Мики Маркоски работи на ранч со коњи во Љубаништа: „Бегав од училиште за да минувам време со мојот коњ“
Колку чини да се купи еден коњ и што опфаќа грижата за него? Колку чини тоа на годишно ниво?
Често поставувани прашања се колку чини еден коњ, како се чува, дали е скапо чувањето и слично … Тоа се прашања на кои нема конкретен одговор.
Сè зависи од тоа каков коњ сакаш, за што ќе ти користи, какви услови нудиш за истото да се одгледа на правилен начин. Одговорот лежи во тие прашања.
Можам да кажам дека не е евтино, а е најлесно да се купи. Сите големи трошоци доаѓаат отпосле.
Грижата околу коњот е секојдневна. Чешлање, чистење, проверка во каква состојба е, дали е расположен, дали има повреда, дали е болен, дали има апетит, хранење, раздвижување и уште многу работи. Коњот го читаш според говорот на тело, често и сами покажуваат што им треба.
Има ли многу туристи заинтересирани за јавање коњи во Љубаништа? Се плашат ли тие што се качуваат за првпат и колку брзо се опуштаат?
Како што поминува времето сè повеќе луѓе бараат коњи и се заинтересирани. И тоа многу ме радува. Полека се создава една поинаква слика за коњот како животно на нашиве простори.
Често се случува јавачите да имаат страв пред јавањето. Што и нормално е. Може никогаш претходно да не се соочиле со толкаво животно, и секако не е сеедно.
Но, како што кажав, гледаме да го искорениме стравот максимално. Кај некој луѓе поминува за брзо, а има и такви на кои им треба повеќе време. Дури после неколку јавања би се опуштиле.
Вреди да се проба, незаборавно е.
Омилена активност со коњите ти е… Имаш ли некој коњ што ти е особено драг?
Често знам навечер да си потседлам коњ и да одам на прошетка со него. Многу ме смирува и ми влијае позитивно на самодовербата.
Како да се соочувам со она што може да ме плаши, а имам и партнер во тоа. Не сум сам. Чувствувам слобода.
Од ранчот Јанка, каде што работам, како омилен коњ би го издвоил Лишко. Доста темпераментен, со бурен карактер, непредвидлив, а сепак мил.
Не беше лесен за скротување. Се поклопивме со карактерите. Се пронајдов во него.
Колку години живеат коњите, со какви здравствени предизвици се соочуваат?
Коњите живеат приближно околу 30, 40 години. Зависи како се чувани и какви коњи се.
Најчесто се разболуваат од колика, тешка болест која често има смртен исход.
Од повреди, најтешки се оние на нозете или копитата. Бидејќи најголем дел од времето го поминуваат на нозе, ретко легнуваат и спијат стоечки.