Драган Стојчевски, прв Мистер на Македонија и спортски тип кој обожава мода: „На 45 години повеќе ме ангажираат како модел“
- Детали
- четврток, 20 февруари 2025
„Се сеќавам на изборот иако беше пред 20 години. Кога нè наредија сите на бина, почнаа да ги кажуваат победниците од 5-то место наназад. Кога кажаа кој е втор се разочарав, но кога ми го прочитаа името дека сум Мистер, се изненадив, солзи почнаа да ми течат“ - вели за CRNOBELO.com Драган Стојчевски, кој освен успех во модата има и бројни награди во бодибилдингот.
Драган Стојчевски (45) од Тетово, е дипломиран професор по физичко воспитување.
Јавноста и денес го препознава како првиот Мистер на Македонија, титула со која се закити пред 21 година.
Но, Драган е вљубеник и во бодибилдингот, спортска дисциплина во која има освоено многу награди.
Во разговор за CRNOBELO.com, тој ни откри детали за својата модна кариера, за времето кога беше избран за најубав маж во земјава, за љубовта кон бодибилдингот, но и неговите рутини за исхрана и нега.
Прочитајте го интервјуто со Драган:
Ти беше избран за прв Мистер на Македонија. Се сеќаваш ли на самиот избор, моментот кога ја доби оваа престижна титула?
Точно така, да. Во 2004-та се одржа првиот избор за Мистер на Македонија, кој го организираше модното студио Црнокрак.
Секако дека се сеќавам на изборот иако беше пред повеќе од 20 години.
Кога нè наредија сите на бина, Живкица Каленикова, која го водеше целиот настан, почна да ги кажува избраните момци со име и презиме, наназад, од петтото место.
Како доаѓаше кон врвот, кога спомна кој е второ место, си реков „Леле ме нема никаде... Добро, тоа е тоа, здравје ќе има друг избор“.
И додека си го мислев тоа, таа кажа „Мистер на Македонија е реден број 14, Драган Стојчевски“.
Се изненадив и како се движев кон неа почнаа солзи да ми идат. Кога го забележа тоа, Живкица рече „Не немој. Еве, драги пријатели, доказ дека и мажите плачат“.
Тоа навистина беше убав момент, но доживеав и многу интересни моменти тие години.
По тој избор бев на Manhunt International во Кина во 2006-та.
Таму се закитив со една споредна награда, Мистер на Европа.
Имав понуда да останам и да потпишам со една кинеска модна агенција, Galaxy, меѓутоа во тој временски период не се пронајдов некако таму, па се вратив назад после изборот.
Дали тоа ти ги отвори вратите во модниот свет кај нас и колку си и денес ангажиран за снимање реклами/кампањи?
Имав ангажмани после тоа тука кај нас. Не често, но имав.
Искрено, сега на 45 години, еве уште малку 46 (роден сум 28 март 1979), почнаа повеќе да ме ангажираат.
Можам да кажам дека сега имам повеќе работа отколку пред 20 години, па се шегувам и им велам „Додека бев помлад слабо ме ангажиравте, сега најдовте на стари години кога почнаа да ме викаат чичко Драган? (ха-ха)“.
Колку тоа што си дел од модниот свет влијае на твојот личен стил - како се облекуваш приватно? Каква облека преферираш, а што не би облекол никогаш, освен ако не е за некоја фотосесија?
Искрено, луѓето почесто можат да ме видат во спортска облека, но навечер кога излегувам, иако не често, избирам да бидам спортски елегантен со гардеробата.
Преферирам спортска гардероба повеќе.
Никогаш не би облекол хеланки во теретана или да одам на трчање со истите.
Гледам многу луѓе во теретаните, па и на кеј, трчаат со хеланки и шорцеви, но на крајот секој си бира што ќе облече.
Без кои три работи никогаш не тргнуваш на пат?
Гардероба, пари и патна исправа.
Ти имаш импресивна кариера во бодибилдингот, не само кај нас туку и во странство, како и бројни освоени награди. Кој момент беше пресуден за твоето влегување во овој свет и што те мотивираше да се посветиш на оваа дисциплина?
Со оглед на тоа што 12 години се занимавав со атлетика, до мојата 24-та година, кога престанав со тоа, решив да се посветам малку на вежбањето.
10 години сум натпреварувач во бодибилдинг, од мојата 35-та година.
Мој најголем мотив и награда е учеството на Светското првенство кое се одржа во Санта Сузана, Шпанија во ноември 2024-та година.
Таму го освоив 4-тото место, иако имав ист број поени со трето пласираниот, но тој беше Шпанец, па судиите одлучија нему да му го доделат третото место.
Овој успех и овој медал ги посветив на мојот татко кој, еве, веќе 4 години не е присутен меѓу нас, но е човекот кој од мал ме насочи на вистинскиот пат.
Сето ова што го постигнав низ годините ми е за него.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





