Копаничарот Тоде од Брвеница: „Рачната работа се цени и кај нас, но ретко кој има пари за оригинални дела“

Тоде Секулоски е млад копаничар од тетовското село Брвеница, кој овој стар македонски занает го спојува со модерното живеење и креира дела инспирирани од видео игрите и митологија. Љубовта кон резбањето му се родила уште во детските години, а умешноста со дрвото ја наследил од својот татко, столар.

kopanicharot-tode-od-brvenica-rachnata-rabota-se-ceni-i-kaj-nas-no-retko-koj-ima-pari-za-originalni-dela01.jpg

Тоде има 34 години и е дипломиран психолог, а од 2008 година постои неговото резбарско ателје WoodworksGeek, кое се наоѓа во неговиот дом и каде создава дела кои красат домови ширум светот. Вели дека, за жал, не постои голем интерес меѓу младите за изучување на овој занает бидејќи машинската изработка ја замени рачната.

Колку долго се занимаваш со копаничарство и како се роди интересот за овој стар занает?

Копаничарството почнав да го изучувам во 2007 година. Претходно немав никакво искуство во овој занает, но имав силна желба да го совладам. Уште како дете, паметам, сакав да изработувам куќички од дрво, лакови, пиштоли и други предмети кои мојата детска фантазија ги креирала. Мојот татко е столар и тој ми ја пренесе љубовта кон дрвото и неговата обработка. Во тоа време немаше туторијали на Јутуб или списанија за резба, при што увидов дека за да ги совладам тајните на копаничарството, ќе мора да ми ги пренесе некој искусен учител.

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-02.jpg

Каде го изучи овој занает?

Копаничарството го изучував во ателјето на Будимир Апостолски – Пишман, копаничар од Тетово каде што по една година учење навлегов во тајните на дрвото и резбата. Па така, во 2008 година се роди моето студио каде што до денес самостојно творам.

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-05.jpg

Делата кои ги работев во текот на мојата обука беа инспирирани од христијанска иконографија, флора и фауна од македонскиот фолклор, како и национални мотиви и обележја.

Какви материјали и алати се користат при резбањето?

Алатките кои ги користам се специјални длета за резбање. Постојат повеќе видови длета во различни форми и големини на сечилото, кои наизменично се користат во текот на изработката на делото. Најосновни и најчесто користени длета се правото длето за обележување на контурите, длетото лопатка за отстранување на вишокот дрво и „V“ длетото за агли.

Што се однесува до материјалите, ореовото дрво е најчесто користено во овој регион. Други видови кои се користат на овие простори се бука, цреша и липа. Јас претежно за моите дела користам орев и бука.

Секако, пред употреба дрвото треба да е доволно суво, во спротивно може да пукне, а и е комплицирано за обработка поради соковите кои ги содржи.

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-04.jpg

Дали лесно се наоѓаат дрво и алатки за резбање?

Во Македонија постојат пилани каде што може да се набави дрво за резба, но не во доволен број и не секогаш може да се најде суво дрво кое е веднаш погодно за обработка. Најдобро е материјалот да се набавува во поголеми количини и да се суши во природни услови на провев.

Квалитетни копаничарски длета исто така релативно лесно се наоѓаат. Некои од длетата кои ги поседувам ми се купени од продавница во Охрид, останатите ги порачував од Канада.

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-16.jpg

Дали има интерес меѓу младите за изучување на резбањето?

Да бидам искрен, постои многу мал интерес за изучување на кој било традиционален занает, па така и на копаничарството. Машинската обработка ја замени рачната, така што младите овде не гледаат профитабилност во овој занает. Изработката на едно дело рачно бара доста време и трпение, додека истото дело на ЦНЦ машина одзема неколку минути.

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-06.jpg

Велат во рацете на резбарот дрвото оживува. Како тече процесот на резбање, од почеток до крај?

Па, баш така - дрвото во рацете на уметникот оживува. Замислете едно парче дрво кое можело да заврши во оган, му го отстранувате вишокот материјал и од него излегува уметничко дело кое ќе трае стотици години.

Како што претходно кажав, најнапред дрвото треба да е добро исушено пред да почне да се резба. Делото коешто ќе се изработува се прецртува рачно врз дрвото или со помош на индиго. Процесот тече во зависност од видот на проектот.

