. Времето на aстронаутите е неизмерно важно и токму затоа немаат време да се „инфлуенсери“, а низ моите студии, морав да најдам начин да се издржувам сама, па мојата креативност ме доведе до креирање на едиторијали за светски брендови како модел“ – вели во изјава за CRNOBELO.com Мартина Димовска, првиот македонски аналоген астронаут и првата жена aстраонаут од Балканот.
Додека многумина уште од мали сонуваат да патуваат во вселената Мартина Димовска е првата Македонка што работи како астронаут.
Позната како Astro Smarta на социјалните мрежи, Мартина деновиве е вклучена во мисија во Интегрираното аналогно живеалиште наменето за Месечината и Марс, финансирано од НАСА.
Таа во интервју за CRNOBELO.com споделува повеќе детали за тоа како изгледа нивната моментална мисија, но ја раскажува и сопствената приказна за тоа како од дипломец на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје успеала да стигне во НАСА и да се занимава со професијата што навистина ја сака.
Нејзината приказна е во голема мера инспиративна за голем број млади луѓе што имаат сопствени соништа, а веруваат дека не постои можност за нивно остварување. Приказна за тоа како една млада девојка не дозволила семејните тешкотии да ја спречат во намерата да ги оствари сопствените соништа и да го работи тоа што го сака.
Мартина Димоска потекнува од Кичево, Македонија и е првиот Mагистер на вселенски науки во нашата земја, а студиите ги привршува на Интернационалниот вселенски Универзитет, лоциран во Стразбур, Франција.
Пред да се запише на Магистерските студии, Мартина успешно ја заврши програмата „Комерцијални Вселенски Студии“ на Florida Institute of Technology или познат како Florida Tech.
И двата престижни универзитети имаат „произведено“ огромен број на астронаути. Мартина е првиот аналоген астронаут од Македонија и првиот женски аналоген астронаут од Балканот.
Проследете го во продолжение нејзиното интервју за CRNOBELO.com:
Од каде љубовта за науката?
Животот ме принуди да „решавам проблеми“. Пораснав во скромно семејство во Кичево, со сестра којашто беше со посебни потреби.
Инвалидите во нашата земја немаат доволно ресурси за соодветен живот, па нормализирањето на основните потреби во општеството, но и во домот носеа огромни предизвици.
Од малечка бев свесна и одговорно придонесував кон истите, со цел да го подобрам прифаќањето на таквите деца во општеството, но, и сестра ми да има интересни, забавни и корисни решенија во домот.
Дополнително, од малечка бев многу љубопитна и бев склона „да истражувам“ и да творам, па преку креирање „од ништо – нешто“ научив да анализирам и длабински да ги проучувам работите околу мене.
Ти си прв женски балкански аналоген астронаут што во моментов служи на мисија. Може ли накратко да ни појасниш што значи поимот аналогна мисија и која е твојата улога?
Во моментов служам како „Офицер за наука“ во Интегрираното аналогно живеалиште наменето за Месечината и Марс (Integrated Lunar Martian Analog Habitat-ILMAH), во Северна Дакота кое е финансирано од НАСА.
Одговорна сум заедно со мојот тим, за неколку истражувања што ги спроведуваме тука, од кои јавно може да ги изнесеме следните:
Собирање ЕЕГ податоци (се скенира твојот мозок со метод на Електроенцефалографија). При ваквите испитувања, гледаме како изолацијата и долготрајните вселенски патувања може да влијаат на пример на когнитивното распаѓање, на можноста на нашата меморија „да се потсетува“ и слично. Овие експерименти се развиени од д-р Тери Ректор.
Следно истражување е 20-минутно еднонасочно (вкупно 40 минути во двата правци) постојано одложување на комуникацијата преку онлајн-системот ECHO.
Марс и Земјата имаат доцнење при комуникацијата, и во зависност од заемната местоположба на двете планети, доцнењето може да биде од 4.3 или произволно 5 минути, до 21 или произволно 20 минути. За да извршиме дневни итни задачи и да решиме некој битен проблем, треба да сме ефикасни, брзи и многу трпеливи, но и многу смирени.
