Александра Ристовска: „Фудбалерките немаат криви нозе, а најтешкиот натпревар го имав во Шкотска“
- Детали
- вторник, 07 јули 2020
Има само 24 години, а завидни успеси на поле фудбал. Како е да се биде фудбалерка во Македонија? Поразговаравме со талентираната Александра Ристовска која изгледа одлично и во дрес и копачки и на високи потпетици...
Александра Ристовска (24) е вљубеничка во фудбалот која веќе 10 години го живее својот сон.
Таа е активна фудбалерка и капитен на ЖФК Тиверија од Струмица, исто така дел од сениорскиот национален тим; координатор и тренер во пионерско-младинската школа на ЖФК Тиверија Струмица и тренер во националната селекција до 15 години.
Инаку е дипломиран економист на Универзитетот Гоце Делчев како и носител на УЕФА А тренерска лиценца.
Александра за CRNOBELO.com открива кои се позитивните и негативните страни на тоа да се биде фудбалерка во Македонија...
Што значи да се биде жена фудбалер во Македонија? Постојат ли добри тимови, доброорганизирани првенства?
Фудбалот е најважната споредна работа во светот. Иако кај нас сè уште преовладува стереотипот „фудбалот е машки спорт“, можам да кажам дека почнуваме да добиваме внимание од луѓето кои го водат фудбалот што значително ни помага и нѐ мотивира. Жена фудбалер според мене се разликува од мажите фудбалери само физички.
Првенството во моментот ни е на просечно ниво. Има неколку подобри екипи меѓу кои се играат интересни натпревари и неколку доста слаби кои за жал како почетници мораат да влезат директно во Првата женска фудбалска лига бидејќи е единствена.
Во моментот првенството брои 14 екипи и се надеваме дека ќе се формира втора лига со што би го подигнале квалитетот на женскиот фудбал.
Колку време се занимаваш со фудбал и дали некогаш си доживеала некоја повреда?
Со фудбал се занимавам скоро 10 години, а во последните 2 години паралелно и како тренер. Во Тиверија сум од самото формирање на клубот и навистина сум задоволна за досегашната соработка.
Досега не сум се соочила со некоја посериозна повреда, а за тоа сметам дека е заслужно квалитетното работење во клубот.
Дали си играла фудбал против машки тим? Која е слабоста на мажите, а предноста на жените во фудбалот?
ЖФК Тиверија практикува играње на пријателски натпревари против машки во секој подготвителен период.
Мислам дека слабоста на мажите е што полесно се откажуваат земајќи предвид дека имаат и повеќе конкурениција, додека предноста на жените во фудбалот е што се доста инаетливи и не се откажуваат додека не го постигнат зацртаното.
Имаш мускулести фудбалерски нозе? Дали добиваш комплименти од спротивниот пол за тоа?
Мускулестите фудбалски нозе се резултат на долгогодишното активно тренирање. Да, често добивам комплименти од спротивниот пол и доста ми помагаат во убедувањето дека фудбалерките немаат криви нозе.
Колку тренинзите влијаат да изгледаш фит? Какви вежби практикуваш?
Тренинзите се најбитни за формата на играчите. Предност е кога екипата е компактна односно сите играчи тренираат истовремено. Тиверија е клуб со стратегија за работа и сметам дека тоа е клучот за фит формата на играчите.
Тренинзите ни се дозирани зависно во кој период од сезоната се наоѓаме, исто така освен на стадион, тренираме и во теретана, особено во подготвителниот период.
Дали членовите на твоето семејство некогаш сакаат да ги одмерат силите во фудбал со тебе?
Семејството е мојата најголема поддршка. Во последните 3 месеци тие беа мојот тим за тренинг по прекинот на сезоната поради Ковид-19.
Дали во Македонија добро се заработува од фудбалот, може ли да се живее од тоа?
Финансискиот дел во машкиот и женскиот фудбал многу се разликува. Тоа е и причината што експертите се одлучуваат да работат во машкиот фудбал.
Фудбалерките и тренерите на Балканот најчесто работат паралелно со играњето фудбал. Но, сепак мислам дека одиме кон подобро и со тек на време ќе можеме да го доближиме женскиот фудбал до машкиот.