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-07.jpg

Доколку се работи на релјеф, прво се отстранува вишокот дрво за да дојде до израз главниот дел за резбање. При резбање 3Д скулптура секогаш почнувам од горниот дел и од надворешните страни. Како и да е, претежно секој копаничар низ искуството воспоставил свој метод на работа.

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-08.jpg

Од каде црпите инспирација за вашите дела, дали се традиционални мотиви или модерни дизајни?

На почетокот изработував икони на светци, скулптури, како и традиционални мотиви. Последниве пет години изработувам дела исклучиво со теми од видео игри, митологија и фантазија. Видео игрите поседуваат неисцрпна инспирација за креирање резбани дела. Се пронајдов во оваа тематика и уживам да изработувам гејминг ствари.

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-15.jpg

Кои се ваши клиенти - домашни или странци?

Клиентите претежно се млади гејмери кои ми порачуваат да изработам некој предмет што го поседуваат во видео играта, за да го имаат во живо. Порачки има од странство, поретко и од овде.

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-11.jpg

Дали сметате дека копаничарството денеска е доволно ценето како занает?

Копаничарството и сите занаети и уметности кои бараат вештини, време и посветеност да се изработат се ценети, како и уметниците кои тие дела ги изработуваат. Меѓутоа, поради фактот што рачната работа бара доста време за да се изработи едно дело, следствено на тоа и цената е висока.

Животниот стандард во Македонија честопати не дозволува едно просечно семејство да купи оригинално уметничко дело, па така се задоволуваат со поевтини копии увезени од Кина. Тоа остава впечаток дека копаничарството и рачната изработка воопшто не се цени, но не е така. Честопати сум слушал како ми велат „Златни раце имаш, прекрасни дела изработуваш, но јас немам пари тоа да го купам“.

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-10.jpg

Постојат многу традиционални занаети кои се во изумирање, што според вас треба да се направи за да се зачуваат македонските традиции?

Пазарот одлучува кои занаети и услуги ќе опстојат, а кои ќе изумрат. Во Македонија традиционалните занаети изумираат поради нискиот стандард, слабата побарувачка и машинското производство кое го замени рачното. Во развиениот свет и тоа како е голема побарувачката за рачно изработени дела.

Интернетот и информатичката доба во која имаме среќа да живееме треба да се искористат за пробивање на меѓународниот пазар. Државата може да помогне преку субвенции и други олеснувања.

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-12.jpg

Кое е вашето омилено дело со кое посебно се гордеете?

Подеднакво уживам во секое дело кое го изработувам бидејќи во секое едно, преку рачната изработка, внесувам дел од мене. Понекогаш ми е жал кога морам да се одвојам од делото и да го испратам во новиот дом.

Ете, како едно од многуте омилени дела би ја издвоил една маска која има оригинален дизајн што самиот го креирав. Моментално се наоѓа во приватен дом во САД.

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-13.jpg

Колку талентот е значаен во изучувањето и практикувањето на резбарство?

Мислам дека талентот нема или има мала улога во изучувањето и практикувањето на копаничарството или која било друга работа. Она што е најзначајно се одлучност, цврста волја, посветеност и силна желба нештото да се научи. Со тренингот и искуството доаѓаат и резултатите. 

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-09.jpg

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-17.jpg

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-14.jpg

кopanicharot-tode-od-brvenica-video-igrite-poseduvaat-neiscrpna-insprijacija-za-kreiranje-rezbani-dela-03.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

И. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Стефан Миленковиќ за CRNOBELO: „Секогаш со задоволство се враќам во Македонија, го сакам вашиот ајва... „И понатаму свирам на виолината изработена во 1783 година. Таа била во сопствено...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
„Со радост се сеќавам на моето детство во Скопје, кога не се заклучуваа вратите и комшиите беа насме... „Сум имал среќа да живеам повеќе години во четири различни земји од нашиот регио...
Драшко од Скопје рачно изработува парчиња од дрво: „Не може да се повторат две исти парчиња – самото... „Што се однесува до процесот на изработка, најчесто изработуваме со дрво од орев...
Сара Трајковска, ќерката на Борис Трајковски ексклузивно за CRNOBELO: „Омилените спомени со татко ми... „Често му бев верна придружба кога одеше на пазар, а кога патуваше, од секаде ми...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg