Камењар – урбан лик од скопската шема, по која чувствуваме носталгија, некогашен член на „Нови Дечки“ и криминалист (фото)
Првпат работев како келнер во летната дискотека Текила во Парк, на моја 15/16-годишна возраст. Следно место каде што работев како келнер беше Манда во Мавровка, Рома во Мавровка како келнер и шанкер, зависи од денот и потребата, Блек Маркет исто така во Мавровка.
Потоа во Матеник во Дебар маало, Дискотеката Силекс, Дипломатик. Потоа почнавме да менаџираме локали. Прв локал ми беше Булевар, потоа следеа Тротоар, Матиник, Интерфалко, Галаксија…
Прв локал каде што вложив беше Мејкап. Потоа кратко бев во Дипломатик.
Прво сериозно вложување, со јака позајмица, ми беше локалот Змија во Градски трговски центар од 1997 година до 2000 година. Тоа беа најубавите времиња за Скопје.
Подоцна дојде конфликтот во 2001-та година, тогаш заедно со мојот другар Ико и мој партнер од „Нови Дечки“ го работевме Сити. Иако супер тргна, подоцна малку заглавивме. По 1 година заминав за Америка во Њујорк, па подоцна во Мајами.
Откога се вратив, по кратко време му се навратив на Булевар, го земавме партнерски со Бранко Крвопија, Прке и Баже Стоби. Одлично одеше, се заработуваше многу пари. Вложивме во дискотеката во парк Кабрио, земавме шанк. И таму одеше одлично цело лето, бевме премногу слободни, по цели денови и месеци само забава и забава.
Во 2004-та година се решив малку на посериозен чекор, земав локал под закуп на Кејот 13 Ноември во Градски трговски центар. Направив локал кој го крстив Опиум, по името на еден клуб во Мајами, кој премногу ни се допадна.
Кафичот работеше многу убаво т.е сите локали на Кејот работеа одлично, тие неколку години цела забава беше на Кејот. Имаше прекрасни локали како Ресторан Ања, Кафе Картел, Инсомниа…
На почетокот на 2006-та година по иницијатива на мојот другар и партнер Коста - Коки го земавме локалот Метропол којшто во минатото бил ресторан и сала за свадби. Коки на приземјето отвори прекрасен Ресторан Пучини, а горе на катот направивме дискотека која ја крстивме „BE-TWO“ која ја работевме 8 години.
И ден денес не можам да го прежалам тој клуб, заљубен бев во него, да можев и ќе спиев таму. Многу убаво се забавувавме таму, но беше и премногу мачно и стресно.
Потоа, од 2013 до 2017 година направив пауза и мислев дека нема да се вратам на угостителството, но еден светол сончев ден ми се јави другарчето Мики да се видиме. Се сретнавме јас, он и Столе коишто ми предложија да го земеме локалот Интермецо во Капиштец, кој беше затворен 2 години.
На почетокот бев скептик зошто таа година политичката ситуација беше многу лоша, најлоша откога јас паметам, но ме убедија. Така во мај месец го средивме и го отворивме. Одлично тргна, многу убав локал.
Но, кога ми се роди второто дете не можев повеќе да издржам од обврски и донесов одлука да излезам од партнерството што донекаде жалам, но пак од друга страна како фати короната можеби и се спасив, инаку ќе полудев од нервирање.
Во принцип угостителството е најтешка работа и тоа се крваво заработени пари со премногу стрес. После тие неколку години како со нож се сменија времињата, стануваше сè потешко и потешко.
Денеска стандардите 1.000% се променија, нема веќе импровизација, има прекрасни локали по мој вкус што можат да се носат со сите светски метрополи. Јас сакам големи локали, со многу простор, големи, чисти и мирисливи тоалети, големи и долги шанкови.
Како најдобри во Скопје по мој вкус би ги издвоил Интермецо, Мош, Трее, БКВ, а клубче Станица. Сега кај и да е, ќе се отвори уште еден голем и прекрасен локал АБЦ спроти средното училиште Орце Николов. Локалот го средиле WOW… Браво.“
Повеќе фотографии од приватната архива на Камењар:
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело