Интервју со талентираниот Александар Величковски, кој слика икони: „Почнав со копирање календарски икони, сите ми рекоа дека од уметност не се живее“
- Детали
- петок, 27 ноември 2020
Александар Величковски е 23-годишен уметник кој слика икони, има студирано во Италија, а за студентските денови вели дека го потсеќаат на многу паста и организирање македонски вечери со пријателите кои обожавале наша храна и ракија. Тој открива што значи да се сликаат икони и каде се прават најголемите грешки.
Неговите дела се базирани пред сè на традиционални техники. Од цртеж, масло, па сè до мозаик. Тематски се концентрира на портретот и фигурата, но во последно време е задлабочен во истражување и преработка на религиозни тематики.
На неговиот Инстаграм профил @velichkovskialeksandar3 може дополнително да се запознаете со неговите дела.
Александар во 2012 година се запишал во средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, на смерот по сликарство. Во втората учебна година се препушта во водите на фрескоживописувањето низ црквите во Македонија со професорот Венко Цветков.
По завршување на средно училиште, добил стипендија од страна на италијанското министерство и студиите ги продолжил во Равена, на историската Академија за мозаик. За време на студиите учествувал во повеќе групни изложби на слики и мозаици во и надвор од академскиот контекст, од кои ги издвојува религиозната Арте Фиера Девотио во Болоња во која учествувал со еден кружен мозаик што репрезентирал фрагменти од Христовото распетие и групна изложба на финалисти од конкурсот Млади Уметници мозаичари ГАЕМ за време на Биеналето на мозаик во Равена во 2019 година.
При крај на 2019 година и почеток на 2020 ја отворил својата прва изложба на мозаици, насловена „12“ под кураторство на Бруно Бандини и Беатриче Бускароли во Руси, периферија во Равена. На првото самостојно изложување се претставил со 12 дела, од кои три биле невидливи. Изложбата го претставувало отсуството и присуството на дванаесетте апостоли, изработени со златни венецијански камчиња.
За време на студиите работел како асистент на сликарот Енрико Мингуци на курсевите по цртање, сликање и акварел во приватното училиште „Лаб Арт“ во Равена.
„Да бидам искрен, не се сеќавам многу на своето детство. Дури и кратките сцени што се останати во моето сеќавање не се поврзани со уметноста. Препознавањето на сликарот во себе, хм? Тоа едноставно беше нешто коешто самото си исплови на површина со текот на годините.
По завршување на основно се двоумев во кој правец да продолжам со школувањето. Едно време бев заљубен во медицина, после во теологија. Го посетив средното училиште за богословија коешто после првиот чекор внатре, сфатив дека тоа не е место каде што треба да продолжам…
Во целиот тој период, цртав. При разговор со професорите околу темата за што понатаму, голем дел од нив инсистираа на тоа дека од уметноста не се живее и тоа беше доста обесхрабрувачки за мене. На крај решив да се послушам себеси и свесно зачекорив во светот на уметноста“, се присетува Александар.
Мнооогу паста! Тоа е прво нешто што му паѓа на памет кога ќе се потсети на студентскиот живот во Италија. Александар цели денови поминувал на академијата, мозаикот како техника бара многу време за негова реализација.
Често организирале македонски вечери кај него дома на коишто странските колеги се заљубиле во македонската кујна и секако, во домашната ракија. Аперативите после предавање му станале ритуал, како и забавите во клубот „Адриатико“ до раните утрински часови.
„Денот после пристигањето никогаш нема да го заборавам кога заедно со мојата пријателка Александра, изгубени и двајцата, по патот накај академијата не знаевме каде да одиме. Сопревме една жена која ни покажа како да стигнеме …“, припомнува уметникот за неговиот студентски живот.
Никогаш нема да му избледат од сеќавање ниту моментите кога со постарите жители на поминување ќе си размениле насмевка и ќе си посакале добро утро. Носталгичен е и спрема петнаесет дневниот престој на еден фестивал во Монте Пеља каде што стекнал многу пријатели ширум светот со кои и ден денес е во контакт.
Тука е и посетата на галеријата „Уфици“ во Фиренца што оставила длабок впечаток во него. Имал можност во живо да ги види делата на мајсторите кои ги гледал и студирал низ годините, особено автопортретот на Рембрант пред кој солзите не можеле да му се воздржат.
„Да се биде сликар на икони пред сè значи да се верува во тоа што се слика. Да се биде сликар на икони значи да се сведочи Христовото учење, да се материјализира невидливото во видливо, да се трансформира зборот во слика“, споделува Александар.
Тој вели дека при цртање на икони најважна е искреноста и свесноста за тоа што се црта. Не само додека се цртаат иконите, но и воопшто кога се твори некое дело. Кога се цртаат икони од исклучителна важност е почитување на каноните кои објаснуваат како одреден светител треба да биде рефигуриран, почнувајќи од цртите на лицето, па сè до најситните декоративни елементи.
„Иконографијата е многу стара, но техниките и каноните се немаат сменето низ вековите. Зборувам за иконописци кои се посветени пред сè со срце кон оваа дисциплина и се стремат достојно да ја продолжат оваа долговековна традиција.
Првата грешка со која многумина се среќаваат, барем оние кои лично ги познавам, е неискреноста и несериозноста со која тие пристапуваат кон оваа техника. Многумина цртаат икони стремејќи се само кон материјалните придобивки што овој занает ги носи. Недоволното познавање на основите на цртежот, на формата и бојата.
Многумина мислат дека е доволно да знаеш да држиш четка во рака и земаш да црташ икони… Гледано од технички аспект би рекол дека со многу работа се совладува, но апелирам до иконописците да се сконцентрираат пред сè на духовноста и да работат малку повеќе на тој дел бидејќи едното без другото не оди, како Бог без човекот и човекот без Бога“, споделува Александар.
Александар Бигорскиот манастир за првпат го посетил минатата година, после многу покани од еден негов близок пријател на кого од срце му е благодарен што го запознал со едно тавко светилиште.
Сепак, неговата прва посета на еден начин била туристичка. Тоа било краткотрајна посета, која оставила длабок впечаток врз него, иако навидум ништо посебно не се случувало. Утринска служба, појадок, после тоа секој си продолжува со даденото послушание, сè додека не доаѓало време за попладневна служба.
„Годинава, посетата на Бигорски беше збогатена со изработка на икони во традиционална техника. Признавам, различно е сликањето на икони дома во споредба со ателјето на Бигорски. Кога си опкружен со луѓе коишто секојдневно го проповедаат Словото, и сведочат за она што самите икони го претставуваат и на што гледачот го насочуваат, крајниот резултат од сликаната икона е многу различен пред сè од духовна гледна точка, секако, за оние кои ги користат чистото срце и духовните очи кога стојат пред иконата.
Кога се вратив во Бигорски имав чувство како цело време да сум бил таму. Како времето да не постоеше. Литургиите се сосема различни за разлика од другите цркви. Таму монашкото братство сведочи за Христовата љубов.
Многу од прашањата кои одекнуваа внатре во мене, таму едноставно исчезнаа. Место преполно со искрена љубов, место кое зрачи светлина и кое со векови сведочи за Христа. Место кое не може да се опише со зборови, но може да се посети и искуси во прво лице“, раскажува Александар за неговото искуство и додава дека одредени искуства едноставно не можат да се објаснат со зборови.
Александар вели дека кога одиш во Бигорски манастир стануваш дел од едно братство кое секојдневно сведочи за светлината. Братство кое бесконечно љуби и кое се труди на посетителите на манастирот да ги упатат по Христовиот пат.
„Главно, со искуството стекнато таму си докажав на самиот себеси дека ништо не се случува случајно и дека со чисто срце, трпение и послушност сите врати се отвораат. Гледано однадвор, човекот многу лесно знае да критикува и суди, но, не судете ја книгата по нејзината корица, одете, видете, па донесувајте заклучок“, споделува тој.
Александар вели дека секоја уметност во свое време била современа. Уметноста на нашето време за разлика од минатото ги има скршено сите догми и сменето сите дефиниции. Денес постои премногу егоцентризам и стремеж да се направи име.
„Мислам дека беше доволно измислување на топли води, дајте малку искреност, да не се лажеме повеќе, но пред сè не лажете се самите себеси, изложеното пенкало во галериски простор ќе си остане пенкало и после многу години. Современите уметници според мене премногу филозофираат, дајте малку длабочина, да се стремиме кон вечноста…“, заклучува тој и за планови за понатаму вели дека иднината треба да дојде, најдобро е да се сконцентрира на сегашноста.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело