Интервју со Ана од Скопје, мајка на близначиња: „Вреди секоја жртва, секој пропуштен настан“
- Детали
- вторник, 19 мај 2020
„Алексеј и Олег од самото раѓање настојував да јадат и спијат истовремено и до ден денес така функционираме. Само така денот има ред. Плус, помошта од бабите е бесценета“, вели 30-годишната Ана.
Ана Спасовска Ѓорговска е 30-годишна мајка на две прекрасни 2-годишни близначиња Алексеј и Олег. По професија е лекар, за брзо и специјалист физијатар.
Пред да стане мајка, вели дека слободното време го поминувала во забава и дружење со пријателите и правење планови за патувања со сопругот. Посебно задоволство ѝ претставувале долгите коктел вечери со пријателките и приготвување на необични специјалитети заедно со сопругот, но сега најголемиот дел од своето време го посветува на Алексеј и Олег.
Со неа проговоривме како е да се биде мајка на близнаци.
Што значи да се биде мајка на близнаци?
Да се биде мајка на близнаци значи дека женскиот мултитаскинг нема лимит. Полни раце работа, големи откажувања од активности кои претходно биле секојдневие, грижа и заштита на квадрат, но бесконечна љубов, два пара сонливи очиња кои бараат грижа од вас, четири кревки рачиња кои ве прегрнуваат, две нежни устички кои ве бакнуваат, спомени во бесконечност коишто душа греат.
Вреди секоја непроспиена ноќ, секој пропуштен настан и дружба, секое откажување. Му благодарам на Господ што нè награди токму со овие два ангели.
Каква ви беше реакцијата кога дознавте дека ќе станете родители на близнаци? Дали малку бевте исплашени како ќе се снајдете со 2 бебиња наеднаш?
Во прв момент кога слушнав, а воедно и видов два плода на мониторот од ехо апаратот се шокирав … Најнапред ми се одземаа нозете, а потоа и здивот. Нестварно ми беше дека баш мене ми се случува.
Пресреќна бев и исплашена, дали ќе биде сè во ред до самиот крај и дали ќе се снајдам во улогата мајка на квадрат. Нетрпелива бев да му ја соопштам прекрасната вест на сопругот, па ја направив можеби и најголемата грешка, му ја соопштив веста по телефон …
Сè уште се каам што го пропуштив изразот на неговото лице, сигурно беше бесценет.
Велат „никогаш не си комплетно подготвен за да имаш близнаци во животот“, дали е навистина така?
Ова е една голема вистина. Чувањето близнаци е голем предизвик. Одговорноста, напорот, грижата се дуплирани, но среќата, забавата, прегратките, бакнежите, смеата подарена од два ангела се неброиви и секогаш доминираат во секојдневието, па така заборавам на сè што ме загрижува и се препуштам во авантурите со нив.
Најзабавен дел од денот ви е …
Секој дел од денот ни е омилен. Целодневно ми подаруваат спомени што вреди да ги доживее секој родител.
Воодушевена сум од детската имагинација и капацитет на апсолвирање. Уживање е да се следи нивниот раст и развој секој ден.
Најтешката работа кога си мајка на близнаци е?
Моето искуство во овие две години покажа дека најтешко е кога се двете дечиња истовремено болни.
Мајката е прегратката која ја бараат, а едноставно немаш доволно раце да ги задоволиш сите потреби на две мали дечиња.
Колку Алексеј и Олег се слични, односно различни еден од друг?
Алексеј и Олег се двојајчани близнаци, но физички наликуваат. Карактерно прилично се разликуваат иако периодично ги менуваат улогите интересно е што многу добро се надополнуваат и се обединуваат кога имаат цел или бараат правда.
Знаат да бидат и палави и тврдоглави, но генерално се весели деца, на кои среќата им блеска од очите.
Вториот роденден го прославивте во карантин, колку чувството беше поразлично?
Иако замислата беше комплетно спротивна … карантинскиот роденден излезе одлично. Приготвивме детски дребулии со роденденски декор, конфети и домашно подготвена торта, танцувавме на музика и вистински се забавувавме сите четворица.
Цело време на светот си го посветивме едни на други, што не би било пракса на роденден со повеќе гости на кои треба да им се посвети внимание како благодарност за нивното присуство. Роденденот беше вистинско уживање за сите.
Дали успеваш да ги заспиеш во исто време во текот на денот?
Алексеј и Олег од самото раѓање настојував да јадат и спијат истовремено и до ден денес така функционираме. Само така денот има ред, има време да се приготви храна, да се заврши некоја обврска или пак да се земе здив.
Од оваа гледна точка, дали би имала деца и порано во животот?
Нештата се случуваат токму тогаш кога е најдобро да се случат. Сметам дека во право време во мојата 28-ма година ги добив моите две ангелчиња. Едно сум сигурна дека доколку ги добиев подоцна нема да можев да им се вложам со оваа енергија.
Сè се случува со причина. Секогаш е право време за среќа.
Колку пронаоѓаш време за себе?
Одвојувам време за себе и за нештата кои ме опуштаат фризер, шопинг, театар, кино, вечерно излегување со пријателите и сопругот сето тоа благодарение на бабите и дедовците кои уживаат да го поминуваат времето со нивните миленици Алексеј и Олег. Благодарение на нив успевам да најдам време за извршување на работните обврски, но и време за релаксација.
Бескрајно сум им благодарна, без нив ништо не би било исто. Релаксирана мајка е поинвентивна и повесела мајка.
Дали луѓето ги разликуваат Алексеј и Олег?
Има две категории на луѓе-едните од најрана возраст ги разликуваат без грешка, другите пак до ден денес тешко се снаоѓаат. Јас и сопругот од самото раѓање ги разликуваме, иако ни се случило и нас да погрешиме.
Анегдота од раниот доенечки период, Олег го надоив два пати. Забавно е со близнаци.