Бродски љубовни приказни: Србинката Јована и Турчинот Онур, Египќанец и Бразилка, белгиско-израелска љубовна бајка
Каролин и Лиор: Спој на Белгија и Израел
Бродот спои уште две нации, две култури, две срца, 37-годишната Каролин од Белгија и 30-годишниот Лиор од Израел. Се запознале додека таа била фотограф, а тој дел од тимот на обезбедување на крузер.
Таа раскажува дека тој побарал од неа да го фотографира за да ѝ испрати фотографии на својата баба. Го сликнала и се заљубиле и веќе пет години ја негуваат својата љубов во својот дом малиот белгиски град Капеле-оп-ден-бос кој го делат со миленикот Изи.
На прашањето како е да се биде во врска со личност од друга култура таа вели дека е интересно, но на моменти тешко и предизвикувачко.
„Понекогаш разликите се во малите нешта како начиниот во кој комуницираме, гостопримливост, возиме или готвиме, јазикот...Израелско-еврејската и белгијската култура се навистина различни и дефинитивно нѝ требаше време за навика и адаптација“ – вели Каролин која додава дека на почетокот нивните семејства имале предрасуди за врската, но денеска ги поддржуваат и прифаќаат.
Најтешкиот дел од врска на далечина за неа е тоа што на брод постојат многу искушенија.
„Претпоставувам дека или треба да имаш голема доверба или да си наивен и луд за да почнеш врска на брод“ - вели таа, но додава дека ако не било работењето на брод тие никогаш немале да се запознаат и да бидат заедно, а за тоа е вечно благодарна.
„Романса на брод, како и сé друго на брод, е екстремно интензивно. Верувам дека ако се сретневме на одмор, надвор од брод не би ја имале истата врска и блискост како на брод по само четири дена поминати заедно“ – раскажува таа која додава дека на почетокот имале проблеми додека тој бил на брод, а таа на копно, но успеале заедно да ги надминат. Таа воопшто не верувала дека нивата врска ќе продоложи во „реалниот живот“, но решила да ризикува и за среќа, сé уште се заедно.
Најтешкиот дел од врската е тоа што и на двајцата им било прв договор, а Лиор како дел од тимот за обезбедување не смеел да зборува со останатите членови од екипажот поради својот тренинг, па затоа морале да ја кријат својата врска, да се гледаат тајно, а таа не смеела да им каже ни на своите пријатели.
По завршетокот на договорите решиле да не се враќаат на брод и да го градат својот живот во Белгија. За работата на брод, Каролин вели дека неа, како наивна европска девојка, тоа ѝ донело поголема самодоверба, смелост и независност, и дека покрај притисокот и долгите работни часови, тие седум месеци биле едни од најсреќните во нејзиниот живот поради пријателите и патувањата, и секако Лиор, најдоброто од нејзиното бродско искуство.
Панче и Стефани: Бродската кабина ја замени домот во Кавадарци
Откако се запознале на брод, Панче вели не се одвоиле, заедно се 24/7, а и покрај огромната културна разлика меѓу Бразил и Македонија неговата сопруга Стефани се навикнала на македонскиот начин на живот. 35-годишниот Квадарчанец и 32-годината Бразилка од Сао Пауло се заедно веќе осум години, а поради пандемијата ги напуштија бродовите и двајцата работат онлајн за Американска компанија.
Нивната врска почнала на брод, тој на неговиот трет договор, а втор за Стефани, и двајцата вработени како продавачи. После пет месеци секој се вратил во својот роден крај.
„После три месеци таа дојде во Македонија каде се венчавме. Не планиравме голема свадба, но моите пријатели ни подготвија изненадување. Тие организирале сé во ресторан во Кавадарци, а јас воопшто не знаев. Мислев друг ден онака да прославиме. Нé изненадија и со жива музика вечерта кај мене дома, па од нешто што не очекував испадна баш добра забава благодарение на моите пријатели и моето семејство “ – раскажува Панче за својата свадба. Тој додава дека неговото семејство и пријателите и помогнале на бразилската снаа да се адаптира во македонскиот живот и покрај големата културна разлика.
Панче додава дека имале среќа, и дека покрај работењето на брод не биле на различни бродови, па максимум биле разделени две недели, кои брзо поминуваат со слушање преку социјалните мрежи.
На прашањето дали некогаш се двоумел за врската почната на брод тој одговара дека никогаш немал дилеми во неговата љубов со Стефани, дури и по петте месеци поминати заедно и три месеци одвоени, тој знаел дека повторно ќе бидат заедно.
„Се запознавме на брод, од тогаш до денес не сме биле одвоени. Тие врски се некако чудни, можеби затоа што имаме иста визија во животот, сме поминале низ тешки и убави моменти далеку од своите најблиски и сето тоа ве зближува и ве тера да научите еден за друг многу побрзо и сфаќате дека тоа е тоа што го сакате“ – вели тој додавајќи дека Стефани веќе има македонско државјанство, па во текот на пандемијата останале заедно во својот дом, но открива дека им недостига бродскиот живот и патувањата.
Поради светската ситуација со вирусот вели дека повеќе од година дена се дома и дека не планираат наскоро да се вратат на брод.
„Но никогаш не вели никогаш. Еднаш морнар, цели живот морнар“ – насмеано вели тој и додава дека неговата сопругата е најдоброто нешто што му се случило во во неговата бродска кариера. Од работењето на брод тој вели научил повеќе да ги цени работите и добил нови погледи кон светот.
Иако е добро познато дека врските на брод траат колку и договорот, но овие пет животни приказни се доказ дека вистинската љубов е посилна од сите граници и далечини. Врските на далечина и со личност од друга култура се тешки, но истовремено се забавни и интересни, полни со изненадувања и постојано откривање на нешто ново.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј.| Црнобело / фото: приватна архива