Миа Перевска: „За мене музиката е начин на живот, уште од 16 години сум придружен вокал на реномирани музичари“
- Детали
- четврток, 19 мај 2022
„Зошто токму музика? Ќе кажам кратко: ‘Бидејќи никогаш не беше избор за мене, музиката е мојот начин на живот!’“, вели Миа Перевска (23) за CRNOBELO.com, која тргна по стапките на татко си да гради музичка кариера, но во сосема поинаков стил. Таа открива дека голема поддршка ѝ е и партнерот Марко Чаласан, со кого е во врска веќе 3 години и заедно го делат животот најдобро што знаат и умеат.
Миа Перевска (23) од Скопје периодов работи на дипломската по Музичка продукција и аудиоинжинеринг на факултетот за Аудиовизуелни уметности.
Наследничката на Пере Нокаут вели дека создава музика откако го открила пијаното на само 5-годишна возраст, но изминатата година конечно се охрабрила да го сподели првиот личен проект, а сега веќе се подготвува да го сподели и четвртиот.
За музичките проекти, како и тоа кој ѝ е најголема поддршка во градење на музичка кариера Миа открива за CRNOBELO.com:
Зошто токму музика?
Ќе кажам кратко: „Бидејќи никогаш не беше избор за мене, музиката е мојот начин на живот!“
Како и во која насока ти се движи музичката кариера?
Сериозно сè почна да се одвива во 2014 година, кога на 16 години почнав да настапувам на големи сцени со веќе реномирани музичари, кои самите изразија желба да ги пратам како вокал.
Како дете за мене тоа беше незамисливо, но денеска имам искуство кое сè уште се продлабочува и благодарна сум за тоа.
Денеска веќе настапувам и самостојно неколку години низ скопските пабови, иако и концертите со други музичари не се изоставени. Местата на кои настапувам се претежно само за странски групи (туристи) кои се дојдени во посета на нашата прекрасна земја, и везден се случуваат интересни моменти.
Запознав прекрасни луѓе и имам многу приказни кои ќе ги паметам додека сум жива.
Но, моментално фокусот ми е насочен најмногу кон авторството, експериментирањето и создавањето на сè она што сакав/сакам „Миа“ да биде. Сметам дека се движам накај некој сè уште „некомерцијален" правец за нашите простори, но мене ми е удобен и ќе го творам сè додека така го чувствувам.
Гледам да сум доследна на своите мисли и чувства, а на каде ќе движи тоа самото по себе, ќе се открие само со време.
Во странство имам настапувано хорски, но има и планови кои се надевам дека ќе се остварат во блиска иднина.
Како е да се биде придружен вокал, каде и на кого досега си била?
Самиот факт да се стои позади уметници на кои им се угледувам е чест за мене, така што прекрасно е самото чувство.
Досега сум имала можност да стојам пред сè позади мојот татко, кој го изнесе интровертното дете конечно на сцената, ме научи да се почитувам и да се борам сама во возразниот свет, како и другите членови на Нокаут позади кои гордо стојам секогаш, сите поединечно оставиле некаков траен белег на мене.
Тука се Венко Серафимов, Гуру Харе, Игор Џамбазов, Last Expedition, Д.Н.О, Тони Зен, Македонската филхармонија, како и еден од моите домашни омилени бендови - Архангел, искуство кое ми отвори шанса да бидам музички дел и од театарската претстава „Животот E...” чија приказна е на Ристо Вртев, во режија на Наташа Поплавска, крафтверк кабаре кое вреди да се погледне и слушне.
На листата има и доста други уметници и се надевам дека листата само ќе се зголемува и понатаму.
Каде се гледаш за 10 години отсега на поле музика, кој е твојот најсилен адут во таа насока?
Мојот најсилен адут е веројатно фактот дека најчесто самата ја свирам, снимам, пеам и обработувам својата музика од почеток до крај, па единствениот човек од кого зависам сум самата јас, а за 10 години отсега се гледам во студио и на сцена, опркружена со луѓето кои ги сакам.
Колку време сте заедно со твојот партнер Марко Чаласан?
Со Марко сме заедно нешто повеќе од 3 години. Се запознавме преку заедничко друштво.
Денеска сме и најдобри другари и го делиме животот најдобро што умееме еден со друг.