Што ако урбаните легенди се вистинити? Интервју со Марио Савовски, автор на книгата „Урбанон“
- Детали
- петок, 06 април 2018
„Уште од самиот почеток на проектот, целта ми беше да изградам една урбана митологија во Скопје и Македонија, нешто што сметав (и сé уште сметам) дека фали во нашата книжевност, и општо во нашата креативна сфера, било да се работи за филмови, серии, уметност и слично“, раскажува Марио Савовски, автор на книгата Урбанон.
Пред неколку недели во МКЦ Клуб & Ресторан се случи промоцијата на вашата втора книга Урбанон во издание на Современост, која претставува интересен новитет на нашите простори. Претпоставувам дека малкумина се запознаени со Alternate Reality Game, кратенка од ARG. Марио, пред да отвориме дискусија за книгата, можеш ли да ни објасниш што претставува терминот АРГ и на кој начин е прилагоден во Урбанон?
Alternate Reality Game или ARG како концепт претставува една интерактивна приказна која се раскажува низ повеќе медиуми и често го користи и реалниот свет како платформа за раскажување на приказната. Оваа мултимедијалност значи дека приказната се раскажува не само низ пишан текст, туку и низ слики, сајтови, апликации, видеа, аудио фајлови и слично.
Друга важна карактеристика е тоа што во ARG приказната се раскажува преку загатки и тајни кои играчите треба да ги откријат. Обично тоа се шифрирани пораки, скриени страни, локации во реалниот свет кои играчите треба да ги најдат или дешифрираат. Па така, ARG -от ги претвора учесниците од пасивни читатели во активни истражувачи кои треба и тоа како да се потрудат за да ја дознаат приказната, и со самото тоа тие се вовлечени во светот на приказната и самите се чувствуваат како да се дел од приказната.
Овој концепт на интерактивност, мистерија, и мултимедијалност беше имплементиран во Урбанон најпрво во самата маркетинг кампања. Уште на почетокот луѓето беа соочени со мистериозен вебсајт и беа поттикнати да истражуваат, да дешифрираат бинарни кодови и да наоѓаат скриени страни на самиот вебсајт. Понатаму, истото продолжува и по појавувањето на самата книга, со тоа што читателите откако ќе ја прочитаат книгата можат да симнат апликација преку која, користејќи клучни зборови од самата книга, можат да ја продолжат приказната и да откријат уште многу нови тајни и мистерии.
На корицата од книгата ги опоменуваш читателите дека текстот содржи информации кои можат да ја сменат нивната перцепција, да ги исплашат и да го доведат нивниот живот во опасност, на што се должи ова предупредување?
Па, ако се водиме според приказната во книгата, тајната организација Отралкон не сака тие информации да излезат на виделина, па следствено секој што би ја прочитал книгата би бил нивна мета, и со тоа нивниот живот е доведен во опасност. А и знаењето кое читателите го добиваат – дека сите урбани легенди се вистините, дека навистина постојат духови и паранормални работи, дека нивните најголеми стравови се вистина, сметам дека е навистина застрашувачка помисла која може потенцијално да го смени начинот на кој го гледаме светот, нели?
Секако, останува на читателите дали ќе поверуваат во тоа што го читаат, но тој вовед е наменет да ги вовлече во светот на книгата уште пред да ја отворат, а и да ги предупреди дека содржините во книгата навистина не се за секој. Има страшни, па и вознемирувачки документи, па не сакав некој да ја земе книгата и да ја отвори без да биде соодветно предупреден.
Па така, останува на читателот и тоа колку е тој храбар да ја отвори книгата и да продолжи со читање.
Урбанон е збирка на тајни документи од архивата на Отралкон, која зборува за паранормални настани и урбани легенди. Како се одвиваше целиот истражувачки процес, имајќи во предвид дека подготвуваш нови приказни за следни продолженија?
Искрено, од секогаш сум бил голем љубител на урбани легенди, на натприродни случки, на мистерии, на приказни што одат надвор од границите на тоа што е реално. Уште од самиот почеток на проектот, целта ми беше да изградам една урбана митологија во Скопје и Македонија, нешто што сметав (и сé уште сметам) дека фали во нашата книжевност, и општо во нашата креативна сфера, било да се работи за филмови, серии, уметност и слично.
Одамна сум фан на серијата Supernatural која, барем на почетокот, се фокусираше околу американските урбани легенди, и мене тоа ми фалеше кај нас. Немав наидено на книга со таква содржина, а и луѓето што ги прашував, освен неколку добро познати легенди како што се Невестата на Мостот, Куќата во Црниче и Црниот Самуил, не знаеја други приказни.
Некако се се вртеше околу духови и опседнати куќи, па сакав со Урбанон да го сменам тоа, да ги проширам хоризонтите на тоа што го сметаме за наша урбана митологија. Следствено на тоа, кога знаев што тематика ќе биде книгата, требаше да се одлучам за форматот и начинот на кој тие приказни ќе бидат прикажани.
Освен серијата Supernatural што ја спомнав, некои од големите инспирации за Урбанон ми беа и сериите X-Files, Fringe, Warehouse 13, како и сајтот SCP-wiki. Во сите тие се работи за организации што на некој начин се занимаваат со натприродното, со паранормалното.
Тој концепт на тајна организација која истражува паранормални настани сакав да го донесам кај нас, и знаев дека прикажувајќи ги приказните како документи ќе биде многу поинтересно и поинвентивно отколку тоа да се „старомодни“ раскази. Пак ќе се навратам тука на тоа што го спомнав за работи што фалат кај нас, што сметав дека треба да имаме повеќе експериментални и различни книги во нашата книжевност. И секако, тоа што приказните се документи носи нов момент што служи да ја донесе таа урбана митологија во нашиот свет – односно приказната која ги поврзува тие документи.
Објаснувањето за постоењето на самата книга е дека еден агент кој работи за таа организација Отралкон решава да ги изнесе тие документи пред јавноста, и ова ѝ дава една димензија на „реалност“ на книгата која дополнително ја збогатува атмосферата на приказните. Освен самите раскази кои се како изолирани приказни има и една голема приказна која ги опфаќа не само урбаните легенди, туку и се однесува на агентот и што му се случува нему.
Освен што во наредните книги ќе има и нови урбани легенди, ќе има и продолжение на неговата приказна која веќе се истражува преку ARG -от, преку апликацијата и вебсајтот.
Сега би се навратил на деновите пред книгата да излезе од печатница. Тогаш низ македонските медиуми и социјални мрежи се појави едно мистериозно прашање - „Што е 0101001101001011?“, заедно со вебсајт кој покажува како некој човек лебди над МРТВ. Колку промотивната кампањата ти помогна да се расчуе за книгата и дали нашата публика е отворена за таков вид на маркетинг?
Мислам дека главната причина за успехот на книгата беа сајтот и видеото. Луѓето екстремно позитивно реагираа на мистеријата и уште од првиот ден кога видеото се рашири по социјалните мрежи, луѓето почнаа да го истражуваат сајтот.
Таа интерактивност ги навлече луѓето да се заинтересираат и активно да следат што се случува со сајтот и кои тајни ги крие. Беше направена група каде луѓето споделуваа што имаат откриено и си помагаа меѓусебно, соработуваа разоткривајќи го сајтот. Се изненадив дека добар дел од луѓето знаеа што е тоа ARG, и повеќето препознаа дека сајтот е од таква природи и со отворени раце го прифатија тоа.
Дури и премногу се заинтересираа луѓето, и интересно беше што ме „разоткрија“ неколку дена порано отколку што очекував, што ме изненади позитивно. Но и откако луѓето открија дека се работи за книга, преовладуваа коментари за тоа колку е ова интересен начин на промоција, што навистина ме радува бидејќи делумно бев загрижен дека кога ќе се открие дека сајтот е поврзан со книга луѓето ќе се разочараат и ќе заборават на тоа.
Но, за моја среќа воопшто не беше така. Луѓето уште толку се заинтересираа и продолжија да следат што се случува и мислам дека тоа покажува колку нашата публика не само што е отворена, туку и чекаше нешто вакво, нешто поинакво што ќе ги заинтригира и ќе ја скрши монотонијата што се случува кај нас. Затоа се надевам ќе продолжат да се интересираат и да ја следат играта и сајтот бидејќи мистеријата е далеку од откриена – има уште многу работи кои тек допрва ќе се откриваат.
Дипломиравте англиска книжевност на Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а веќе две и пол години работите како дизајнер на видео-игри во студиото за анимација Lynx. Како успеваш да ја поврзеш книжевноста со светот на игрите и зад кои остварувања стои твојот потпис?
Со оглед на тоа што гејмер сум цел живот почнав да се интересирам за правење игри од прилика во истото време кога почнав да пишувам. И мислам многу природно ми дојде таа спојка на книжевност и игри, и баш ми е мило што животот ми отиде во таа насока да можат да кажам дека правењето игри ми е работа.
Секогаш сум размислувал и во двете насоки – ако пишувам нешто размислувам како таа приказна би функционирала како игра, и обратно, ако дизајнирам игра размислувам каква приказна се раскажува преку играта. Всушност, кај мене пишувањето и дизајнирањето игри взаемно си влијаат – ете Урбанон има доста гејмерски моменти, а пак игрите кои ги правам речиси секогаш имаат некаква приказна во позадина, дури и да не е видлива на површината.
Ако треба да одвојам некои игри што ги имам дизајнирано, би ги спомнал Duo Spheres и Thumb Thump, две поинтересни игри кои ги развивме во Lynx, а исто така би ја спомнал и мојата игра со карти која е сé уште во фаза на развој – Magorum.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело