Отворено со нутриционистот Билјана Ристеска: Од трендови во исхрана кај Македонците до комплекси
- Детали
- четврток, 23 август 2018
„Загрижува фактот што денешната младина има сè на дофат на рака и сакаат да изгледаат како светските ѕвезди, блогерки, идоли дури и по цена на сопственото здравје. Премногу комплекси, предрасуди, но и дестабилизација на менталното здравје.“
Билјана Ристеска веќе 9 години самостојно работи и активно е посветена на нутриционизмот. Има многубројни достигнувања од областа на едукацијата, превенцијата, бенефитот од консумирањето на здрава храна.
Постојано има ТВ гостувања на теми од областа на нутриционизмот како во нашата земја, така и надвор од неа (Косово, Србија, Хрватска, Бугарија).
Постојано посетува многубројни семинари, обуки и предавања за правилен и здрав начин на исхрана и одржува работилници и мотивациски говори на теми од областа на нутриционизмот и низ животот се движи со мотото „Нов ден, нова надеж, нов почеток ...зграпчи го!“.
Секојдневно работи со луѓе кои се стремат кон намалување на телесната маса, зголемување на телесната маса, одредување соодветен начин на исхрана за индивидуата, спортски начини на исхрана, начин на исхрана за трудници, доилки, деца, начини на исхрана за луѓе со воспоставена здравствена дијагноза, превентивни начини на исхрана, начини на исхрана за комплетна детоксикација на организмот и многу други.
Проговоривме со неа околу навиките во исхраната на Македонците, како и за светските трендови на поле исхрана...
Колку Македонците внимаваат на здравата исхрана? Како на секое поле, така и на поле исхраната постојано се јавуваат нови светски трендови... Дали и во Македонија некои работи се практикуваат само затоа што е „модерно“ во светот?
Во последно време сè повеќе се става акцент на здравата храна, што морам да признаам радува. Но, исто така би сакала и да напоменам дека сè почесто почна да се манипулира со истата.
Што всушност претставува здрава храна? Колку често и зошто ја консумираме? Самоиницијативно го менуваме начинот на исхрана или само затоа што некој друг го направил тоа претходно? Многу прашања на една тема. Одговорите познати на нас нутриционистите, но дали и кој ги слуша?
Здрава храна не значи следење на светските модни трендови. Здрава храна подразбира дневен внес на хранливи материи во согласност со потребите на еден организам, што значи треба да се направи добар баланс меѓу внесените компоненти - витамини, минерали, аминокиселини, незаситени масти, јаглехидрати.
И не само тоа. За да една храна ја дефинираме како здрава, мора да го запазиме и нејзиниот начин на подготовка. Истата не смее да биде премногу термички третирана, како и пржена. Најдобро е да се консумира варена, понекогаш печена.
Постојат повеќе правци во поглед на начините на исхрана. Едните научно поддржани и докажани, другите не. Но кога станува збор за мода и тренд, луѓето прифаќаат буквално сè. Посебно доколку станува збор за добро кампањски поддржана програма, поткрепена со некоја светски позната личност.
И најчесто кога е така, сето тоа трае додека трае фамата и еуфоријата по истото, потоа се враќаме на она што го правевме до вчера, на старите навики и едноставно сè паѓа во вода.
Веганството стана хит низ целиот свет, каков е твојот став за овој начин на исхрана?
Веганството како начин на исхрана секако дека го поддржувам и е еден од поздравите, но не секој може да биде веган, а уште поважно не кога тој ќе посака.
Нашето тело и организам имаат свој биолошки и биохемиски ред и распоред, кој вие туку така не може да ги прераспоредувате и менувате по ваша желба. Тоа е природа, на која доколку и го нарушиме комодитетот дупло ни враќа. Затоа пред да почнете и направите каква било промена во животот, посебно кога планирате да менувате навики во поглед на исхраната, топло и срдечно препорачувам стручна поддршка, контрола и надзор од стручно лице од посакуваната област.
Никако не експериментирајте на своја рака или по нечија лаичка препорака.
Што мислиш за начинот на исхрана на бебињата кој го применуваат модерните мајки, каде се вметнуваат многу производи кои не се од нашето поднебје? Дали треба да бидеме храбри со експериментирањето или да се држиме до начинот на кој нè растеле нас со исхрана со продукти од локално производство?
