Камењар – урбан лик од скопската шема, по која чувствуваме носталгија, некогашен член на „Нови Дечки“ и криминалист (фото)
На тема кое е неговото животно мото вели:
„Немам конкретно животно мото, но имам правци на движење како:
Трпение, спасение, сè што е твое, ќе си дојде, да бидеш добар, храбар и чесен човек, да помагаш и пренесуваш сè добро и паметно што знаеш додека си жив, секој ден гледам да ми се случи нешто убаво, сакам секој ден да го паметам по нешто убаво.
Убаво е животчето, нема ништо поубаво кога ќе се разбудиш наспан, сончев ден и ако знаеш дека има некое денарче во џепчето да попиеш некое „пиче за младиче, да си се шуткаш со најблиските спокоен и релаксиран.“
На прашањето како изгледа неговиот социјален живот и со кој го минува најчесто времето Камењар вели:
„Во последниве 2 години навиките на сите ни се променија, контактите, дружењето и забавата ни се сведе на скоро еднаш неделно. Да можам и да имам можност секој ден би излегувал ама секој ден!
Си сакам кафанче/кафич, дискотека/клуб… Многу ми недостигаат големи журки каде што има по 2.000/3.000 луѓе, да ја гледаш, почувствуваш и доживуваш таа енергија и еуфорија. Сакам ама нема за жал.
Често со кумот и другарите си ги споменуваме минатите времиња, евоцираме спомени и секој ден си викаме ,,ИСТО Е АМА НЕ Е ИСТО“ (тоа најмногу важи откога ќе се ожениш).
Ми недостига некоја добра журка со некој страхотен диџеј, ми недостига некој концерт со некоја светска мега ѕвезда. Многу сакам да одам на концерт на Ганс енд Роузес, Кјур, Дјуран Дјуран, Депеш Мод - на сите сакам, секој викенд би одел на концерт кога би имал можност.“
За неговите секојдневни навики открива:
„Секој ден се будам околу 7 часот, пијам половина цеден лимон со 600/700 милилитри млака вода, пружам алишта, се замивам и тргнувам на работното место, кое ми е на 150 метра од дома, јадам банана, си правам едно капучино од ванила со цимет, потоа пијам чај, јадам грицки, читам портали, читам дневна службена пошта и сè што ми е врзано со работата. Обично некаде околу 12 часот одам дома да доручкувам или кај кумац Пеџа во Тренд…
Одам 2/3 пати неделно и на денско кафе во Мош, Интермецо, Каза, БКВ, Култура, зависи од другарчето/ињата со кое/и сум договорен/ни - каде љубат…
Многу се радувам што истите луѓе се дружиме и се држиме заедно повеќе од 30 години. Некои 30-тина луѓе сме многу поврзани и катадневно комуницираме и се гледаме, помалку или повеќе, но сметам дека секогаш сме тука еден за друг.
Многу сакам да спортувам, секојдневно одам во теретана, еднаш до двапати неделно се качувам на Водно кога е убаво времето и нема кал, обожавам да трчам…