Антон од Битола: „Настапивме во Софија, победивме на гитаријада - младите таленти како нас заслужуваат внимание“
- Детали
- четврток, 17 септември 2020
Не смееме да дозволиме младите таленти да останат незабележани – разговараме со Антон (18) од Битола, кој на 14-годишна возраст го основал бендот со другарите, настапувале на фестивали низ Македонија, па и во Софија, имаат победено на гитаријада, а не го добиваат заслуженото внимание.
Антон Китос е еден од оние млади таленти кои се посветени целосно на своите цели и успеваат во индустријата во која работат, а ретко кој знае за нив. Овојпат се фокусираме на музичката индустрија, а се надеваме дека ќе откриваме уште многу таленти во секое поле за кои ќе раскажуваме позитивни примери.
Антон го основал треш метал бендот Misanthrope во кој е вокал и ритам гитара на 14-годишна возраст во 2016-та, заедно со неговиот другар Андреј Петровски (соло гитара), а до идејата дошле бидејќи имале исти интереси во стилот на музика.
Подоцна во бендот се придружиле Бојан Анакијевски како тапанар, а како басист Јове Мицковски, и така заедно го имаат првиот настап на хуманитарен концерт во основното училиште Св. Климент Охридски. По тој концерт, Јове го напушта бендот, а за краток период во бендот како басист се појавува Стефан Ѓуровски, со кој почнуваат заеднички настапи по локали.
фото: Стефан Рајхл
Заедно со бендот тие имале многу настапи низ Македонија и еден во Софија, кој посебно го истакнуваат, па решивме да поразговараме со Антон, кој ни раскажа малку повеќе околу нивната музичка кариера.
„Младината која беше жедна и гладна за агресивна музика ги прифатија и ги засакаа Misanthrope многу брзо. После неколку свирки низ битолските локали се упативме кон Скопје. Така на 6-ти јуни 2018 година, како Misanthrope свиревме за првпат во Скопје на фестивалот „Balkan Riot Vol/5" “ – вели Антон.
фото: Иво Велчевски
„Нареден настан кој никогаш нема да се заборави е „Underfest". Втора средба со скопската публика, но многу „пожустра“. На тој фестивал беа забранети „шутки“ и слично, а ако беше подолг репертoарот на Misanthrope, шансите да падне таванот на „Public room“ беа огромни.. По жестокиот фидбек од фан-базата најдобро се памти тој настап.“ – продолжува младиот битолчанец.
По овој настап следи „Koноп Фест''. Мisanthrope беа „хедлајнери“ на фестивалот, што значи тие ја затворија вечерта на лајв стејџот. Свиреа за првпат на отворено, на голема бина и пред голема публика. Исполнети со срека и импресии се вратија во Битола.
Следен чекор на бендот, а може да се каже и најуспешен е настапот во Софија (Бугарија) на фестивалот „Metal madness vol/4“. Според Антон, многу работи се кажани со самата локација на настапот.
Неколку недели после настапот во Софија, Misanthrope настапија на легендарниот и најпознатиот македонски фестивал „Д-Фест Дојран“. Како најмлад бенд, тие го отворија фестивалот на 11-ти јули и на „неподнослива“ висока температура тие направија легендарно отварање на фестивалот, добија позитвни коментари како од публиката, така и од делот на организацијата.
„Во меѓувреме имавме многу настапи, но како посебен го издвојуваме настапот кој ке го паметиме најдобро поради тоа што бевме победници на „Гитаријада Куманово 2019.“
Следи настапот кој најдобро се памти по атмосферата од страна на публиката. Иако не победија, имаа голем број на гласови и позитивни критики. Станува збор за „Лузер Фест“.
„Пред да започне пандемијата на корона вирусот, Misanthrope ставија одличен „крај“. Свиревме заедно со македонските гиганти Hardfaced како поддршка за промоција на нивниот нов албум. Заедно со Hardfaced и Ambroz на 15-ти февруари свиревме во Битола, а на 16-ти февруари во Скопје, каде настапија и бугарските легенди Last Hope.“ - завршува Антон.
фотографии кои ја одбележуваат 2019-та за бендот
Во текот на 2019-та, Misanthrope го снимија нивниот прв албум кој го носи името „Temple of the dark light“, па најавуваат наскоро публиката да очекува нешто ново.
М. М. | Црнобело