Саша Ковачевиќ за CRNOBELO: „Никој не ми е поблизок од брат ми, за него би го дал и животот“
А што се однесува до вториот дел од прашањето, да бидам искрен и немало некое снимање на кое сум се забавувал лудо.
Вака - на снимањето на последните 4 спотови што ги снимав неодамна, имавме по 200 луѓе што беа на сет секој ден, а некој спот го снимавме и повеќе од два дена.
Сакам да кажам дека кога си продуцент на спотот, ти не се забавуваш.
Секоја секунда и секоја минута од тој ден чини многу, ама многу пари, и затоа не ти е воопшто забавно од тој аспект, бидејќи секое пречекорување на саатницата за снимање може да е изгор-скапо.
Но, јас се трудам да ми е убаво барем додека снимам и да најдам луѓе кои се со добра енергија, па да се опуштиме, и барем во однос на тоа да ни е убаво додека работиме.
Каков си приватно, кога си во својот дом и никој не те гледа?
Па, би рекол дека сум многу здодевен тип (ха-ха).
Мирен сум и сега сум во некои години кога веќе немам потреба да излегувам. Не сум асоцијален тип, но не сум ни некој што се дружи премногу.
Си го најдов својот мир со поубавата половина, со нашата малечка, покрај својот брат, со семејството.
Па, кога немам работа и кога нема турбуленции, ми годи тој мир и тоа мирно море што го имам дома.
А таму сум и креативен, секогаш правам нешто ново.
Сакам да одам и во теретана, во мојот ресторан кој ми е буквално пред станот, па знам да отидам таму да ручам и тоа е сè.
А имаш ли можеби некое хоби за кое никој не знае, освен блиските?
Јас сум спортски тип, сакам спорт. Порано знаев да одам често на тенис, на баскет, понекогаш и на бокс бидејќи во средно го тренирав тој спорт.
Но, периодов пак ми се разбуди таа желба за боксување, особено по снимањето на последните спотови, па мислам дека ќе продолжам.
Веќе неколку години имаш свој ресторан во Белград, „Ритуал“. Знаеш ли некогаш да влезеш во кујната и да му „се мешаш“ на главниот готвач или не те бива за готвење?
Не би било ни етички ни хигиенски да влезам во кујната на ресторанот за да готвам, бидејќи постојат стандарди кои мора да се почитуваат во кулинарскиот бизнис, особено ако сакате да се занимавате со нешто професионално.
На готвачот не сакам да му се мешам во работата, сепак е професионалец кој е платен за тоа, а сметам дека е врвен во својот занает.
Нормално, знам да влезам и во кујната за да им мавнам и да ги поздравам вработените, тоа е првата работа што ја правам кога ќе влезам во ресторанот, за да споделам убава енергија со нив.
Јас гледам на животот од позитивен аспект, сакам насмеани луѓе, сакам убава енергија и се трудам да сум на таа некоја позитивна фреквенција.
Па, и оние кои немаат убав ден, сакам да ги расположам со некоја шега, со некој коментар.
Дали постои некој специјалитет на менито само затоа што ти е омилен на тебе - што инсистираше дека мора да се служи во „Ритуал“?
Да, тоа е паста со гамбори (ракчиња), зашто навистина го обожавам овој специјалитет.
И да бидам искрен, не знам дали се порачува, бидејќи од 10 ресторани во Белград, 8 сигурно го имаат ова на менито, ама во нашиот рецепт има и сос кој е направен по мој вкус, па ми се допаѓа.
Ете, тоа е некој луксуз што можам да си го дозволам - да имам јадење по мој вкус, дури и да не им се допаѓа на другите.
И уште една работа, ако сум искрен - не јадам тестенини многу често, а да можам, би ги јадел секој ден за појадок, ручек и вечера.
Се хранам здраво и навистина многу ретко имам по некој cheat meal.
Низ годините 100 пати те оженија, па „те раскинаа“ со Зорана, де сте заедно - де не сте, си ги избришал заедничките фотки од Инстаграм... Реагираш ли денес на такви наслови или веќе и не ги читаш?
Знаеш, пред некој ден баш размислував дали ваквите работи, дури и потсвесно, влијаат на сите нас?! И верувам дека е така, дека влијаат.
Кога преку 20 години се занимаваш со шоу бизнис, ќе научиш да живееш со тоа.
Самиот мозок регистрира или не регистрира некои работи, но мислам дека потсвесно останува кај сите нас.
Никој не сака да се зборува нешто грдо за него, а за мене баш имало неубави работи, и по портали и во коментари.
А притоа, јас не сум скандалозен тип. Како што кажав сакам да сум дома.
Замисли што ќе се случуваше секоја вечер да бев некаде - па, никогаш немаше да го имам тој свој мир.
Можеби и поради трачевите и невистините, делумно избрав да сум повлечен и да водам помирен живот.
Верувам дека секого го погодуваат одредени теми, наслови или лаги, но од друга страна, нас Бог нè благословил да се занимаваме со оваа работа, па тоа ни е ѕвездата водилка.
Треба да се потпираме само на некоја убава енергија, а луѓето ќе измислуваат и пишуваат што сакаат, тоа е.
Ти си многу близок со својот брат. Но, се случува ли некогаш да се скарате „смртно“? И кој од двајцата прв попушта?
Точно, ние сме многу блиски, така било цел живот. И скоро никогаш не се караме.
Се случува да имаме несогласувања, некој да биде „поексплозивен“ (во 90% од случаите тоа сум јас и не се гордеам со тоа).
Но, реално, ние немаме конфликти, немаме караници, туку со повишен тон знаеме да изреагираме во некоја ситуација поврзана со работата.
Јас никогаш во животот не би си дозволил да се карам со брат ми, бидејќи навистина него го сакам најмногу на светот, тој е мојата втора половина и многупати сум кажал дека во истата секунда би го дал животот за него.
Кавгата со него, за мене е караница со самиот себе и во таа ситуација не верувам дека некој може да победи.
Што би го советувал денес 18-годишниот Саша кога би можел да се вратиш во времето?
Еден од првите совети е да верува во себе, да се труди да биде што подисциплиниран зашто во тие години сме многу чудни тинејџери, го испитуваме животот, емоциите, ставовите и се трудиме да научиме многу.
Но мислам дека дисциплината е клуч во животот и треба да се потпреме на неа, ако сакаме да постигнеме некаков успех.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело