Горан Алексовски претседател на „Македонска пчела“: „Добив два пчелни роја на подарок од мој роднина и се вљубив во пчеларството“
- Детали
- четврток, 21 јули 2022
„За жал, поради солидната цена која медот ја има кај нас, фалсификувањето на мед денес е перфектно усовршено. На интернет може да се сретнат најразлични „методи“ за докажување на веродостојноста на медот (со палење на медот, негово растворање во вода, матење на полна тегла со мед, капнување на салфетка и други), но сè е заблуда и единствен и веродостоен доказ е лабораториската анализа на медот. Затоа моја препорака е мед да се набавува од познат и чесен пчелар...“ , вели пчеларот и претседател на „Македонска пчела“ Горан Алексовски (42) од Скопје.
Горан Алексовски (42) од Скопје, дипломиран земјоделски инженер и постдипломец на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје на студиската програма Анимална биотехнологија, модул Пчеларство, е претседател на здружението MacBee (Македонско здружение за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела Apis Mellifera Macedonica).
Тој пчелари во околината на Скопје, на две локации, една на пониска надморска височина во село Ржаничино и втората, повисока локација во село Горњани на падините на Скопска Црна Гора.
Веќе 13 години се занимава со ова и комплетно е посветен на промоцијата на медот добиен од автохтоната македонска медоносна пчела на светско ниво.
За CRNOBELO.com тој открива детали од неговата работа, но и како почнал да се занимава со пчеларство...
Од кога постои здружението „Македонска пчела“ и која е неговата цел?
„Македонска пчела“, формирано е на иницијатива на проф. д-р Александар Узунов од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Основано е од група на професионални и хоби пчелари вљубеници во медоносните пчели и пчеларството и големи ентузијасти за заштита на животната средина и биодиверзитетот.
Правно е регистрирано во декември 2011 година. Автохтоната македонска медоносна пчела од подвидот Apis mellifera macedonica беше „виновникот“ поради кого го основавме здружението, со цел нејзина заштита, нејзино подобрување и промоција.
Реализираме истражувачки (апликативни) и едукативни активности.
Апликативните активности ги изведуваме на пчеларниците на секој од нашите членови кои при самото зачленување се обврзани дел од своите пчелни семејства да стават на располагање на здружението.
Во апликативните активности опфаќаме двогодишни циклуси на мерења на повеќе особини и карактеристики на повеќе генотипови на македонската пчела. Податоците од овие мерења се внесуваат во заедничка база на податоци која ни покажува кои генотипови ги поседуваат оние особини кои ние пчеларите ги посакуваме (висока медопродуктивност, отпорност на болести и др.).
Од тие матици произведуваме ќерки кои ги вклучуваме во нов циклус на мерења и тестирања и процесот на селекција продолжува. По завршувањето на секој циклус, испраќаме примероци на пчели од тестните пчелни семејства во институти во Данска и Германија каде преку молекуларни анализи се докажува чистотата на подвидот.
Овие експерименти ги вршиме по посебен протокол изработен од Институтот за пчеларство во Кирхајн, Германија, а во координација со Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Досега имаме реализирано 5 двогодишни циклуси.
Едукативните активности ги реализираме преку организирање на едукативни настани, работилници и обуки. Горди сме што во 2013 година го организиравме првото „Научно-стручно советување за пчеларство во Република Македонија“, кое потоа премина во традиционалниот годишен пчеларски настан „Пчеларски ден-знаење и дружење“, каде странски и домашни експерти од областа на пчеларството ги запознаваат македонските пчелари со најновите достигнувања во пчеларството. Настаните ги организираме во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна. „Македонска пчела“ издаде и повеќе едукативни пчеларски прирачници, флаери и брошури.
Особено внимание посветуваме на студиските патувања и екскурзии преку кои членовите на здружението стекнуваат нови знаења, разменуваат искуства и добиваат јасна слика за тоа до каде е работата на здружението и воопшто, до каде е македонското пчеларство.
Изминативе 10 години во Малта, Италија, Словенија, Германија, Хрватска, Грција, Турција, Србија и Бугарија посетивме пчеларски институти, факултети, саеми, симпозиуми, професионални пчелари, пчеларници и преработувачки капацитети.
Работиме и на промоција на медот добиен од нашата пчела, па во соработка со Слоу Фуд Македонија, редовно учествуваме на саемите во организација на Слоу Фуд насекаде во Европа, а на еден од таквите саеми во Торино, Италија, медот од македонската пчела, во многу силна конкуренција освои второ место.
Во што се крие магијата на пчеларството? Како се одлучивте за градење кариера токму во оваа сфера?
Со пчеларство се занимавам 13 години. По моето дипломирање, земјоделскиот сектор имаше многу малку да понуди на новите агрономи, па во исчекување и барање на некаков ангажман во струката, решив стекнатото знаење во текот на студиите некако да го искористам. Без никакво искуство и традиција на пчеларење во семејството, се одлучив за пчеларството.
Два пчелни роја добив на подарок од мој роднина, уште два купив и веќе бев пчелар. Не погрешив и не зажалив. На почетокот имаше моменти на грешки, пропусти и разочарување, но како и за секој нов пчелар, така и за мене, беа само поттик за учење и откривање на светот на пчелите, нивната биологија, толкување на нивното однесување и следење на нивните инстинкти.
Магијата на пчеларењето, според мене, е токму во таа мистериозност на овие благородни инсекти. Фасцинираат редот и хармонијата во пчелната заедница каде пчелите работнички, трутовите и матицата истовремено и меѓусебно се секој секому потчинети и секој секому надредени.
Со начинот на однесување на пчелното семејство каде илјадници единки функционираат како еден супер организам можат да се „пофалат“ само мал број на живи организми на планетава, а би било добро кога на овој начин на функционирање би се угледале и луѓето. Благодарение на пчелите добиваме голем дел од храната која секојдневно ја јадеме, па голема чест е да се одгледуваат овие инсекти од кои бенефит има не само одгледувачот, туку и поширокото опкружување.
Има една изрека од еден познат пчелар и автор на неколку пчеларски книги: „Кога еднаш ќе се нурнеме во светот на пчелите, никогаш не излегуваме од него“. И навистина е така.
Откривањето на светот на пчелите, ме поттикна да се запишам на втор циклус на студии, односно магистерски студии чиј предмет на изучување се пчелите, учествував во повеќе домашни и меѓународни пчеларски проекти, истражувања и експерименти, соработував со автори на информативно-едукативни пчеларски книги, брошури, флаери и останати материјали.
Сè уште пчеларството ми е хоби, но минатата година преку мерката „Млад земјоделец“ успеав да набавам најсовремена опрема и да опремам погон за центрифугирање на мед, негово складирање, декристализирање, хомогенизирање и пакување, а набавив и сандаци за пчели и друга опрема, па така со стекнатото знаење и техничката опременост ги создадов сите услови за посериозно навлегување во пчеларството. Престојот во природа при пчеларењето е уште еден плус од сето ова, а придобивката од добивањето на здрави и вкусни пчелни производи е приказна сама по себе.
Што подразбира традиционалниот начин на одгледување на медоносните пчели? И зошто е препорачлив?
Во современото пчеларство не можеме да зборуваме за традиционално одгледување на медоносни пчели. Ниту да го применуваме во масовни размери.
Она што некогаш било традиција, функционирало и давало резултати, за жал, денес под налет на климатските промени, болестите и штетниците кај пчелите, пчеларските техники, рентабилно искористување на пчелите како и диверзификацијата на пчеларското производство, веќе не дава резултати кои ги бара едно рентабилно пчеларско стопанство.
Но, затоа традиционалното одгледување помогнало да бидат зачувани и денес да наследиме генотипови на пчели успешно прилагодени на ова поднебје, како на климатските така и на пашните услови. Токму затоа треба со почит да гледаме на традиционалното одгледување на медоносни пчели и да им симнеме капа на нашите предци кои се погрижиле пчеларството на ова поднебје да има долга историја.
Ова е причината зошто многу пчелари се одлучуваат на својот пчеларник да постават традиционални пчелни живеалишта како што се трмките и трупците и да ги санираат, репарираат и одржуваат бртвите-рачно издлабените дупки во карпите.
Денес имаме нешто што се вика Добра пчеларска пракса, односно збир од пчеларски техники, методи, принципи и филозофии преку чии пристап и примена од страна на пчеларот се задоволуваат сите барања во поглед на здравјето и благосостојбата на пчелите, здравјето на пчеларот, оптимално искористување на пчелите, добивање на исправни и квалитетни пчелни производи и рентабилност.
Кои грешки ги прават пчеларите, односно кои нивни потези влијаат негативно на македонската автохтона пчела?
Многу пчелари поради неинформираност или поради желба за брза заработка, на различни начини внесуваат пчелни матици од разни неавтохтони подвидови и комерцијални хибриди. Овие пчели не се прилагодени на локалните услови, подложни се на болести, трошат повеќе храна, имаат покус животен век и не овозможуваат рентабилно пчеларење на подолг рок.
На овој начин, освен што си нанесуваат штета самите себеси, прават штета и на многу пчелари кои ја одгледуваат македонската пчела. Ваквите увезени пчели ја хибридизираат популацијата на македонската пчела и на тој начин освен што може да пропадне повеќегодишна селекција, се загрозува и биолошката разновидност на оваа пчела.