Успешни Македонци низ светот: Руки Чуки oд Скопје нацрта мурал на трговски центар во Лондон
- Детали
- четврток, 12 декември 2024
„Како студент на Ликовната академија во Скопје паметам дека 2007-ма беше годината кога почнав да експериментирам со мурали и улична уметност“, ја започнува својата приказна за CRNOBELO.com Ружица Мандичевска, позната како илустраторката Руки Чуки.
Ружица Мандичевска (Руки Чуки) од Скопје живее во Лондон веќе 9 години, a љубовта кон цртањето на мурали кај неа доживеа кулминација кога беше избрана на оглас за цртање на мурал на трговскиот центар „Southside Shopping Centre“ во Лондон.
За CRNOBELO.com таа открива:
„Како студент на Ликовната академија во Скопје паметам дека 2007-ма беше годината кога почнав да експериментирам со мурали, улична уметност и некако тоа се менуваше заедно со околностите.
Во еден период се чувствував доста активна на ова поле, но подоцна одлучивме да се преселиме во Лондон и во тој момент муралите беа на пауза, па се појавија дигиталните илустрации коишто ги негувам веќе 10 години.
Секое мое дело е некоја емотивна приказна, некој голем чекор, голема промена во мојот живот.
Ме радува дека тоа е мојот филтер и начин на изразување и справување со промени.
Нормално, не можам да издвојам посебен мурал или илустрација затоа што сите се печат на некое време коешто е мое.