Интервју со Емили, Кенијка мажена во Прилеп: „Кога ми студи пијам топла ракија и не можам да живеам без јамболија“
Што најмногу ти недостига од твојата татковина?
Мојата баба, таа е мојот број еден. Ми недостигаат и другите членови од моето семејство, ние сме големо семејство.
Исто така, ми недостига и климата, таму е секогаш топло и има многу различни видови на овошје и зеленчук. Ми недостига Кенија бидејќи ми недостига слободно да кажам „дома сум“.
Дали е тешко да растеш дете далеку од твојата родна земја?
Растењето на ќерка е предизвик бидејќи има големи разлики меѓу културите и традициите на Кенија и Македонија. Како што кажав ние сме големо семејство во Кенија, па секогаш имам помош и никогаш не морав сама да се грижам за неа, сè додека не дојдов во Прилеп.
Дали некој од твоето семејство те има посетено во Прилеп?
За жал, сè уште не. Но, се молам на Господ еден ден да ми дојдат на гости. Мислам дека им е страв од студот и снегот. Кога во Кенија им покажував слики од Македонија, а ќерка ми беше малечка и немаше видено снег, ме праша, зошто има толку многу млеко истурено на земјата.
Во што се разликуваат Кенија и Македонија?
Првата разлика е што Кенија е голема земја со 42 племиња, а тоа значи 42 јазици, мајчини за секое племе, плус свахили кој е заеднички за сите и англискиот јазик кој е официјален. Уште од деца го учиме нашиот мајчин јазик, свахили и англиски јазик. Сите тие 42 племиња имаат свои култури, традиции и обичаи.
Другата разлика е во климата. Во Кенија е претежно топло и сончево, со мал број дождливи денови и температура која паѓа само до 20 степени. Тогаш сите се жалат дека е ладно, се разболуваат и носат зимска облека.
Која е разликата меѓу Кенијците и Македонците?
Разликата меѓу Македонците и Кенијците е што ние, Кенијците, сме многу отворени и со слободен дух, со љубов кон животот и сакаме да уживаме секој ден. Често во Кенија се вели „се живее само еднаш“ и дека вреди да се прославува животот со танцување и пеење. И за сè велиме hakuna matata што преведено од свахили значи „без грижи“.
Кои се твоите омилени места во Македонија?
Моето омилено место во Македонија е Свети Наум во Охрид. Тоа е најубавото место кое го имам посетено.
Го сакам и Крушево поради неговата природа, Градско бидејќи е чисто, а убави ми се и Битола и Струмица. Но, го сакам и Скопје бидејќи ме потсетува на мојот дом. Јас сум градска девојка, родена и израсната во голем град, па секогаш кога сум во Скопје се чувствувам како да сум дома, Скопје ме потсетува на мојот град, и автобусите и градскиот метеж, сообраќајот и зградите, иако мојот град е поголем и со повисоки згради и многу повеќе сообраќај.
Кога сум во Скопје барем на неколку часа се чувствувам како дома.
Колку твојата ќерка знае за Кенија?
Мојата ќерка е запознаена со културата и традиции на Кенија, го зборува мојот мајчин јазик и свахили. Понекогаш ми одговара на англиски или македонски, без разлика дали јас ја прашувам на мојот јазик или на свахили. Таа е многу добар ученик и има прекрасни наставнички.
Иако е мала, работи како модел, обожава да се фотографира и има позирано за различни брендови во Македонија.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј.| Црнобело / фото: приватна архива