Теодора од Скопје е студентка на Економски со просек 10: „Може да бидам фрустрирана ако добијам пониска оценка поради неправда“
Како би го оценила Економскиот факултет при УКИМ? Што ти се допаѓа, а што сметаш дека недостасува и може да се подобри? Што мислиш за образованието во Македонија воопшто?
Јас би рекла дека во склоп на УКИМ, Економски факултет е еден од факултетите со подобра организација. Ми се допаѓа транспарентноста и пристапот до информации, односно навременото известување за активностите на факултетот и распоредот на предавања, колоквиуми, испити и слично.
Она што може да се подобри е давањето поголема слобода на студентите при запишување на изборните предмети. Во моментов, студентите кои сме запишани според студиската програма од 2022 година сме доста ограничени во нашиот избор, а тоа претходно не било така. Не знам зошто е сменето.
Во образованието во Македонија прекумерен акцент се става на теоретското знаење и подготовка отколку на практичните импликации.
Оваа разлика во однос на странските универзитети е многу позабележлива на ниво на високото образование и штетно влијае на кадарот којшто произлегува од овие простори.
Сметам дека треба темелно да се реинвентира материјалот кој се предава на нашите факултети.
Дали и претходно имаш добивано слични награди и признанија? Со кое достигнување си најгорда? Каков ученик беше во основно и средно? Одеше ли по натпревари?
Во основно учествував на натпревари од природните науки, од кои омилена ми беше биологијата. За жал, голем дел од моето средно образование се одвиваше за време на ковид пандемијата, па вообичаените активности и натпревари беа сведени на минимум.
Во мојата четврта година, откако го победив натпреварот за селекција, добив можност да учествувам на Меѓународната филозофска олимпијада во Олимпија и да ја претставувам нашата држава.
Натпреварот се состоеше во пишување на аргументиран есеј на одредена филозофска тема. Беше едно извонредно искуство каде се запознав со млади интелектуалци од целиот свет, а добив и почесно признание за мојот есеј.
Би рекла дека со тоа достигнување сум досега најгорда.
Што се случува кога ќе добиеш 9-ка? Се нервираш ли?
Во одреден момент, поради одредени фактори и околности, можеби ќе добијам и пониска оценка. Тоа може да биде извор на фрустрација доколку се работи за неправда или околности надвор од моја контрола.
Доколку сум успеала да го дадам најдоброто од себе и на тој начин сум ја заработила оценката, каква и да е, би била задоволна од себе.
Дали си преполагала некој испит за да го задржиш успехот?
Сè уште не, но ако некогаш сметам дека би можела да добијам подобар резултат, би размислила за таква опција. Сепак, тоа е право на секој студент.
Само треба да се оцени дали моменталната оценка вреди да се ризикува за потенцијално повисока оценка и дополнителниот труд кој доаѓа со тоа.
Што по завршувањето на факултетот? На која позиција се гледаш себеси во иднина?
За време на студиите сакам да се вклучувам во дополнителни активности и обуки со цел да ги изградам моите вештини и мрежата на контакти. Стекнувањето со работно искуство е исто така многу важно за мене.
Ги охрабрувам компаниите повеќе да размислуваат за вклучувањето на активни студенти во нивното работење, бидејќи постои голем потенцијал кој може да донесе нови идеи и свежи перспективи.
По завршувањето на дипломските студии би сакала да почнам да работам со полно работно време и да ја градам својата кариера.
Во идеален случај тоа подразбира работа во компанија која работи на својата дигитализација и ги следи најновите трендови во изведувањето на бизнисот преку електронската трговија.
Сакам да се соочам со одредено ниво на неизвесност и потреба од креативно решавање на проблеми.
Постдипломските студии би ги започнала малку подоцна.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Софија Спирова | Црнобело
Би можело да ве интересира:





