Горан Алексовски претседател на „Македонска пчела“: „Добив два пчелни роја на подарок од мој роднина и се вљубив во пчеларството“
Зошто треба да сме горди на македонската автохтона пчела – која е нашата придобивка?
Во светот постојат неколку видови на пчели. Од оној кој е најинтересен и најраспространет вид Apis mellifera, досега се детерминирани триесетина подвидови на медоносни пчели. Секој од нив има свое поднебје каде е автохтона.
Онаму каде што нема автохтони пчели се користат увезени подвидови и најразлични хибриди на медоносни пчели. Помеѓу оние триесетина подвидови се наоѓа и македонската автохтона медоносна пчела Apis mellifera macedonica.
Детерминирана е од германскиот научник д-р Фридрих Рутнер во 1988 година. Ова откритие на Рутнер наишло на сомнеж, негодување и неприфаќање, сè до 2013 година кога проф. Д-р Александар Узунов од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, преку молекуларни анализи на примероци на пчели од Македонија докажа дека пчелите во Македонија се разликуваат од досега детерминираните подвидови во нашето опкружување и дека д-р Рутнер бил во право.
Овој подвид на медоносни пчели не е ексклузивен само за Република Македонија. Го има во делови од јужна Србија, северна Грција, Бугарија, Романија, па сè до Украина. Големо е значењето да се има автохтон подвид на медоносни пчели, затоа што се работи за пчели кои се аклиматизирани кон климатските услови на ова подрачје и прилагодени кон изворите со храна.
Ваквите автохтони пчели пружаат одлична можност преку нивна селекција да се унапредат посакуваните особини (висока медопродуктивност, мирно однесување, отпорност кон болести, добро презимување), а да се намали влијанието на особините кои пчеларите не ги претпочитаат (нагон за роење, агресивност).
Токму затоа нашата пчела е опфатена со Законот за сточарство и е ставена под посебен режим на заштита.
Како да разликуваме квалитетен од неквалитетен мед? И кој е подобар ливадскиот или планинскиот?
За жал, поради солидната цена која медот ја има кај нас, фалсификувањето на мед денес е перфектно усовршено, така што не постои простор за некаква органолептичка детерминација помеѓу фалсификуваниот и чистиот мед.
Можат на интернет да се сретнат најразлични „методи“ за докажување на веродостојноста на медот (со палење на медот, негово растворање во вода, матење на полна тегла со мед, капнување на салфетка и други), но сè е заблуда и единствен и веродостоен доказ е лабораториската анализа на медот.
Затоа моја препорака е мед да се набавува од познат и чесен пчелар, кој на долг рок ќе биде вашиот матичен пчелар од доверба. Набавката на мед од маркети, пазарски тезги и попатни штандови ја оставам на одговорност на самите купувачи.
Ливадскиот и планинскиот мед се со различно потекло, различни размери и состави, но доколку и двата видови на мед се добиени преку запазена добра пчеларска пракса и од незагадени и еколошки чисти подрачја, дилема може да биде само вкусот на потрошувачот.
Но и ова е лесно надминливо така што ќе се набават по неколку тегли и од двата вида на мед.
Кои се вашите идеи за подобрување на состојбата со пчеларството во Македонија?
Националните пчеларски политики заслужуваат да бидат предмет на сериозна дискусија. Македонските пчелари добиваат субвенции по пчелно семејство кои доведоа бројот на пчелни семејства да се зголеми трикратно, а просечната количина на мед да се мери во поразителни бројки.
Во делот на поддршка на пчеларите, особено младите преку мерките ИПАРД, Млад земјоделец, Рурална жена, внимание треба да се обрне на поддршка во реализирање на инвестицијата од страна на државата, а не од страна на апликантот.
Потребно е продлабочување на соработката помеѓу пчеларите и образовните и научно-истражувачките установи со поддршка на државата со цел едукација, трансфер на знаења и искуства. Проширување на можноста за урбано пчеларење и кај нас, што како светски тренд во моментов не ни е овозможено поради Уредбите за Комунален ред на нашите општини. Одгледување на автохтони подвидови на пчели преку набавка на селекционирани пчелни матици од регистирани одгледувалишта...
Дали и како и луѓето кои не се занимаваат со пчеларство можат да придонесат во овој процес?
Секако. Садењето на медоносна флора е од голема помош за пчелите. Избегнување на прскање на овошките во периодот на нивно цветање е битен фактор за пчелите излетнички кои ги посетуваат овошките на пролет, но и за целото пчелно семејство кое потоа ги користи контаминираните полен и нектар.
Активизмот во насока на кревање на свеста за намалување на факторите кои придонесуваат во климатските промени е добредојден. Кревање на јавната свест за значењето на пчелите, како и предностите од користењето на пчелните производи е неопходна.
Поддршката на локалните пчелари преку купување на нивните производи е значајна.
Затоа ја поздравувам иницијативата на медиската агенција UM Skopje овогодинешниот UM Impact Day да го посветат на важноста на пчелите и нивната заштита, како и на бенефитите од пчелните производи.
С. С. | Црнобело