Камењар – урбан лик од скопската шема, по која чувствуваме носталгија, некогашен член на „Нови Дечки“ и криминалист (фото)
- Детали
- четврток, 31 март 2022
„Прво сериозно вложување, со јака позајмица, ми беше локалот Змија во Градски трговски центар од 1997 година до 2000 година. Тоа беа најубавите времиња за Скопје. На почетокот на 2006-та, по иницијатива на мојот другар и партнер Коста – Коки, направивме дискотека која ја крстивме „BE-TWO“. Од времето на „Нови Дечки“ мене ми е омилена песната „Шпанска мушичка“...“, раскажува Владимир Ристов, Камењар, за CRNOBELO.com, кој денес работи како началник на единица за економски криминал и е татко на две деца.
Владимир Ристов – Камењар е урбан лик кој дефинитивно беше дел од срцето на градската шема во Скопје. Ни буди чувство на носталгија и ни враќа прекрасни спомени од едно минато време. Сигурно и вие се сеќавате на некоја од култните песни на групата „Нови Дечки“ во која членуваше.
Тој по професија е дипломиран криминалиста, вработен во Министерство за внатрешни работи веќе 20 години. Работел на повеќе работни позиции од помлад инспектор за Економски криминал, сега моментално началник на единица за економски криминал во Одделот за криминалистичка полиција. Вели дека работата си ја сака иако е многу комплексна, напорна, стресна и бара многу посветеност.
Но, во срцето сè уште го носи угостителството и вели дека еден ден можеби повторно ќе го работи тоа.
За почеток не можевме, а да не го прашаме од каде потекнува неговиот прекар.
Владимир за CRNOBELO.com открива зошто токму Камењар:
„Прекарот ми е од моја 5-годишна возраст, не е баш симпатичен, но сепак е уникатен… Прекарот го добив бидејќи имав голема способност за герилска војна и прецизност на далечина со секакви реквизити, а најмногу со камен, па оттаму Камењар.“
Добро го знаеме како градски лик, кој дефинитивно му даваше посебен шмек на ноќниот живот во Скопје. Но, како изгледаа неговите почетоци во оваа сфера...
„Долги години т.е од тинејџерски години се занимавав со угостителство почнувајќи како келнер на моја 15-годишна возраст (за време на летните распусти), шанкер, здружена екипа на менаџери и подоцна некаде на 22/23 години се охрабрив да ризикувам и да вложам во првиот локал изнајмен под закуп.
Таа професија и кариера ми траеше долги години, повеќе од 25 години, љубов ми е, голема носталгија и можеби некогаш ќе ѝ се вратам во прегратка.“
Го потсетивме на периодот со групата „Нови Дечки“:
„Иницијативата за формирање на групата „Нови Дечки“ се случи на скијање во Маврово далечната (за мене како вчера да беше) 1998 година, јануари месец по иницијатива на Коста Костовски. Бевме на некоја забава во Маврово во некој локал, каде што пуштаа македонски песни.
Сè беше на шега и бевме малку повесело расположени, многу се смеевме на некои песни зошто тогаш имаше експанзија на македонската музичка сцена и секој се пробуваше, па така и ние си ја пробавме среќата.
Иако мислев дека Коки се шегува, а и јас со него, имав заборавено на тој разговор, кога после еден месец откога се вративме ме викна кај Дарко Димитров и ми соопштија дека нарачал да ни изготви песна т.е подоцна и цел албум, на што јас малку се исплашив затоа што бев малку срамежлив, гласот не ми е баш најсилна страна, за заплашување ми е врв. Така тргна работата, ја снимивме „Забава до Бесвест“ и веднаш и спотот каде што во јавноста помина одлично.
Следуваше и снимање на 3 спота што мене ми беше најомилениот дел заедно со снимањето на песните затоа што имаше многу забава, смеење до паѓање во несвест кога ги слушаш другите во позадина кога пеат. Незаборавни мигови, прекрасно чувство, неверојатна забава…
Јас, ако се прашувам, мене ми е најомилена песна „Шпанска мушичка“ и многу ми е криво што за неа не снимивме спот. Исто така ми е криво што не можам да се сетам каде ми се оригиналните касети од снимените спотови за да ги прикачам на Јутјуб со добар квалитет.“
За семејниот живот Камењар за CRNOBELO.com вели:
„Оженет сум веќе 7 години, имам женичка во стилот на Доктор Џекил и Мистер Хајд, Богородичка ли е, ѓавол ли е, зависи од денот… Имаме две дечиња - Јована која сега ќе наполни 6 години и Дарин кој во јуни ќе наполни 4 години.
Тие реално ми се сè што имам во животот, другото ништо не е важно. Тие ми се инспирација, мотив, движечка сила, лек и смеа, ама и душа вадат.
Свадби мразам најмногу на цел Универзум и затоа не ни сакам да се присеќавам на тој ден, страхотна агонија ми беше и едвај чекав сè да помине. После свадбата многу се разболев, сè последица на голем стрес.“