Се прави и студија за вежбање каде носиме посебно одело што ги мери нашите витални знаци, наречено CardioBreath. Тоа е научна соработка развиена од Универзитетот Симон Фрејзер во партнерство со Канадската Вселенска Агенција, НАСА и УНД. Истите одела се присутни и на ISS (Меѓународната Вселенска Станица).
Се прават и истражувања поврзани со растителни модули, односно истражувања со растенија, каде што садиме брзорастечки семиња наменети за вселенско патување, садиме и microgreens (млади растенија со големина од 2,5 до 7 центиметри), користиме т.н. hamama системи.
Имаме уред наречен ЕxoLab којшто го „фаќа“ јаглеродниот диоксид и е наменет за да помогне при опстојувањето на живот на Земјата и во Вселената. Вакви уреди е планирано да се лансираат на 15-ти ноември 2022-ра година на ISS (Меѓународната вселенска станица) и може да се прават заемни истражувања за да се воочат разликите меѓу Земјата и Вселената.
Теренски се тестира подобрената верзија на вселенското одело UND NDX2-AT EVA, при EVA Екстравехикуларни активности, односно ова се добро познатите „Вселенски Прошетки“ или Space Walks.
Во текот на мисијата правиме дополнителни екскурзии со ровер и собираме примероци, мапираме терен за иден развој на живеалиштето, но и геолошки ги испитуваме собраните примероци во лабораторијата за геологија.
Имаме доста истражувања што опфаќаат микробиологија, истражувања поврзани со 3D печатење и многу други експерименти за коишто не смееме сè уште да изнесуваме јавни податоци.
Имаме дневни тестирања, психолошки прашалници, решавање на проблеми во животно-загрозувачки ситуации, и многу строг распоред кој мора да го следиме.
Колку тежи еден скафандер наменет за ваквите мисии и колку време е потребно за да го облечеш или да го соблечеш?
Генерално, постојат три типа вселенски одела за различни намени: IVA (интравехикуларна активност), EVA (екстравехикуларна активност) и IEVA (интра/екстравехикуларна активност).
- Оделата IVA се наменети да се носат во вселенско летало.
- Оделата IEVA се наменети за употреба внатре и надвор од вселенското летало.
- Оделата EVA, се користат надвор од вселенските летала, или за планетарни истражувања и за вселенски прошетки.
Во најголем број од случаите, повеќето скафандери се стандардни модели. Изговорот за ова е дека имаат можност за да се продолжат или рашират, па затоа и одговараат на сите. Но, затоа се случуваат многу пропусти.
Еден од нив е што НАСА ја има прекинато својата прва мисија за целосно женска вселенска прошетка на Меѓународната вселенска станица бидејќи фалело едно М одело, и не успеале да ги облечат сите женски астронаути.
Но, ова е само мотивација за да се решат проблемите, според мене. Докторанди во Универзитетот на Северна Дакота веќе печатат 3D одела скенирани по твоите димензии, користејќи многу интересни материјали.
Се надевам дека и јас ќе бидам подложна на истиот процес, зошто многу би ме интересирало каков костум најмногу би ми одговарал. Удобноста е клучна на долги мисии, па мислам дека приспособувањето и персонализирањето по димензија, би придонеле за поудобни мисии.
Сите одела се облекуваат по протокол којшто се вежба, и секој дизајн има поинаква тежина.
Ние теренски тестираме подобрената верзија на вселенското одело UND NDX2-AT EVA, при EVA Екстравехикуларни активности, односно ова се добро познатите „Вселенски Прошетки“ или Space Walks.
Оделата тежат околу 34-35 килограми. Почетник којшто добро го има совладано протоколот теоретски и е со добар тим, влегува за 25 до 30 минути.
Има и рекордни случаи каде што тренирани луѓе знаат да се „облечат“ за 5-10 минути.