Интервју:„ Зошто јас? Борбата на Мартин со стравовите и паничните напади“

Мартин Јованоски (30) е роден во Скопје. Работи како овластен сметководител, а во слободното време ужива во книги кои го оставаат подзинат на крајот, да гледа серии и да игра табла.

intervju-zosto-jas-borbata-na-martin-so-stravovite-i-panicnite-napadi-01.jpg

Неговото омилено, магично место, е Црквата св. Јован Канео во Охрид.

Во животот успешно се има справено со панични напади и стравови и се решава сето свое искуство да го сподели во книгата „Зошто јас? Мојата борба со стравовите и паничните напади“.

Поразговаравме со Мартин за сето она што сметавме дека би ве интересирало да го знаете и што е навистина вредно да се сподели:

Како се одлучи да го пренесеш своето животно искуство во книга?

Почувствував колку боли...

Од прва рака се уверив колку е честа. Колку само животи разорува, колку луѓе страдаат и се беспомошни, скриени од останатите, далеку од очите на оние кои никогаш не ја почувствувале анксиозноста. Не можев со сите посебно да зборувам, беа премногу.

Кај нас анксиозноста и депресијата полека прераснуваат во епидемија. Книгата заедно со мојот живот внатре беше единствениот начин да допрам до сите.

„Зошто јас? “ е мојата подадена рака, мој обид да олеснам на што повеќе борци таму надвор. Во старт знаев дека тоа подразбира да ги ставам на хартија сите мои црнила, подеми и падови, разочарувања, пропуштени прилики, солзи, насмевки...

Што е најстрашно во моментите кога се доживува паничен напад?

Сѐ уште не знам што е пострашно!

Дали физичкиот дел каде телото ви откажува и грчевито се борите за воздух или пак оној другиот дел каде се борите да ги исконтролирате мислите полни црнила кои во тие моменти ве напаѓаат од сите страни.

Паничниот напад, максимално непредвидлив и жесток, сам со себе е ескалација на покачена анксиозност која трае долг период наназад. Нема тригер, нема сигурна зона, нема начин да се предвиди докрај.

Барем за мене, најтешкиот дел е да се остане присебен тие десетина минути додека телото и умот не почнат да се стабилизираат сами по себе.

Луѓето најчесто мислат дека имаат некаков здравствен проблем кога доживуваат панични напади. Како најлесно да ги препознаат?

Симптомите се различни. И да, многу потсетуваат на лоши здравствени состојби и неизлечливи болести. Телото може да ви се тресе како да доживувате епилептични напади.

Се појавува неверојатно реалистична грутка во грлото. Наеднаш се препотувате, видот ослабува, тахикардии, болки во мускули, вкочанетост на цело тело. Паниката стапува на сцена, станувате неверојатно загрижени за својот живот, барате излез, со последни сили барате спас!

Како да ја забележат разликата меѓу анксиозност и паничен напад?

Анксиозноста е долготрајна. Живее во вас, се храни, цело време ве потсетува дека е тука. Ви го прави неподносливо секојдневието. Распламтува еден куп нерационални стравови во вас.

Ги анализирате ситуациите до бескрај, се оптоварувате со еден куп реални и нереални ситуации. Постојано е присутно она „а што ако?“. Ви го јаде мирот одвнатре, најобични ситуации ги претвора во одвратно тешки предизвици.

Паничниот напад е краток. Самиот по себе претставува ескалација, напад одвнатре на телото, разумот. Напад на спокојот и правилното расудување. Некој ги нема воопшто, некој повремено, а некој и по неколку на ден.

Повеќето панично трчаат во брза помош. И јас бев еден од нив. Би сакал да кажам колку инекции за смирување имам примено, ама тоа е невозможна мисија - премногу се! 

Кое е вашето најлошо преживеано искуство?

Има многу, тешко ми е да одвојам. Можеби паничниот напад за време на одбраната на мојот Магистерски труд. Ужасно искуство за мене, после некое време се свестив во тоалетот со главата под чешма.

Еден вреден момент од пред неколку години кој требаше да е исполнет со бескрајна среќа и гордост, сигурно не со распламтена анксиозност и очајна борба сам со себе...

Кој беше вашиот најголем страв?

Се плашев дека носам скриена смртоносна болест во себе. Се плашев дека ќе умрам. Се плашев од секоја ситуација која не можам докрај да ја контролирам. Се плашев дека ќе спобудалам, дека ќе го загубам разумот некаде попат...

Се плашев од себе, од темнините кои ме обземаа, непознатиот терен кој решив за првпат да го истражам!

Колку оваа состојба ви пречеше да водите нормален живот?

Хах, тоа всушност и беше проблемот. Тој  „нормален живот“!

Денешниот нормален живот прифатен од поединците во општеството всушност и ја создава анксиозноста. Гледајте само каков живот живееме.

Роботи! Станавме роботи!

Пробував да се вклопам, да бидам како останатите. Долго време, долги години се инаетев. Додека не го прифатив тој едноставен факт, единствената вистина, дека не сум како останатите.

Ова општество, овие извитоперени вредности, ова време на лаги и измами, ова време каде емоциите ги затупевме...Открив дека ова време и овој „нормален живот” мене ме гушат!

Направив чекор напред, се чув себеси одвнатре, оној, вистинскиот „јас“.

Подадов рака на анксиозноста, направив коренити промени.

Ја прифатив како свој коректив, нераскинлив дел од  мене. И замислете, ми успеа!

Што би ги советувале сите кои се наоѓаат во ваква секојдневна борба?

Да зборуваат на глас!

Да најдат слични на себе и да го најдат изворот на својата анксиозност. Иако секоја човечка судбина е различна, секаде, ама апсолутно секаде, има причина поради која се појавила анксиозноста. Треба да се најде истата.

Кога и каде ќе може да се купи вашата книга?

Продажбата официјално започнува од понеделник 27.01.2020. Книгата ќе биде достапна во сите книжарници и продажни места на Арс ламина и Литература.мк низ Македонија.

Ќе има можност и за онлајн нарачки, директно од нивната веб страната. Единствена желба ми беше “ Зошто јас? “ да биде достапна за секој оној кој има потреба од неа.

Се надевам дека ќе олеснам некому и ќе направам да ја види големата слика !

Е. П. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Барбара Поповиќ за CRNOBELО: „Имам италијански корени, ќе пеам на Сан Ремо“ „Од македонските музичари најблиска сум со Иван Јованов од Либеро бенд. Тој ми е...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...
Марија Шерифовиќ за CRNOBELO: „Сите мајки за своите деца велат дека се најмили, ама мојот син е љубо... „Откако станав мајка веќе немам време да се релаксирам, сфатив дека ова е хаос и...
Јелена Карлеуша за CRNOBELO: „Еден ден ќе станам светска ѕвезда“ „Ника и Атина се скромни девојчиња, така ги воспитав. Пред Ника да почне да сним...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg