18-годишниот Ане Павлов: Само во актерскиот занес часовите можат да изгледаат како минути
- Детали
- среда, 22 август 2018
Велат дека љубовта спрема театарот и глумата се раѓа во детството и го следи човекот во текот на целиот живот. Слични мотиви се дел од осумнаесетгодишниот Ане Павлов, роден во Велес, кој на театарската сцена има застанато уште на своите 10 години.
Секогаш позитивен и со широка насмевка на лицето, Ане годинава ќе биде студент на Универзитетот за аудиовизуелни уметности во Скопје, надевајќи се дека ќе ја работи професијата од соништата.
„Со Театарот се запознав уште како дете. Уште не знаев да читам, но одев во театар. Првата претстава која ја гледав е Ромео и Јулија во изведба на Театарот ЈХК-Џинот, Велес. Воопшто не ми беше здодевно, дури постојано им викав на моите родители да ме носат во театар.“ - се присетува Ане.
„Актерството за мене не претставува професија, туку љубов. Уживам кога сум на сцена. Заљубен сум во мирисот на театарот. Неколку часа на сцена воопшто не ме прават уморен. Само во актерскиот занес часовите можат да изгледаат како минути“.
Неговиот дедо, Младен Крстевски е човекот кој на Ане му покажал што претставува театар. Дедо му е неговиот идол. Од него ја црпи најголемата инспирација и воедно е личност која му е најголема поддршка, личност на која му е бескрајно благодарен.
Ане Павлов досега има играно во повеќе филмови. Во 2006 година бил дел од филмот Крчма на патот за Европа, како и Старо купуем (2013) и двата филма во режија на Младен Крстевски. Потоа бил дел и од Ослободувањето на Скопје на Раде Шербеџија и во два филма во продукција на Канал 5, а во режија на Јане Бојаџи.
„Годинава учествував во Интернационалниот фестивалот на античка драма СТОБИ кој се одржа од 19 до 29 јули. На фестивалот учествуваа повеќе држави. Нашиот Театар ЈХК-Џинот учествуваше со претставата Лисистрата од Аристофан во режија на Хакоб Газанчјан од Ерменија, каде што јас ја толкував улогата на телохранител.
Имав голема чест да учествувам во еден антички театар каде што се играле претстави пред 2000 години и да соработувам со професионални актери“, додава Ане Павлов, кој се надева дека факултетот ќе му отвори нови патишта во животот.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело