Семејство од Скопје живее на Сејшелите: „Цела година е околу 29°C, луѓето се опуштени и безгрижни... прекрасно е!“

Слободан Димитровски е сопруг и татко на две дечиња, од Скопје. Во моментов е директор на внатрешна ревизија во Пензискиот фонд на Сејшелите.

semejstvo-od-skopje-zivee-na-sejselite-cela-godina-e-okolu-29-stepeni-lugeto-se-opusteni-i-bezgrizni-prekrasno-e-01.jpg

Поседува меѓународни сертификати за внатрешна ревизија (CIA, CGAP, CCSA), кои во законите во Македонија не се признаваат за работа во банка или осигурителна компанија, а важат во цел свет.

„Во 2015 и 2016 живеевме во Дубаи. Потоа еден период се вративме во Македонија, и од февруари 2019 дојдовме на Сејшелите. Тука, како и претходно во Дубаи сме со фамилијата, сопругата Елена, синот Константин (10) и ќерката Марија (7).“

Љубопитно му поставивме прашања за животот на овие прекрасни острови и сигурни сме дека и вие ќе уживате во интервјуто, исто како нас:

Сејшели, веројатно сон на секој човек да ги посети барем еднаш во животот, но вие живеете таму. Како изгледа животот на овие острови?

Животот на Сејшелите е прекрасен. Би рекол дека никаде не сум видел полежерно место. Никој никаде не се брза (освен шоферите на автобусите, кои како да тренирале за рели трки), а луѓето делуваат како воопшто да не се под стрес.

Додека островот Махе каде што живееме на луѓето им изгледа лежерен и смирен, доколку отидат на островот Праслин, ќе се изненадат. Таму времето како да е застанато, и навистина делува како некое место од филмовите - нема многу жители, нема гужви, трговските центри се скоро празни, иако дуќаните работат и плаќаат кирија.

На островот Ла Диг пак, скоро да нема возила, и туристите изнајмуваат велосипеди или пак такси кое што го влече бивол.

semejstvo-od-skopje-zivee-na-sejselite-cela-godina-e-okolu-29-stepeni-lugeto-se-opusteni-i-bezgrizni-prekrasno-e_2.jpg

Скоро сите се исклучително пријателски настроени, и сите зборуваат англиски јазик, така што проблеми со комуникацијата немаме.

Временска прогноза скоро да не треба да гледаме, секој ден е 29 степени (+/- 2), и навечер не се спушта повеќе од 3 степени под дневната температура. Декември врне повеќе (всушност заврнува цела година, но не со тој интензитет), додека февруари, март и дел од април делуваат најтопли, бидејќи тој период има најмногу влага, а и сонцето делува најсилно, како да е директно над нас.

Како изгледа еден ден на жителите на Сејшелите?

Скоро целиот остров доаѓа на работа во Викторија – главниот град, така што од 7:30 до 8:30 има навистина долги колони од возила, посебно од јужната и западната страна на островот.

Околу 12 часот е паузата за ручек – трае еден час, и во тој период повторно има гужва во сообраќајот. Околу 16 часот е иста приказна. По 17 и 18 часот, градот делува скоро напуштен, со исклучок на некои ресторани, таксисти и туристи.

semejstvo-od-skopje-zivee-na-sejselite-cela-godina-e-okolu-29-stepeni-lugeto-se-opusteni-i-bezgrizni-prekrasno-e-06.jpgВо главниот град Викторија има мала копија на Биг Бен

Напуштено делува и за време на викенд. Кога доаѓа викенд, луѓето се комплетно спремни, и одат на различни плажи со цела опрема (некои одат со камиончиња, и местат цели трпезариски маси, столчиња, скари, озвучување поврзано на генератори и слично).

Родендени се слават исклучиво на плажа колку што можеме да забележиме, во релаксирана атмосфера.

Дали има и други Македонци на островите?

Нè има околу 10 колку што знам, 7 на Махе, и 3 на Праслин. На Махе сме ние и уште една фамилија со детенце кои исто така се тука со работа.

Гледаме да се дружиме, но не секогаш може да се усогласиме со распоредите. Децата најмногу се дружат со комшиите од зградата и од училиштето, најдобрите другари им се од Сејшели, Јужна Африка, Индија, Пакистан, Либија, Кина итн.

semejstvo-od-skopje-zivee-na-sejselite-cela-godina-e-okolu-29-stepeni-lugeto-se-opusteni-i-bezgrizni-prekrasno-e-05.jpg

Велат дека „На Сејшелите не може да ве убие ништо“. Има ли вистина во ова?

Секаде нешто може да ве утепа ? Имате три пати поголема можност да умрете доколку кокос ви падне на глава отколку од ајкула ?

Туристите тоа како да не го знаат, па се поставуваат на плажа баш под палмите. Пробуваме да им објасниме зошто треба да се поместат.

Има и опасни океански струи, и човек треба да биде внимателен. На повеќето од плажите има поставено знаци дека пливате на сопствен ризик. Пред околу две недели спасувачите спасуваа околу 6 туристи на една од најпознатите плажи (Beau Vallon), каде што океанот е обично многу смирен и прекрасен за пливање.

semejstvo-od-skopje-zivee-na-sejselite-cela-godina-e-okolu-29-stepeni-lugeto-se-opusteni-i-bezgrizni-prekrasno-e_4_1.jpgNort East Point Beach - плажата пред зградата на семејството Димитровски

Генерално, доколку забележите дека има гребен помеѓу вас и океанот (брановите се прекршуваат подалеку од плажата), и особено доколку е ниска плима, совршено безбедно е да пливате таму, или пак да ги оставите децата да си играат во водата. Водата на тие места е навистина мирна. Напади од ајкули се многу ретки (3 во последните 10 години, сите на островот Праслин).

