Интервју со Емили, Кенијка мажена во Прилеп: „Кога ми студи пијам топла ракија и не можам да живеам без јамболија“
Што ти се допаѓа најмногу во Македонија?
Тоа што ми се допаѓа во Македонија, или, тоа што го сакам, е мирот. Не велам дека нема конфликти или трговија со луѓе или лоши работи во Македонија, но таа е земјата со најголем мир која јас ја имам посетено. А посебно е различна од мојата родна Кенија. Јас ја сакам мојата татковина, но таму постојано има напади од различни религиски групи.
Што не ти се допаѓа во Македонија?
Она што не ми се допаѓа во Македонија се недостатоците во образованието, не е дека е многу лошо, но сепак сме 2021 година, а мене сè уште ме прашуваат дали во Африка спиеме на дрвја, дали имаме електрична енергија и дали носиме облека? Ме прашуваат дали има згради и дали има луѓе со бела раса во Африка!
И најизненадувачкото прашање кое ми го поставуваат е кој е претседател на Африка. Не сите, но поголемиот број од Македонците кои јас ги познавам мислат дека Африка е држава со еден претседател, а не континент.
Дали беше тешко да најдеш работа во Прилеп?
Потрагата во работа беше екстремно тешка. Посебно на почетокот, бидејќи не го знаев јазикот и имав мало дете со мене, а поради тоа бев депресивна.
Првата работа ми беше како волонтер во Центарот за деца со интелектуална попреченост, „Порака“. Таму предавав англиски јазик и танцував афрозумба со децата, а мојата ќерка доаѓаше на работа со мене. Најдобрата работа која сум ја работела во животот.
Потоа, кога мојата ќерка потпорасна работев и како професор по англиски јазик во приватно училиште, а имав и свој фитнес-центар со зумба, но морав да го затворам поради тоа што не ми беше финасиски исплатливо.
Почнав да плетам коса со традиционални африкански плетенки, имам многу задоволни клиентки, но тоа е само летниот период.
За жал, често ме искористуваат, одбиваат да ми платат, иако сум им ја плетела косата девет часа, па ме блокираат на Фејсбук. Но, тоа ме прави само посилна и ме тера да работам понапорно.
Во последниве две години конечно се вработив и сум осигурана, како сите македонски државјани, и веќе не ме гледаат како странец со различна боја на кожа. Мора да му се заблагодарам на мојот работодавач, газдата на ресторанот Касни Порасни и неговото семејство кои ме прифатија како своја. Тој ме научи многу работи за македонските сирења и печурки.
Ако доаѓате во Прилеп, дојдете да ги пробате највкусните пици и пастрмајлии, кои се направени од моите раце.