Македонска зависничка од социјални мрежи: „Луѓето многу подобро глумат позади тастатурата“
- Детали
- вторник, 04 септември 2018
29-годишна девојка од Скопје проговори за својата „зависност“ од социјалните мрежи. Таа ни откри дека Фејсбук ѝ го „донел“ најдобриот пријател во животот.
Таа живее во Скопје, има 29 години и првата работа што ја прави наутро веќе години наназад е логирање на социјалните мрежи. Тоа го прави и на паузата за кафе на работа и на реклами додека гледа филм и апсолутно во секој слободен миг, а некогаш останува будна доцна во ноќта токму поради оваа навика.
Пишува статуси во кои открива низ што минува во моментот, коментира актуелни општествени случувања, се информира за настани и прикачува фотографии од нејзиното секојдневие.
Но, дали социјалните мрежи, особено Фејсбук, ја цицаат енергијата од нас или пак се позитивна работа која ни го олеснува животот?
Проговоривме со една македонска зависничка од социјални мрежи:
Колку време дневно минуваш на социјалните мрежи?
Па, искрено, на социјалните мрежи сум скоро секоја слободна секунда од времето. Eдноставно секој момент го користам да видам дали има нешто ново, дали некој ми пишал или прокоментирал на некоја моја објава.
Фејсбук vs. Инстаграм, која мрежа повеќе ја сакаш и зошто?
Некако ми се поврзани, но Фејсбук ми е некако поблиска затоа што сакам да се искажам, да си напишам нешто, а не само да постирам фотографии.
Колку често си била во ситуација да бидеш тажна поради нешто што си видела на социјалните мрежи?
Па, тажна... Искрено, тажен човек може да биде и ако види нешто преку прозорецот од автомобилот, ако слушне нешто од телефонски разговор со свој пријател... Емпатијата ми е малку поизразена така што да, тажна сум честопати гледајќи постови за болни лица, тагата на некој познаник и слично.
Дали отворено ги изразуваш емоциите во виртуелниот свет и колку твоите профили се вистинскиот приказ на твојот живот?
Искрено да, честопати Фејсбук ми е листот хартија за да искажам чувства, да искажам став, незадоволство или да пофалам некој, што значи дека често искажувам чувства независно какви се. Мојот профил честопати е слика за мојот живот, но тоа може да го видат само оние кои добро ме познаваат затоа што сарказмот и иронијата се сè поприсутни на мојот профил, само кој ќе ги препознае.
Постои ли тема чиј третман е забранет на твојот профил?
Нема такво нешто.
Колку социјалните мрежи влијаат на отворањето на некои важни социјални прашања?
Влијаат, многу. Моментално социјалните мрежи се местото каде се креираат, ако може така да кажам, јавни мислења, односно политики за важни прашања.
Дали сметаш дека е возможно да се најде партнер преку социјалните мрежи?
Сметав дека не, ама практиката ми покажа сосема спротивно, дека е возможно. Малку е комплицирано, затоа што луѓето многу подобро глумат позади тастатурата.
Колку познанствата стекнати на Фејсбук потоа може да се преточат во вистински пријателства во реалноста?
Може, јас имам пријателче со кое сме многу блиски, а се запознавме преку допишување на Фејсбук. Ми прокоментира на чат за некој статус кој го имав објавено, потоа продолжи муабетот во насока на забавни теми, заеднички интереси, за на крај да пронајдеме и заеднички пријатели. Од тогаш наваму се дружиме активно.
Зошто сите мора да видат каде си, со кого си, што носиш и што јадеш? Што те мотивира да го документираш твојот живот онлајн?
Се обидувам да одговорам, но немам одговор, едноставно ете некоја навика. Или што би рекле останатите можеби потреба од внимание, со кое искрено не се согласувам затоа што внимание имам од секоја страна, опколена сум со луѓе 25 часа од 24 во денот.
Дали понекогаш се чувствуваш лошо за својот живот кога гледаш колку раскошен начин на живот водат некои блогерки, познати личности, па и твои познаници?
Блогерки, самопрогласени најчесто, не ги ни познавам, ниту следам на Инстаграм или Фејсбук. Познатите како познати, убав живот живеат, а и мои познаници исто, нивен живот - нивна работа. Немам проблем со љубомора и завист, воопшто не ми пречат нивните објави, напротив може само да ме мотивираат да посетам некоја нова интересна дестинација кога ќе имам можност.
Која е најдобрата работа која социјалните мрежи ти ја донеле во животот, а која најлошата?
Најдобра работа ми се личностите кои сум ги запознала, настаните кои сум ги открила преку социјалните мрежи и посетила, иницијативите кои се покренале на социјални мрежи, а преку кои сум помогнала за подобрување или решавање на одредени проблеми и слично. Лошо, искрено немам нешто посебно, може би некоја расправија поради објава која поттикнала реакција кај личности кои се пронашле во истата, иако била без посвета.
С. С. | Црнобело
Фото: depositphotos.com