Начинот на исхрана на бебињата е можеби и најважниот начин на исхрана во мојата професија. Од тука започнува сè. Од тука може да бидеме вегани, вегетаријанци.. Од најрана возраст ги носиме понатаму сите животни навики, било тоа да се со позитивни или негативни карактеристики.
Затоа мајките мора да посветат големо внимание при составување на мени за нивното бебе. Да бидат доволно трпеливи и убедливи понатаму, како и пример за сопственото бебе, а потоа и мало дете кое сè впива и од вас учи.
Првата храна која ќе се пласира на менито на бебето секако дека мора да е проста храна, храна од поднебјето каде е родено и расне бебето. Не е препорачливо да се консумира храна која не е карактеристична за местото на живеење, на пример папаја, манго, авокадо, амарант, шпаргли, до навршување на првата година. Понатаму може да се воведуваат една по една намирница до навршување на 18 месеци старост.
Многу продукти кои сега ги имаме на располагање се навистина биолошки вредни и не гледам причина зошто да бидат изоставени од детското мени. Нашето растење било во други услови и околности, немало пристап до одредени намирници, а уште помалку се знаело и говорело за хранливата и нутритивна вредност на истите.
Денес сè е поразлично, па предлагам да го прифатиме доброто кое ни се нуди, а да го одбегнеме лошото. Препорачувам експериментирање и храброст во поглед на детското мени, но не многу често и не од најрана возраст.
Со каков оброк ти започнува денот?
Секое утро го стартувам со чаша вода. Водата е моја основна и незаменлива компонента. Понекогаш во истата додавам сок од половина цеден лимон, малку ѓумбир, половина лажичка мед.
Додатоците претпочитам да се различни и неретко ги менувам. Креативец сум по природа и сакам да си играм со комбинациите, да откривам нови, да ги надополнувам веќе откриените. Уживам и во најмалите нешта.
По прекрасната чаша вода следи консумирање на 1 лажица растително масло, во зависност од мојата потреба и сезоната секако.
Дури еден час потоа внесувам конкретна храна, најчесто тоа е свежо овошје или овошна салата со лажичка мед или кокосово масло, неколку сирови јаткасти плода и задолжително чаша билен чај или какао напиток. Ова е моето уживање.
Долг период наназад немам потреба од класичен појадок. Велам класичен, но за кој што е класика. За мене само здравиот појадок е класичен појадок. Сè останато е само измачување. Строга сум, признавам.
Кое е најважното правило за здраво слабеење?
Желбата, мотивот и самоувереноста. Доколку ги поседувате овие три нешта, подготвени сте за здраво слабеење, односно намалување на телесната маса, како јас милувам да кажам.
Нема успех доколку некој настојува вие да отидете на нутриционист и потајано ве наговара дека мора тоа брзо и итно да го направите. Опасна работа е психата на човекот. Самоубедувањето е решение на проблемот. Свесноста за истиот. Резултатите треба да се трајни, не инстант и краткотрајни.
Здраво слабеење подразбира намалување на телесна маса на месечно ниво, никако и ништо повеќе од 5 килограми.
Сè останато е само индивидуална желба и потреба на пациентот. Реалноста говори и диктира нешто друго. Јас како нутриционист не прифаќам соработка од типот на: „морам да ослабам 15 кг за еден месец“, „а до кога ќе трае ова“, „колку најмногу ќе ослабам за пет месеци“...
Ниту јас можам да ветам нешто енормно за краток временски период, ниту пак е фер пациентот тоа да го побара од мене. Мојата работа, а со самото тоа и работата на мојот пациент со мене, се состои од взаемно разбирање и поддршка. Секогаш велам, вашиот успех е мој, затоа дозволете ми да работам онака како што налага науката, потребата и вашата моментална здравствена состојба. Во моите раце се крие успех од 10%, останатото е во вашите раце. Размислете зошто ова го кажувам.
Колку младината страда од нереалните стандарди што ги поставуваат блогерките, моделите и ријалити ѕвездите преку социјалните мрежи? Како да се справиме со наметнатото мислење дека слабото, по автоматизам значи убаво?
Премногу. Навистина загрижува фактот што денешната младина има сè на дофат и достапност. И иако свесни дека сето тоа што ќе го прочитаат, проследат и видат не секогаш има некаква корист, решаваат да го применат.
Понекогаш и неретко и по секоја цена. По цена на сопственото здравје. И тука се прават најголемите грешки, понекогаш и со трајни последици. Свесни сме за комплексите, предрасудите, физичкото, но и ментално здравје.
Живејте ја реалноста, денешниот ден денес и сега, по свое уникатно убедување. Не прифаќајте нешто за кое немате достапно доволно сигурни информации. Едноставно, ти биди ти, јас сум јас, бидете свои и единствени.
Слабото никако и никогаш не смее да значи убаво. Зарем не сте виделе на улица мал милион слаби лица со изобличени тела, искривен ‘рбет, испакнати коски... Страшно нели?
Дебелината сама по себе велиме е болест доколку ја премине границата на нормала, но и кусокот килограми сами по себе се потенцијален причинител на многу видови заболувања.
Затоа треба да бидеме реални, здравјето да го ставиме на пиедестал, сè да се движи и одвива околу него. Килограм два плус не значат ништо доколку сте енергични, полетни, здрави. Често килограм два во минус значат депресија, безволност, анемија...
Прифаќам слабо да, меѓутоа единствено сразмерно и здраво слабо, никако поинаку. Прифаќам и дебело да, но единствено не плус 20/30 кг од дозволеното, среќно и здраво дебело само.
Впрочем сите сме различни нели. Останува само да ги почитуваме разликите.
Кои се твоите омилени рецепти?
Смути за појадок
- 1/3 чаша суров овес
- 1 банана
- 1 чаша замрзнати бобинки
- 1 лажичка ленено масло (или маслиново масло)
- 1 јајце
- 2 лажички оризово млеко во прав
- 1 мал обичен јогурт
- 350 ml вода
Смути за после вежбање
- 2-3 тенко исечени прстени од ананас
- 1 сечкано јаболко
- 1 излупен портокал
- малку ѓумбир (за вкус)
- 3-4 лажички полни до врв со мелени бадеми
- 1/4 чаша трици или овес
- 450 ml вода
Виолетов шејк
- 1/2 шолја малини
- 1/2 шолја боровинки
- 1/2 ананас
- 1/2 јаболко
- 2 кафени лажички сок од лимон
- 1/4 шолја вода
Матете во блендер додека не добиете освежителен, вкусен шејк. По желба додадете неколку коцки мраз.
Рижото со тиквици и пиперка
Потребно е: Половина главица кромид, едно чешне лук, две кафени лажици масло, една исечкана црвена пиперка, 100 грама ориз, мала тиквица исецкана на коцки, мал домат, излупен и исчистен од семето, исечкан на коцки.
Подготовка: Динстајте ги зеленчуците (кромид, лук, пиперка) на тивок оган. Додадете го оризот и динстајте уште 5-6 минути. Отворете го тенџерето, додадете вода и поклопено варете го уште десетина минути. Отворете, на крај додадете го доматот и тиквиците и варете уште 15 минути.
Салата од цвекло за апетит
Потребно е: 1 цвекло со средна големина, пола главица кромид, еден домат (излупен, без семки, исечкан на коцкички), чешне лук (иситнет), еден компир (сварен, исечен на кругови), седум исечкани маслинки, половина кафена лажичка ситно исечкан магданос.
Прелив
Потребно е: 1 кафена лажичка јаболков оцет, 2 кафени лажички маслиново масло.
Подготовка: Oтсечете ги краевите на цвеклото, добро измијте го и ставете го во посолена зовриена вода, варете додека не омекне. Исцедете го, под млаз ладна вода извадете ми ја лушпата и исечете го на коцки. Промешајте го со другите состојки, додадете го преливот и внимателно измешајте.
Сутлијаш со мед
Потребно е: Чаша варен ориз, две супени лажици мед, четвртина чаша суво грозје, половина кафена лажичка цимет, половина кафена лажица ванила, една чаша топло оризово млеко.
Соединете ги сите состојки и сервирајте.
С. С. | Црнобело