Има големи стоногалки кои што се отровни, има жолти влакнести гасеници од кои може да добиете доста незгоден осип, трае две-три недели. Доколку листовите на дрвото под кое седите се изедени од гасеници, би препорачал да се преместите.

semejstvo-od-skopje-zivee-na-sejselite-cela-godina-e-okolu-29-stepeni-lugeto-se-opusteni-i-bezgrizni-prekrasno-e-24.jpgПлажата Anse Major - до тука се стигнува за еден час по патека низ џунглата, пештери и прекрасна природа

Во самиот океан има отровни риби (Lion Fish се забележува често), како и други незгодни работи – корали, од кои некои отровни, морски ежови, итн. Во Индискиот Океан има и многу отровна морска змија, со жолта боја, но досега таква немаме видено.

Во секој случај, човек треба да биде внимателен и да не допира се што се движи.

По што се карактеристични овие острови? Пијат ли жителите многу рум?

Имам впечаток дека се пие сѐ, и тоа обилно. Има локално пиво Seybrew, има и локален рум и ликери, покрај увезените пијалоци. Малку сум им чуден дека не пивнувам воопшто кога возам. Лично за мене е претопло да пијам било што, така што година дена не сум пробал алкохол тука.

Островите се карактеристични по Coco de Mer – Џиновскиот кокос што расте на Praslin, како и по џиновските желки кои што живеат на островите. Може да сретнете и летечки лисици.

semejstvo-od-skopje-zivee-na-sejselite-cela-godina-e-okolu-29-stepeni-lugeto-se-opusteni-i-bezgrizni-prekrasno-e-11.jpg

Колку е скап животот? Што најмногу работат луѓето овде?

Да бидеме искрени, Сејшелите се многу скапо место. Живеевме во Дубаи, а тука е верувале или не, поскапо. Викторија е 19-ти најскап град во светот.

Од аспект на цени, едноставно помножете било што од кај нас по 4... Особено свежото овошје и зеленчук е скапо. Едно парче лубеница е околу 200-300 денари во наши пари. Бананите во Македонија се поевтини од тука, иако растат на островот и не се од увоз.

Најголем дел од вработените се во области поврзани со туризмот, што е и нормално ако се знае дека држава од 90.000 жители има околу 400.000 туристи годишно.

semejstvo-od-skopje-zivee-na-sejselite-cela-godina-e-okolu-29-stepeni-lugeto-se-opusteni-i-bezgrizni-prekrasno-e-14.jpgПлажата Такамака

Кој е најдобриот период за да се посетат Сејшелите?

Температурата е околу 29°C степени целата година. Велат дека декември е дождовна сезона, но дел од декември беше доста сончев, а пак периоди од сушната сезона беа навистина дождовни. Ако 2019 е критериум, нема правило. Единствено периодов се повторува навистина жежок и спарен (февруари – април).

semejstvo-od-skopje-zivee-na-sejselite-cela-godina-e-okolu-29-stepeni-lugeto-se-opusteni-i-bezgrizni-prekrasno-e01.jpg

Туристичка сезона тука е од октомври до март, така што ако дојдете од април до септември најверојатно ќе има помалку туристи, и би можеле да најдете некое поевтино сместување бидејќи капацитетите тогаш не се преполни.

semejstvo-od-skopje-zivee-na-sejselite-cela-godina-e-okolu-29-stepeni-lugeto-se-opusteni-i-bezgrizni-prekrasno-e-25.jpgПорт Глауд

Дали има логика да се изнајми автомобил кога ги посетувате островите или можеби возењето со автобус е доживување кое се помни засекогаш?

Автобусите веројатно се доживување, но за мене се превозбудливи, како возач на формула да седнал зад воланот на тесни улички. Некогаш не застануваат на станица, и доколку е викенд може да се случи да чекате и до час и пол два (и да изгорите од сонцето во процесот).

semejstvo-od-skopje-zivee-na-sejselite-cela-godina-e-okolu-29-stepeni-lugeto-se-opusteni-i-bezgrizni-prekrasno-e-07.jpgВозењето со автобус, само по себе е авантура

Доколку доаѓате од аеродром, колку што знам не даваат куфери во автобус бидејќи нема место за нив. Таксито е прескапо така што не го препорачувам освен ако доаѓате од аеродром или си одите.

Искрено мислам дека треба да се изнајми кола доколку сакате да го истражите островот и да посетите повеќе плажи и знаменитости.

На следната страна прочитајте за локалните специјалитети и најубавите плажи



Би можело да ве интересира:

Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Дијана (30) од Тетово живее во Германија: „Сите пластични играчки на синот (2) ги заменив со дрвени,... Разговараме со Дијана (30) од Тетово, која живее во Германија со семејството, а ...
Миро Кацаров за родниот град: „Старата чаршија во Штип ме научи на 'школо' кое нема цена“ „Роден сум во Штип и растен сум во бивша Југославија, каде сите маалски детски и...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg