Д-р Валентина Сотироска, ембриолог: „Жените над 40 години имаат 8% шанса да забременат со ин витро“

„Над 3.000 парови во Македонија, на годишно ниво имаат потреба од асистирана репродукција, а причините за неплодност се многубројни“, вели за CRNOBELO.com д-р Сотироска, која 17 години работи како ембриолог. 

d-r-valentina-sotiroska-embriolog-zhenite-nad-40-godini-imaat-8-shansa-da-zabremenat-so-in-vitro-01.jpg

Доц. Д-р Валентина Сотироска (47) e доктор на биолошки науки и ESHRE сертифициран клинички сениор ембриолог (European Society for Human Reproduction and Embryology), вработена во клиниката за вештачко оплодување Newborn Clinic во Скопје.

Таа скоро четврт век работи во научно истражувачката дејност, а последниве 17 години д-р Сотироска работи во полето на ембриологијата и репродуктивната медицина.

За тоа што значи да се биде ембриолог, за причините за неплодноста, дали и како може да се решат, но и колку парови во Македонија годишно бараат помош за забременување, прочитајте во интервјуто:

Што значи да се биде ембриолог?

Ембриолозите се биолози и научници фокусирани на истражувањата на репродуктивното здравје на човекот и третманите за неплодност.

Тие учествуваат во пронаоѓање и изведување тестови за испитувањe на плодноста на репродуктивната моќ на јајце клетките и сперматозоидите и креирање и испитување на добиените ембриони во лабораториска средина. 

d-r-valentina-sotiroska-embriolog-zhenite-nad-40-godini-imaat-8-shansa-da-zabremenat-so-in-vitro-04.jpg

Колку години го работите ова и зошто си ја сакате професијата?

Со научно-истражувачка работа работам од 2000 година, а со ембриологија и репродуктивна медицина последните 17 години.

Навистина е прекрасно чувството да бидете дел од создавањето потомство.

Ние имаме голема одговорност кон нашите пациентите кои ни ја даваат довербата.

Волшебен е моментот кога сте учествувале во спојувањето на две магични клетки (јајце клетка и сперматозоид), кога го гледате зачетокот на ембрионот, кога го трансферирате кај мајката и наредниот пат кога во живо ќе го запознаете и гушнете малото бебенце.

Таквите моменти се бесценети.    

Кои се причините за неплодност кај многу парови?

Постојат голем број причини за неплодност.

Кај жената тие можат да бидат резултат на хормонски дисбаланс (полицистични јајници со нередовни овулации), нетретирани инфекции кои можат да доведат до т.н. запушување на јајоводите (сперматозоидите не можат да стигнат и да ја оплодат јајце клетката), анатомски промени на матката (прегради, миоми), ендометриоза, генетски промени, како и слабиот квалитет на јајце клетките.

Кај мажите неплодност се јавува поради ниска концентрација или отсуство на сперматозоиди, слабата подвижност и лоша морфологија на сперматозоидите, а кои ја намалуваат репродуктивната моќ на истите. 

Откриени се преку 40.000 енвиронментални фактори (загадување, пластика, нездрава исхрана) кои директно влијаат на процесите на создравање на јајце клетките во јајниците и сперматозоидите во тестисите кај мажите. 

d-r-valentina-sotiroska-embriolog-zhenite-nad-40-godini-imaat-8-shansa-da-zabremenat-so-in-vitro-06.jpg

Колку паровите во Македонија се соочуваат со неплодност и што доколку кај едниот партнер е потврдена неплодност - дали има надеж и решение за потомство?

Според податоците со кои располагаме, над 3.000 парови на годишно ниво имаат потреба од асистирана репродукција во нашата земја.

Во нашиот ИВФ центар работиме посветено на нашите пациенти, постапуваме според персонализирана асистирана репродукција и со имплементација на најсофистицирани ИВФ техники ги решиме проблемите на голем дел од нив.

Како изгледа процесот на замрзнување јајце клетки и ембриони, какви услови се потребни?

Со имплементација на техниките за криопрезервација се овозможи луѓето да си ги замрзнуваат  своите репродуктивни клетки (сперматозоиди, јајце клетки или ембриони) од медицински и од социјални потреби.

Замрзнувањето на јајце клетките се прави со претходна хормонска стимулација на јајниците со цел да добиеме повеќе на број.

Кај мажите кај кои е детектирана ниска концентрација на сперматозоиди се замрзнува ејакулат или тестикуларно ткиво.

Кај пациентите кои поминуваат низ ИВФ постапка, доколку се развијат повеќе квалитетни ембриони кои ги задоволуваат критериумите за замрзнување, им предложуавме на пациентите да им ги замрзнеме и да си чуваат до наредба употреба за да се избегне повторна хормонска стимулација за нов ИВФ обид, или ако е успешен првиот ИВФ обид, тогаш за раѓање на второ или трете дете.

d-r-valentina-sotiroska-embriolog-zhenite-nad-40-godini-imaat-8-shansa-da-zabremenat-so-in-vitro-02.jpg

Колку најмалку време треба да помине од едно неуспешно ин витро оплодување до следниот обид?

Се пропорачува шест месеци пауза помеѓу два ИВФ циклуса поради хормонската стимулација на жената.

Ако пациентката прави трансфер на замрзнати ембриони или ИВФ постапка на природен циклус без хормоска стимулација, во тој случај временската рамка може да биде помала од шест месеци, во зависност од одлуката на докторот која ја „води“ жената.

Како една жена треба да се подготвува за ин витро процедура во однос на исхрана, вежбање, медикаменти и слично?

За сите пациенти кои планираат потомство, било да е по природен обид или со ИВФ постапка, советуваме да применуваат здрав начин на исхрана, особено медитеранската кујна, да се исфрли белото брашно, благото и газираните пијалаци.

Докoлку се работи за повозрасни парови, кои се над 35 години, советуваме и витаминска суплементација со цел да ја подобриме енергетската моќ на клетките, а која со текот на години се намалува.

Енергијата во клетката е многу битна за правилно распределување на хромозомите во клетките и правилен развој на ембрионите.

Што значи ин витро оплодување?

Тоа е симулација на природното оплодување, но во лабораториски услови.

d-r-valentina-sotiroska-embriolog-zhenite-nad-40-godini-imaat-8-shansa-da-zabremenat-so-in-vitro-03.jpg

Колкав е процентот на успешни ин витро постапки кај нас?

Успехот во ИВФ постапките зависи од возраста на паровите, особено од возраста на жената.

Се смета дека кај жени постари од 35 години има квантитативен и квалитативен пад на јајце клетките поради акумулирање на генетски абнормалности.

Статистички анализирано, кај жените помлади од 35 години шансите за успех се околу 55%, на возраст од 35-37 години шансите се околу 40%, кај жени меѓу 38-40 години се околу 26%, а кај жените над 40 години - тие се 8%.

Дали постои некоја друга метода или друг начин што го изведувате за зголемување на шансите за забременување?

Доколку парот е носител на некое генетско заболување или пациентката имала неколку неуспешни ИВФ обиди или спонтани абортуси, препорачуваме да се направи генетско испитување на ембрионите добиени со ИВФ постапка.

Тестирањето се врши со биопсирање на неколку клетки кои ќе бидат генетски репрезент на ембрионот.

Ако тестовите ни потврдат дека ембрионот нема генетска промена, тогаш тој ембрион го враќаме во матката на жената со цел да ја зголемиме шансата за имплантација и раѓање здраво дете.

За крај, што би им препорачале на оние што планираат да започнат ин витро процедура?

Моја препорака е да бидат опуштени, да не се плашат, да имаат меѓусебна доверба и доверба во тимот на доктори, ембриолози, медицински сестри кои ќе направат сè што е можно за исполнување на најголемата желба - потомстово. 

d-r-valentina-sotiroska-embriolog-zhenite-nad-40-godini-imaat-8-shansa-da-zabremenat-so-in-vitro-05.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Стефан Миленковиќ за CRNOBELO: „Секогаш со задоволство се враќам во Македонија, го сакам вашиот ајва... „И понатаму свирам на виолината изработена во 1783 година. Таа била во сопствено...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
„Со радост се сеќавам на моето детство во Скопје, кога не се заклучуваа вратите и комшиите беа насме... „Сум имал среќа да живеам повеќе години во четири различни земји од нашиот регио...
Сара Трајковска, ќерката на Борис Трајковски ексклузивно за CRNOBELO: „Омилените спомени со татко ми... „Често му бев верна придружба кога одеше на пазар, а кога патуваше, од секаде ми...
Миро Кацаров за родниот град: „Старата чаршија во Штип ме научи на 'школо' кое нема цена“ „Роден сум во Штип и растен сум во бивша Југославија, каде сите маалски детски и...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg